• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

 7 февруари 2025 

Скопје - Министерството за внатрешни работи соопшти дека неговите надлежни служби преземаат сеопфатни плански мерки и активности по пристигнатите пријави за наводно поставени бомби утрово во училишта низ државава. 

-Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување, информира МВР. 

Скопје – Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На денешното рочиште се очекува да биде сослушан сведокот Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа, прибавувајќи видео снимки.

Трајковски е последен сведок на предлог на Обвинителството. Тој требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, меѓутоа, поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен на органите на прогон поради друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.

Скопје - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице и Обвинителен предлог против четири лица за злоупотреба во изведбата на проектот за фасада и илуминација на зградата на Владата. 

-Обвинителниот акт се темели на докази од кои произлегува дека обвинетиот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело со дејствијата што ги преземал во период од февруари до април 2013 година, свесно ги повредувајќи ги прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка сторил кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, соопшти утрово Јавното обвинителство.

Скопје - Полициски службеници од СВР Тетово вчера во 11.35 часот на улица „146“ во Тетово лишиле од слобода 50-годишен тетовец, Р.Љ., осомничен дека на 1 февруари  извршил кривично дело „тешка кражба“.

МВР информира дека од зграда во изградба, сопственост на Ф.Е.(50) од тетовското село Милетино, осомничениот одзел повеќе предмети.

Скопје - Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов потврди дека Игор Југ, еден од осудените за случувањата во Собранието на 27 април, починал синоќа на 54-годишна возраст.

Дел од медиумите објавија дека Игор Југ барал повторување на постапката, но Кривичен суд утрово ја демантираше таа информација. Оттаму информираа дека до Кривичниот совет не е доставено барање за повторување на постапката.

Скопје - Управниот одбор на Заедница на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ќе ја одржи 24 седница, на која на покана од ЗЕЛС ќе присуствува и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Како што соопштија од ЗЕЛС, во согласност со новиот Меморандум за соработка потпишан меѓу Владата на РСМ и ЗЕЛС (август, 2024 година) ќе се дискутира за натамошниот развојот на фискалната децентрализација во нашата земја, за можностите за јакнење на финансиската стабилност на општините и за потребата од ревидирање на методологиите за распределба на блок дотациите што централната власт им ги префрла на општините за спроведување на одредени надлежности, меѓу кои за: образованието, за градинките, за противпожарната заштита и друго.

Скопје - Народната банка постојано работи на усвојување на најдобрите европски практики и стандарди со што сѐ повеќе се приближува до Европскиот систем на централни банки. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Република Италија во земјава, Паоло Палминтери.

Во оваа смисла беше нагласено значењето на поднесеното барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Амбасадорот Палминтери ја изрази својата поддршка за заложбите на Народната банка во овој процес. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена што ќе овозможи скорешно пристапување на нашата земја во СЕПА.

Атина – Уште еднаш препорачувам смиреност, да ги слушаме упатствата од цивилната заштита и посакуваме појавата брзо да заврши, а островот целосно да се врати во својот нормален ритам, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Санторини, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис од утрово е во посета на островот и посочи дека „целиот државен механизам е мобилизиран“ и внимателно ги следат упатствата на експертите, кои ја советуваат цивилната заштита.

Подгорица - Граѓанската група Алтернатива, организатор на бојкотот за купување во Црна Гора, ги повика граѓаните денеска и утре да не одат во големите супермаркети, за да ги принудат нивните сопственици да ги намалат цените.

-Ги повикуваме сите граѓани на Црна Гора да не купуваат ништо во мегамаркетите на 7 и 8 февруари. Ако мора да набавите основни намирници, купете ги на мали, локални пазари. Да ги поддржиме оние кои се со нас, а не оние кои не ограбуваат! Ова е гласот на народот, напишаа на Фејсбук.  

Најавија дека в понеделник ќе донесат одлука кој трговски синџир ќе го бојкотираат седум дена.

Будимпешта - Унгарија ќе преземе чекори за да обезбеди целосна транспарентност на сите средства што доаѓаат од САД кон невладини организации и медиуми кои го критикуваат унгарското владеење, изјави премиерот Виктор Орбан во денешното интервју за државното радио.

Орбан, кој е близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, истакна дека е време да се „елиминираат овие странски мрежи“, особено во контекст на размислувањата на Трамп да ја спои Американската агенција за меѓународен развој (USAID) со Стејт департментот во рамки на плановите за намалување на трошоците согласно политиката „Америка на прво место“.

Брисел - Еден маж е убиен синоќа во ново пукање поради шверц на дрога во Брисел, соопштија локалните власти. Ова е трето пукање од средата наутро во општина Андерлехт, каде властите се запознаени со неколку локации за шверц на дрога.

Градоначалникот Фабрис Кампс рече дека тоа е „војна на банди за контрола на територијата“. Тој апелираше за зголемено полициско присуство.

Според првичните информации од локалните медиуми, новото пукање е поврзано со слични инциденти во последните два дена во близина на метро станицата Клемансо.

