• среда, 09 октомври 2024
МИА Радио флеш

 10  септември 2024

- На Попова Шапка утрово се измерени 10 степени Целзиусови, а во изминатите 24 часа до 08 часот наврнале 59 литри на метар квадратен воден талог.  Во Лазарополе и Маврови Анови се измерени 11 степени, 14 во Охрид, Дебар и Крушево, 16 Претор и Крива Паланка, 17 Скопје-Зајчев Рид Битола, Тетово, Прилеп, Виница и Куманово, 18 Струмица, Штип, Велес и Кавадарци, 19 Скопје-Петровец, Демир Капија и Гевгелија. Како што информираа од УХМР до 08 часот во Маврови Анови и Лазарополе наврнати се 40 литри на метар квадратен, 36 во Тетово, 35 во Дебар, 31 Претор, 23 Охрид, 17 Скопје-Зајчев Рид, Крушево, 10 Скопје-Петровец, 9 Прилеп, 8 Куманово, 7 Велес, Тополчани, 6 Битола, 3 Кавадарци, 2 Крива Паланка, Демир Капија, Штип, Виница, Пожар, 1 Струмица, Гевгелија. Времето денеска ќе биде облачно и свежо, наместа нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи. Локално врнежите ќе бидат поинтензивни (над 30 l/m2) проследени со грмежи. Максималната температура ќе достигне од 19 до 24 степени.

- Иако претходната Влада не предвидела средства за исплата на К15 во основниот буџет, со новиот ребаланс Владата обезбедува 1 милијарда денари за исплата на К15 за вработените во администрацијата. Со оваа одлука над 84 илјади вработени во државната администрација ќе добијат по 11 илјади денари К15. Исплатата ќе биде најдоцна до декември оваа година.  Со тоа ќе се реализира уште една значајна поддршка за вработените. Со овој пакет К15 ќе бидат опфатени и вработените наставници во училиштата. На овој начин Владата покажува конкретна грижа за секој еден вработен во исполнување на нивните права.

- Важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година. МВР денеска ги повика сите граѓани кои се уште имаат возачка дозвола со старото уставно име, да ја обноват својата возачка дозвола, до истекот на рокот, со цел да не се создаваат непотребни гужви. - Сите капацитети на министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024, без никакво доцнење и гужви, соопштија од МВР. 

-  Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишен тетовец со непријавено престојувалиште во Скопје, кој е осомничен дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик. - На 9 септември, по пријава за нарушен јавен ред и мир, полициски службеници дошле во станот на улицата „Миле Поп Јорданов“ во Скопје, каде осомничениот престојувал со неговата девојка. Констатирале прекршок поради расправија на осомничениот со таткото на девојката, а таа на полицајците им предочила дека осомничениот имал некаков вид недозволени супстанции кои ги чува во нивниот дом. Како непосреден држател на станот таа дала согласност службени лица да влезат во домот и да извршат претрес, при што биле пронајдени 501 таблета од 3,4 метилен-диоксиметамфтамин, стимуланс на централниот нервен систем, спакувана во една поголема најлонска кеса, соопштија денеска од Јавното обвинителство на РСМ.

- Актерот Никола Ристановски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“ што се доделува за придонес во македонскиот театар и култура на истоимениот театарски фестивал што традиционално се одржува во Крива Паланка. Наградата ќе му биде врачена на 16-от фестивал што ќе се одржи од 28 септември до 6 октомври во „Градот на културата за 2024", на кој ќе учествуваат театрите од Велес, Винковци Хрватска, МНТ, Скопје, Вршац и Белград од Србија, Ќустендил , Бугарија и Драмски театар- Скопје, информираат од организацискиот одбор на Меѓународниот театарски фестивал "Свети Јоаким Осоговски". Досегашни добитници на ова веќе престижно признане се: Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Јелена Жугиќ, Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Драган Спасов – Дац, Билјана Пројковска и други.

