• понеделник, 20 мај 2024
МИА Радио флеш

22 декември 2023

Скопје -  Во Собранието денеска почна расправата по Дополнетиот предлог Буџет за 2024 година, кој се најде на пленарна седница откако заврши амандманската расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според ресорониот министер Фатмир Бесими, Предлог-буџетот води кон обезбедување услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост. Како што посочи, ќе се обезбеди и таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и стопанството и за интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

 -Во 2024 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 3,4 проценти, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, рече Бесими.

Скопје - Основното јавно обвинителство информира дека во обвинителството пристигнале обдукциските наоди за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кои беа пронајдени мртви на 3 декември во околината на Скопје и Велес.

Станува збор за наодите што се дел од истрагата која Основното јавно обвинителство Скопје ја води против Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиствата на Ѓорчевска и Панче, кој е во притвор во Турција и се чека на неговата екстрадиција, и уште петмина други осомничени.

Истрагата за убиството на 14. годишната Вања Ѓорчевска и 74. годишниот велешанец Панче Жежовски започна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.

Скопје - По повод промената на дејноста, видот и називот на болницата за деца „Козле“ во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети институцијата која со одлука на Владата прерасна во универзитетска клиника.

Во обраќањето тој соопшти дека Владата на седница во октомври донесе одлука со која ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ - Скопје прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. 

Посочи дека со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно -методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината. 

Скопје - Сто и три рекламации се поднесени за услугите на АД Пошта на Северна Македонија во првото полугодие од годинава, а 659 за услугите на приватните поштенски оператори, покажуваат податоците презентирани денеска на јавен состанок на Агеницијата за пошти (АП).

Рекламацииите за националната пошта се за препорачани писма, односно  89,3 проценти се за пречекорување на рокот за достава, а 10,7 проценти за изгубени препорачани писма, додека кај давателите на поштенски услуги на слободниот пазар 31,7 проценти од рекламациите се за пречекорување на рокот на достава на поштенските пратки, а 46,7 проценти за изгубени пратки. 

Споредено со истиот период лани, бројот на рекламациикај давателите на услуги на слободниот поштенски пазар е зголеме за 59,7 проценти, а кај давателот на универзалната услуга Пошта на РСМ има намалување.

Скопје - Финансиската полиција во понеделник влегува во Град Скопје во врска со набавката за новогодишното украсување на главниот град.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска информираше дека украсувањето на главниот град ќе чини 30 илјади евра, многу помалку во споредба со другите години.

По забелешките во јавноста за новогодишното украсување во Скопје и реакциите дека не е објавен тендер, Од Град Скопје излегоа со информација дека украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици.

Скопје - Со 97 гласа „за“ пратениците на денешната собраниска седница ја изгласаа одлуката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се Цвета Ристовска, Татјана Димитровска, Софија Спасова Медарска, Сервет Демири, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев и Зоран Богоевски.

Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари.

За претседател и членови на ДКСК, беа пријавени 41 кандидат кои на 23, 24 и 25 ноември беа испрашувани од Комисијата за избор.

Делчево - Напредува изградбата на филтер станицата за прочистување на водата за пиење за општина Делчево. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која при денешната посета на Делчево изврши увид во работите, информираше дека работите на овој капитален инфраструктурен објект, со кој се воспоставува квалитетен водоснабдителен систем за општината се одвива според посакуваната динамика, очекувајки негова финализација до крајот на април 2024 година. 

Проектот за водоснабдување и третман на отпадни води во Делчево е повеќегодишен проект што се реализира врз основа на билатерален договор на Владата, која преку МЖСПП го склучи со Швајцарската конфедерација за обезбедување на финансиски средства и техничка помош. Домашната контрибуција на Владата, преку МЖСПП, како што напомена Шукова е приближно 1,3 милиони швајцарски франци искористени за реконструкција на постојната застарена водоснабдителна мрежа, нејзино проширување и приклучување на селата Ѕвегор и Габрово кон водоснабдителниот систем.

Делчево - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска оствари работна посета на Општина Делчево. Заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и градоначалникот на Делчево Горан Трајковски направија увид на новоизградениот градски пазар. 

Како инвестиција поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку мерката 123 од Програмата за финасиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, изградбата на овој капитален проект, како што рече Николовски, беше децениска желба и реална потреба на граѓаните во општина Делчево. 

