МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

18 февруари 2025
Скопје - На Попова Шапка има најмногу снег, 32 сантиметри, а таму беше измерена и најниска температура од -10 степени, додека во Маврово беа измерени -6, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минусни температури имаше и во Крушево, Крива Паланка, Берово, Виница, Тетово, Прилеп, Штип, Скопје-Зајчев Рид, Битола и во Велес, а нула степени беа измерени во Скопје-Петровец, Охрид, Кавадарци, Демир Капија и Струмица. Највисока температура имаше во Гевгелија, каде утрово беа измерени 3 степени.
Покрај Попова Шапка, снег во земјава има и во Маврово – 8 сантиметри, 3 во Скопје-Петровец, 2 во Виница и 1 сантиметар во Крива Паланка.
Скопје - Стабилното време минатата недела со ниски утрински и дневни повисоки температури во границите на просекот ја одржуваат состојбата на мирување кај земјоделските култури која е неопходна за овој период од годината, велат агрометеоролозите од УХМР.
Тие препорачуваат, ако почвените услови дозволуваат земјоделците да почнат или да продолжат со кроење на виновата лоза и овошките, со подготовка на површините во пластеничкото производство и со евентуално со прихранување на есенските посеви.
-Во локалитети и кај сорти каде постојат услови за измрзнување поради ниски зимски температури и ризик од доцни пролетни мразеви, се препорачува резидбата да се изврши на крајот на февруари и почетокот на март, нагласуваат агрометеоролозите.
Скопје - Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 18. седница.
На дневен ред на седницата, се Донесување одлука за избор на основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Прилеп и донесување одлука за избор на основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Гевгелија.
Скопје - Во Скопје денеска ќе биде одбележан јубилејот - 80 години ЈП Службен весник на Република Северна Македонија.
На одбележувањето на јубилејот, како што е најавено, обраќање ќе има и заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски.
Скопје - Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска треба да биде разгледан на седница на Влада, по што ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
Од владината прес-служба, вчера потврдија дека на денешната седница ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, тоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
- Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем. Довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава, информираат од прес-службата на Владата.
Скопје - Во рамки на проектот „Заедно со потрошувачите во дигитализација и модернизација на јавните комунални услуги во Општина Охрид“ денеска во Охрид ќе се одржи форум на сите засегнати страни потрошувачи, локални медиуми, претставници од локална самоуправа, Совет за заштита на потрошувачи на Охрид, претставници од јавните комунални претпријатија...
На форумот ќе бидат презентирани наодите од Истражување на задоволството на граѓаните од услугите на јавните комунални претпријатија на општина Охрид, Извештајот за спроведените интервјуа со јавните комунални претпријатија и претставници на Општина Охрид и Предлог насоките за подобрување на електронската достапност на административните постапки за комуналните услуги во општина Охрид.
Атина – Два земјотреси со јачина од 5 и 4,9 степени беа регистрирани утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, во рамките на серијата земјотреси од изминатите најмалку три седмици, јави дописничката на МИА од Атина.
Двата земјотреси беа во период од нешто помалку од час и половина, најсилниот беше во 6.46 часот, на кој му претходеше еден од 4,5 степени, додека кусо по 8 часот утрово беше регистриран уште еден, од 4.9 степени според Рихтер.
Најсилниот земјотрес во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.
Атина– Без вести и информативни емисии, од утрово е Грција, поради 24-часовниот штрајк на новинарите организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, а главното барање е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија, јави дописничката на МИА од Атина.
Штрајкот започна од 5 часот и ќе трае до утре наутро, а во овие 24-часа на телевизиите нема да се емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и голем дел од информативните портали.
Освен колективни договори, вработените во медиумите бараат и: почетна плата од 1.250 евра во сите медиуми; зголемување на платите за 10 отсто врз основа на последните колективни договори за работа; загарантирана плата за работа за време на викендите (плус 25 отсто и слободен ден за сабота и плус 100 проценти за недела); зголемување на надоместокот за испраќање на терен вон градот каде што се наоѓаат; дневници од 350 евра за испраќање во воени зони и 250 евра во подрачја погодени од елементарни непогоди.
Загреб - Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ денеска ќе положи заклетва за својот втор петгодишен мандат. На инаугурацијата во Претседателската палата на Пантовчак ќе присуствуваат околу сто гости, меѓу кои и четворица потпретседатели на Саборот, но никој од Владата.
Милановиќ повторно беше избран за претседател на 12 јануари, кога во вториот круг го победи својот противкандидат Драган Приморац, поддржан од ХДЗ.