- Четворица мажи од српска националност се уапсени доцна синоќа во северниот дел на Косовска Митровица, соопшти полицијата, а причина за тоа биле навреда и напад врз двајца полицајци.  Инцидентот се случил околу еден час по полноќ. Полицијата тврди и дека тројца од нив биле под дејство на алкохол и затоа синоќа не биле во можност да дадат изјава. Петрит Фејза од косовската полиција за северниот регион, за Коснет изјави дека младите момчиња на градското шеталиште прво навредувале, а потоа нападнале двајца полицајци, по што си заминале. Еден од полицајците, тврдат од полицијата, се здобил со телесни повреди. Од ноќеска на интернет кружат видеа од апсењето, а некои граѓани тврдат дека овие млади момчиња биле тепани пред и за време на апсењето. 

– Електричното поврзување Грција – Кипар е од голема важност и од заеднички интерес за Европската Унија, која делумно го финансираше проектот, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис одговарајќи на пратеничко прашање, додека пак во Никозија, кипарскиот претседател Никос Христодулидис за денеска свика состанок за конкретниот проект, јави дописничката на МИА од Атина. Проектот „Great Sea interconnector“ во висина од околу два милијарди евра предвидува поврзување на Кипар со Европа преку Грција, а електричниот кабел да се прошири и до Израел со ќе биде најдолгиот подморски кабел во светот во вкупна должина 1.208 километри.  За денешниот состанок што Христодулидис го свика во Претседателската палата, кипарските медиуми коментираат дека е од клучно значење за проектот, а позитивниот исход ќе донесе укинување на енергетската изолација на Кипар, ќе стави крај на загриженоста што секоја година се изразува за капацитетите за снабдување на пазарот со електрична енергија, а се очекува и да ги избалансира високите тарифи за струја. 

 - Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и во Швајцарија, Марта Кос е новата кандидатка на Словенија за еврокомесарка.  Во 2022 година Кос беше номинирана за претседателка на Словенија како кандидат на либералното Движење Слобода (ГС) на словенечкиот премиер Роберт Голоб, но се повлече од трката уште пред изборите. Во моментов таа е ангажирана како советничка на бриселската канцеларија на лоби агенција Криб.  Кос ќе го замени поранешниот прв човек на Словенечкиот суд на ревизори, Томаж Весел, кој ја повлече својата кандидатура за еврокомесар во петокот. Повлекувањето на Весел уследи по информациите дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побарала од некои земји членки да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, со цел да се постигне колку што е можно поголема родова еднаквост во новото извршно тело на ЕУ. Претходно и Романија го замени својот кандидат за еврокомесар со кандидатка. 

- Американскиот институт за проучување на војната оцени дека Кремљ најверојатно се обидува да најде посредници за преговорите со Украина. Според извештајот на Институтот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнал со своите колеги од Бразил и Индија, Мауро Виеира и Субрахмањам Џаишанкар, на маргините на вчерашниот состанок на Советот за соработка меѓу Русија и Заливот во Саудиска Арабија. Лавров со соговорниците разговарал за војната во Украина, но руското Министерство за надворешни работи не открива детали од средбата. Бразил и Кина од мај го промовираат својот мировен план од шест точки „Политичко решение на украинската криза“, чии клучни принципи се во корист на Русија.

- Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, денеска изјави дека Русија нема да води никакви преговори со Киев се додека не ги „избрка украинските терористи од Курскиот регион“. - Не сме воделе никакви преговори со терористите, не водиме и нема да водиме се додека не ги протераме од нашата територија. Желбата да се изврши нуклеарен терор против нуклеарната централа Курск не е ништо друго туку највисоко ниво на тероризам, рече Шојгу во интервју за ТВ каналот „Русија 24“. Според него, „украинските терористи“ сакале да ја заземат нуклеарната централа Курск. -За среќа, не успеаја, истакна Шојгу.