Скопје - Од 1 јануари, Министерството за финансии повеќе нема да дава согласност за вработување, туку раководителите на државните буџетски институции сами ќе одлучуваат за новите вработувања во согласност со годишниот финансиски план и прегледот за вработувања, информира ресорниот министер Фатмир Бесими.

За ова да стапи на сила, како што кажа на денешната средба со новинарите, прво ќе треба да бидат донесени Законот за буџет и Законот за извршување на буџетот.

За да оствари ново вработување, раководителот на институцијата ќе треба да достави изјава до Агенцијата за вработување или до Агенцијата за државни службеници во која под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека во буџетот на институцијата се обезбедени средства за новото вработување.

Тирана - Заврши времето кога во Албанија не се спроведуваа одлуките на обвинителствата и судовите. Сега сите се еднакви пред законот. Вака министерот за внатрешни работи Таулант Бала од Фиер ја коментираше одлуката на Собранието да го отвори патот за апсење на поранешниот премиер Сали Бериша.

Ова е негова прва реакција по вчерашното одземање на пратеничкиот имунитет и денешното барање на СПАК за определување мерка домашен притвор за Бериша.

- Правосудната реформа е надеж на сите албански граѓани законот да важи подеднакво за сите. Тоа и го гледаат и се уверуваат во тоа. Денеска се наоѓаме во важен историски момент на реваншизам на силата и владеењето на правото против организираниот криминал, додаде тој.

На новинарско прашање дали казната за Бериша е задоцнета, одби да одгвори, само ги поздрави новинарите со „довидување“.

Приштина - Косовскиот премиер Албин Курти денеска најави можност следната година да се напише „современ европски нацрт“ на статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО).

Тој на Фејсбук, како одговор на специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, кој неодамна изјави дека нацрт-статутот на ЗСО е внатрешна работа на Косово, рече дека може да го напише нацртот настатутот, во соработка со министерот за заедници и враќање, Ненад Рашиќ и министерот за администрација на локалната самоуправа, Елберт Красниќи.

Тој рече дека се верува дека Брисел и Лајчак „повеќе ќе се занимаваат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ“, кој, како што рече, „ги украде изборите во Србија“, наместо да вршат притисок врз косовската јавност „со опции кои го трансформираат демократско и проевропско Косово во проблематична тема“.

Тирана - Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, по добивањето на дописот од парламентот за одземање на пратеничкиот имунитетот на поранешниот албански премиер Сали Бериша побара од Специјалниот суд да му определи мерка „домашен притвор“.  

Барањето е потпишано од специјалните обвинители Арбен Краја и Енкеледа Милонаи, а одлука за новата мерка треба да донесе судијката Ирена Ѓока, од Специјалниот суд. Вчера, по барање на СПАК, со 75 гласа „за“, Собранието вчера му го одзеде имунитетот на Бериша, со што се отвори пат за негово апсење, јави Ора њуз.

Брисел - Европската комисија објави дека ЕУ обезбедува од своите стратешки залихи 500 генератори за производство на електрична енергија во болниците и училиштата во Украина.

Електропреносната мрежа во земјата е под постојан руски оган, се забележува во пораката.

Се додава дека и покрај напорите, невозможно е да се врати мрежата. Новата пратка е со вкупна вредност од 16,5 милиони евра, додаваат од Комисијата.

Досега ЕУ и обезбеди на Украина 5.500 генератори, од кои 2.178 се од европските залихи. Украина доби и трансформатори, високонапонска опрема и светилки од ЕУ.

Норвешка, Турција, Северна Македонија, Исланд и Србија, исто така, учествуваат во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кои понудија медицинска опрема и засолниште, како и возила, се вели во соопштението. Досега Украина доби 98 илјади тони помош во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Прага - Чешката полиција денеска објави ново видео од нападот од зградата на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет во Прага, каде напаѓачот уби 14 лица, а рани уште 25. Тие, на прес-конференција, објавија и нови детали и потврдија дека напаѓачот се самоуби по масакрот.

 

-Во престрелката на Филозофскиот факултет загинаа 14 студенти и други лица, а убиен е и насилникот. Вкупно 15 загинати, изјави директорот на прашката полиција Матејчек.

Министерот за внатрешни работи Вит Ракушан претходно изјави дека вкупниот број на жртви е 13, а четиринаесеттиот загинат е напаѓачот. Напаѓачот од ходникот на Филозофскиот факултет ранил и три лица на улица.

Кога полицијата му пришла и го опколила, тој се застрелал со пушка. Напаѓачот од колеџот удрил во едно цивилно и едно полициско возило.

 

Остани поврзан