Инаугурацијата, која ќе започне на пладне, ќе ја следат поранешни претседатели на државата, претставници на институции и здруженија, припадници на вооружените сили, верски лидери, лидерите на партиите што го поддржаа Милановиќ, како и неговото семејство и пријатели.
Анкара - За време на разговорите на Минхенската безбедносна конференција, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан му соопштил на американскиот специјален претставник за Русија и Украина Кит Келог и на државниот секретар Марко Рубио дека Анкара е подготвена да прифати мировни преговори за Украина.
Како што пренесува весникот Туркије, повикувајќи се на извори, Фидан за два месеци остварил четири телефонски разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Фидан се состана и со новиот американски државен секретар Марко Рубио на Минхенската безбедносна конференција.
Анкара - Украинскиот претседател Володимир Зеленски и првата дама Олена Зеленска синоќаа пристигнаа во официјална посета на Турција.
„Официјална посета на Турција заедно со првата дама. Средби со претседателот Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган. Продолжуваме со сите напори за размена на воените заробеници – нашите луѓе мора да се вратат дома“, објави Зеленски на социјалните мрежи.
Тој додаде дека со турските власти ќе разговараат и за прашањата поврзани со сигурноста за обезбедување храна, додека неговата сопруга ќе се фокусира на образовната и културната дипломатија.
Москва - Директорот на рускиот Фонд за директни инвестиции (РДИФ), Кирил Дмитриев, изјави денеска, пред почетокот на руско-американските преговори во Ријад, дека американскиот претседател Доналд Трамп е „човек кој решава проблеми“.
„Навистина гледаме дека претседателот Трамп и неговиот тим - тим кој решава проблеми, луѓе кои многу брзо, многу ефективно и многу успешно се соочија со голем број големи предизвици“, рече Дмитриев.
Тој посочи дека американските компании изгубиле околу 300 милијарди долари со напуштањето на рускиот пазар поради војната во Украина.
Париз - Европа е подготвена да преземе иницијатива за обезбедување безбедносни гаранции за Украина, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по вчерашната вонредна средба за Украина во Париз.
„Европа е подготвена и има волја да се активира, да преземе иницијатива за да и овозможи безбедносни гаранции на Украина“, рече Руте, истакнувајќи дека тоа е клучниот заклучок од состанокот што го организираше францускиот претседател Емануел Макрон.
Дополнително, во својата објава на мрежата Икс, Руте ја истакна потребата од дополнително дефинирање на деталите, но увери дека обврските се јасни.
Париз - „Војната во Украина: пренабрегнати од Трамп и Путин, на крајот од мини-средбата во Елисејската палата, Европејците беа поделени по прашањето за испраќање војници“, пишува францускиот весник „Монд“.
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа собра осум европски лидери и шефови на НАТО и ЕУ, помалку од една недела откако Вашингтон и Москва се договорија да започнат „итни“ разговори за ставање крај на конфликтот. Но, дали средбата ќе биде пример за неефикасни напори? Министрите за надворешни работи на САД и Русија - Марко Рубио и Сергеј Лавров - во моментов треба да се сретнат во Ријад за да започнат со „нормализација“ на нивните односи. Европските лидери во Елисејската палата, сепак, не успеаја да покажат единство, но сепак се надеваат дека ќе одиграат улога во претстојните преговори за ставање крај на војната во Украина, и покрај спротивните сигнали од Вашингтон и Москва, нагласува француското издание, истакнувајќи дека Макрон се воздржал од сумирање на резултатите од состанокот на кој бил домаќин.
Париз - Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека разговарал телефонски со неговиот француски колега Емануел Макрон за безбедносните гаранции за Украина и за постигнување траен мир.
„Споделуваме заедничка визија – безбедносните гаранции треба да бидат цврсти и веродостојни“, напиша Зеленски на мрежата Икс (поранешен Твитер). „Секое друго решение без такви гаранции – како на пример кревко примирје – ќе биде само уште еден тактички маневр на Русија за одвлекување на вниманието и вовед во нова руска војна против Украина или други европски земји“.
Според Зеленски, Макрон го информирал за разговорите што ги водел не само со европските лидери, туку и со други меѓународни партнери.
Ријад - Високи американски и руски претставници, вклучително и министрите за надворешни работи на двете земји, денеска ќе разговараат за подобрување на билатералните односи и преговори за ставање крај на војната во Украина. Тоа ќе биде најзначајната средба меѓу САД и Русија од целосната инвазија на руските трупи во соседната земја пред речиси три години.