Хаг - Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска реагираше на санкциите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп против оваа институција, нагласувајќи дека ќе продолжи да обезбедува „правда и надеж“ во светот.

„МКС ја осудува издадената Извршна наредба на САД со која се настојува да се воведат санкции против неговите официјални лица и да се нанесе штета на неговата независна и непристрасна судска работа“, се вели во соопштението на судот.

Нант - Човек кој добил налог да плати 200 евра затоа што зборувал на телефон со вклучен звучник на железничка станица во Франција, ја почна правната битка против казната.

Во јавноста познат само како „Давид“, за француската телевизија „БФМ ТВ“ (BFM TV) изјави дека пред неколку дена разговарал на телефон со сестра сѝ на станицата во Нант, кога му пришол вработен во Француската национална железничка компанија - СНЦФ. Му било кажано дека ќе биде казнет со 150 евра доколку не го исклучи телефонскиот звучник, а казната, според кажувањата на „Давид“ (54), подоцна била зголемена на 200 евра бидејќи одбил да плати на самото место. Тој потоа најмил адвокат да ја оспори казната.

Киев - Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, денеска изјави дека разговарал за претстојните состаноци и ситуацијата на бојното поле со специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог.

Јермак рече дека се разговарало за различни теми, од посетата на Келог на Украина и безбедноста на украинските цивили, до состаноците подоцна овој месец на Минхенската безбедносна конференција.

Киев - Украинското претседателство соопшти дека е подготвено да отвори хуманитарен коридор што ќе овозможи евакуација на стотици руски цивили од пограничниот регион Курск, доколку Москва го побара тоа.

„Подготвени сме да отвориме хуманитарен коридор во регионот Курск во случај на официјално барање од Русија“, изјавија од украинското претседателство за западни медиуми.

Повеќе од 1.500 цивили се уште живеат во областите на регионот Курск во западна Русија што украинската војска ги заплени во офанзивата започната во август.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека е подготвен да стави крај на војната во Појасот Газа под услов лидерите на палестинското движење Хамас да ја напуштат територијата, пренесе Аксиос.

Според извори блиски до преговорите, Нетанјаху за време на неговата посета на Вашингтон претставил план според кој Хамас ќе бара да се откаже од власта, а неговите лидери да го напуштат Појасот Газа.

Њујорк - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека борбите во Демократска Република Конго меѓу бунтовниците и владата може да се прошират во целиот регион, јави ДПА.

Кон крајот на минатиот месец, групата М23 го нападна градот Гома во провинцијата Северен Киву и на крајот го освои по неколкудневни борби против војската.

Бунтовниците, за кои експертите велат дека се поддржани од соседна Руанда, со години се активни во источниот дел на ДР Конго и веќе презеле контрола врз големи делови од провинцијата Северен Киву, богата со ресурси.

Њујорк -  Хјуман рајтс воч предупреди дека суспензијата на американската помош може да ги влоши во камповите во кои се роднини на осомничени џихадисти на ИД во североисточна Сирија, повикувајќи го Вашингтон да ја продолжи поддршката.

Во камповите и затворите во регионот управувани од Курдите се уште се наоѓаат околу 56.000 луѓе со или наводни врски со групата ИД, неколку години по територијалниот пораз на џихадистите. Тие вклучуваат осомничени џихадисти во затвори, како и сопруги и деца на борците на ИД кои се во кампови   Ал-Хол и Рој.

Вaшингтон - Специјалниот пратеник за Украина и Русија, Кит Келог, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да ги засили санкциите кон Русија за да се стави крај на војната во Украина, но нагласи дека и Москва и Киев ќе мора да направат отстапки за да се постигне мир.

Келог за Њујорк пост изјави дека санкциите против Русија во моментов се само на трето од десет нивоа во однос на економскиот притисок, додавајќи дека има простор за дополнително заострување, особено санкциите поврзани со руското производство и извоз на нафта.

Џуно - Патнички авион „Беринг ер“ со 10 лица исчезна на пат од Јуналаклита до Ном, на Алјаска, а потрагата е во тек, објави Одделот за јавна безбедност на американската сојузна држава.
 
Малиот турбопропектор Cessna Caravan превезувал девет патници и еден пилот, се вели во соопштението.

Алјаска се соочува со поголем број авионски несреќи од другите американски сојузни држави, се вели во извештајот на Националниот институт за безбедност и здравје при работа (NIOSH).

Панама Сити - Официјален Пекинг денеска изрази „длабоко жалење“ поради одлуката на Панама да се повлече од кинеската инфраструктурна иницијатива „Еден појас, еден пат“. Овој потег следуваше само неколку дена по посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на оваа централноамериканска држава.

„Еден појас, еден пат“ е централна стратегија на Кина за проширување на своето глобално економско и инфраструктурно влијание. Преку овој проект, во кој се вклучени над 100 држави, се инвестира во изградба на патна, железничка и поморска инфраструктура, главно во земјите во развој, со цел да се обезбеди стабилен транспорт на кинески стоки.

Остани поврзан