 – Денеска почнаа вежбите на руската морнарица „Океан-2024“, а во нив ќе учествуваат повеќе од 400 воени бродови, подморници и помошни бродови, соопшти руското Министерство за одбрана. - Во маневрите, кои ќе се одржат во водите на Тихиот и Арктичкиот Океан, Медитеранот, Каспиското и Балтичкото Море, ќе бидат вклучени повеќе од 400 воени бродови, подморници и пловни објекти за помошната флота, се вели во соопштението. Во вежбите ќе учествуваат повеќе од 120 авиони и хеликоптери на поморската авијација на Воената морнарица и Воздушно-вселенските сили, а ќе бидат вклучени околу седум илјади парчиња оружје, воена и специјална опрема, како и повеќе од 90 илјади луѓе. Стратешката командно-штабна вежба „Океан-2024“ ќе трае до 16 септември.

- Авганистан ја затвора својата амбасада во Норвешка, еден ден по најавеното затворање на претставништвото во Лондон. Во соопштението од амбасадата на мрежата X е наведено дека затворањето ќе се случи во четврток и дека просториите во Осло ќе бидат предадени на Министерството за надворешни работи на Норвешка. „Амбасадата на Исламската Република Авганистан, како и многу други политички и конзуларни претставништва на Авганистан, ќе ги продолжат своите активности со вредностите на почитување на човековите права, плурализмот и мирот, и покрај бројните тешкотии и ограничените ресурси“, се вели во соопштението на амбасадата. Британското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Авганистан ја затвора својата амбасада во Лондон.

- Зачестеноста на ракот на кожата кај младите во Шведска по една деценија раст, за првпат опадна, но истражувањата покажуваат и дека оваа скандинавска земја е прва во Европа која забележа таков напредок. Ризикот од рак на кожата се намалува кај луѓето помлади од 50 години, вели Хилдур Хелгадотир, вонредна професорка по онкологија на Институтот Каролинска и главен автор на студијата објавена во медицинското списание JAMA Dermatology. „Тој пад веројатно во голема мера може да се припише на зголемената свест за потребата да се заштити кожата од сонце и пореткото користење на солариуми“, рече таа, додавајќи дека „некаде во 2015 година имаше јасен и значаен пресврт на трендот“. „Пред 2015 година имаше просечен пораст на ракот на кожата од 5 проценти годишно кај луѓето во триесеттите години, но од 2015 година тој се намали во просек за пет проценти годишно“, истакна Хелгадотир.

 – Властите во Иран планираат до крајот на март мерки за депортација на околу два милиони луѓе без статус на легален престој, соопшти командантот на безбедносните сили, Ахмад-Реса Радан. Во Иран со месеци се води дебата за големиот број мигранти од соседен Авганистан, кои бегаат од својата земја откако талибанците ја преземаа власта во 2021 година. Иранскиот министер за внатрешни работи Ескандар Момени ја нагласи маката на Авганистанците, велејќи дека тие се „културни луѓе“, но додаде дека Иран „не може да прими толку многу мигранти“. Околу 4,5 милиони авганистански бегалци моментално живеат во Иран, многу од нив без дозвола за престој, според Агенцијата за бегалци на ОН. Според иранските медиуми, неофицијалната бројка е многу поголема. 

 – Свлечиштата и големите поплави предизвикани од тајфунот Јаги убиле најмалку 65 луѓе, а други 39 се водат како исчезнати, соопштија денеска локалните власти. Тајфунот Јаги – најсилниот што ја погоди земјата во последните 30 години – го погоди северен Виетнам во саботата, носејќи силни ветрови и пороен дожд. Но, последиците се покажаа особено смртоносни, со повеќекратни свлечишта пријавени додека обилните дождови продолжуваат, се вели во извештајот на Виетнамската управа за управување со катастрофи. Низ северен Виетнам, Јаги оштети повеќе од 46.000 куќи. На бројни продавници, згради и училишта им беа урнати покривите, додека стотици илјади дрвја беа откорнати низ северните провинции. Невремето уби речиси 700.000 живина и говеда, а поплави речиси 150.000 хектари оризови полиња. Исто така, потона најмалку 85 бродови и уништи речиси 1.600 рибарници.

Остани поврзан