Разговорите во Саудиска Арабија означуваат уште еден важен чекор на администрацијата на Трамп за промена на американската политика на изолација на Русија и имаат за цел да го отворат патот за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, јавија американските медиуми.
Ријад – Во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад почнаа преговорите помеѓу руската и американската делегација за завршување на војната во Украина.
Како што јавија руските медиуми, преговрите се водат во една од палатите на кралското семејство, Дирија во комплексот Албасатин,
Во Ријад допатуваа шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и помошник-претседателот на Русија, Јуриј Ушаков. Американската делегација е предводена од државниот секретар Марко Рубио.
Буенос Аирес - Претседателот на Аргентина Хавиер Милеј синоќа првпат се огласи по викендот обележан со скандал околу промоцијата на криптовалутата либра ($LIBRA), јави аргентинскиот весник „Кларин“.
Во интервју за телевизијата „Тодо Нотисиас“, Милеј го релативизираше случајот, споредувајќи го со коцка: Ако одите во казино и загубите пари, на што се жалите, ако однапред знаете како функционира?.
Тој инсистираше дека учесниците во купопродажбата на криптовалутата, чии вредности нагло пораснаа, а потоа паднаа откако многумина брзо ги повлекоа вложувањата, „добрo знаеле што прават“ и „доброволно влегле во тоа“.
Бостон - Учесниците во демонстрациите против американскиот претседател Доналд Трамп и неговата политика се спротивставија на ниските температури ширум САД на митинзи организирани по повод празникот Денот на претседателите.
Организаторот „Движење 50501“ ги нарече демонстрациите „Без кралеви на денот на претседателите“, а тие се одржаа во услови на поларен циклон во кој вчера загинаа 10 луѓе, а сега се движи кон запад, носејќи температури кои според метеоролозите се „опасни по живот“.
Демонстрациите се одржаа помалку од две недели по слични протести низ целата земја во десетици американски градови.
Газа - Британската невладина организација Оксфам денеска соопшти дека само седум отсто од водата од пред конфликтот сега им е достапна на Палестинците во северниот и јужниот дел на Појасот Газа, што го зголемува ширењето на болестите и ја влошува здравствената катастрофа во енклавата.
Во северниот дел на Газа, кој ги вклучува Џабалија, Беит Ханун и Беит Лахија, израелската армија ги уништи речиси сите бунари и резервоари, додека на југ, во Рафах, повеќе од 90 отсто од бунарите и резервоарите се делумно или целосно оштетени, а производството на вода е помалку од пет отсто од капацитетот пред конфликтот, соопшти Оксфам.
Вашингтон - Светска банка ќе објави проценка за штетите на инфраструктурата во Газа, заедно со ажурирана проценка на штетите во Украина на 25 февруари, изјави денеска извршната директорка Ана Бјерде.
Таа нагласи дека извештајот за Газа, подготвен заедно со Обединетите нации и Европската Унија, ќе даде поцелосен преглед на штетите што ги претрпе палестинската енклава во војната со Израел, пишува „Тајмс оф Израел“.
Извештајот објавен од Светската банка во април покажа дека Газа претрпе штета од 18,5 милијарди долари на критичната инфраструктура во првите четири месеци од војната, објави Ал Џезира.
Торонто - Осумнаесет лица се префрлени во локалните болници по авионската несреќа на аеродромот во Торонто, изјави на брифинг шефот на противпожарната служба на аеродромот Тод Аиткен. „Пистата беше сува и немаше страничен ветер“, рече тој, додавајќи дека Одборот за безбедност на транспортот се уште ги истражува причините за инцидентот.
Во авионот имало 22 Канаѓани, а останатите се странци, изјави за новинарите Дебора Флинт, главен извршен директор на управата за аеродроми во округот Торонто. Според нејзините информации, повредените брзо се пренесени во болници и никој од нив не е во критична состојба. Претходно беше соопштено дека три лица се тешко повредени. Две од пистите на аеродромот остануваат затворени и се очекуваат одложувања во наредните денови.
Пјонгјанг - Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека Пјонгјанг ќе ги зајакне своите нуклеарни сили и ги критикуваше САД што се обидуваат да го спречат тоа, објавија севернокорејските државни медиуми.
Министерството, одговарајќи на неодамнешната заедничка изјава на Јужна Кореја, САД и Јапонија дека нивната цел е Северна Кореја целосно да биде ослободена од нуклеарно оружје, нагласи дека Пјонгјанг „доследно ќе се придржува до новата линија на зајакнување на нуклеарната сила“, објави КЦНА.