МИА Радио флеш
- 30 октомври 2024
30 октомври 2024
Скопје - Во македонското Собрание денеска ќе се одржи „Дигитален мост: Собраниски хакатон“ кој има за цел да ги поврзе младите програмери со Собранието преку развивање иновативни софтверски решенија.
Хакатонот се реализира во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, како организатор и домаќин е Собранието на Република Северна Македонија. Има за цел да ги поврзе младите програмери со Собранието преку развивање иновативни софтверски решенија, користејќи сетови на податоци од Порталот за отворени податоци на Собранието, Националниот портал за отворени податоци и Порталот за отворени финансии.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на поставување камен темелник на изградба на нова детска градинка во населено место Ново Село кај Стопански Двор во Општина Ѓорче Петров, информира владината прес-служба.
Детската градинка ќе има капацитет за згрижување на над 100 деца, на површина од 415 м2 на приземје и 483 м2 на прв кат. Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.
Скопје - Уставниот суд денеска треба да ја одржи 28. Седница. На дневен ред, како што е најавено, се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободите и правата и четири предлози за одлучување со нацрт-одлуки.
Барањето за заштита на слободите и правата се однесува за оспорени дејствија на Министерство за внатрешни работи. Според наводите во барањето, поднесено од Глигорие Ќатоски, со дејствијата на МВР, конкретно со издавање на неговиот пасош и лична карта со старото име на државата, иако „Преспанскиот договор“ бил во правна сила повеќе од две години, подносителот на барањето тврди дека му е загрозено уставно загарантираното право слободно да ја напушти територијата на државата и да се врати во неа.
Скопје - Со „Националната конференција за медиумска писменост во образованието“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и ИРЕКС што ќе се одржи денеска од 10 до 12 часот, во Хотел Лимак во Скопје продолжуваат Денови на медиумска писменост 2024.
Како што соопштуваат од МИМ, на почеток на конференцијата ќе се обратат министерката за образование и наука, Весна Јаневска и Џери Дајбл, претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија. Претставници од Бирото за развој на образованието, МИМ, ИРЕКС, Државниот испитен центар и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ги презентираат досегашните активности поврзани со воведување на медиумската писменост во формалното образование, меѓу кои и наодите од истражувањата спроведени меѓу ученици од основните и од средните училишта.
Скопје - Во македонското Собрание денеска ќе се одржи Конститутивна седница на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на лицата со попреченост.
На седницата ќе се обрати Африм Гаши, претседател на Собранието, Весна Бендеска, потпретседателка на Собранието и поранешна претседавачка со Меѓупартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, Јован Митрески, поранешен претседавач со Меѓупартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и Никола Мицевки, координатор на Пратеничката група ВМРО-ДМПНЕ и претседавач со Меѓупартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост.
Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи Јавниот форум за еднаквост во образованието, кој ќе ги истражува критичните прашања околу еднаквоста, спречувањето и заштитата од насилството и промоцијата на инклузивни вредности во нашиот образовен систем.
-Примарниот фокус на овој форум е да се поттикне пошироко разбирање на еднаквоста и насилството во образованието, кое оди подалеку од декларативно застапување за инклузија. Со интегрирање на интерсекциски дискурс, ќе истакнеме како различните форми на дискриминација - врз основа на род, сексуална ориентација, попреченост, социо-економски статус и етничка припадност - се вкрстуваат и создаваат уникатни предизвици за маргинализираните ученици. Затоа, јавната дискусија околу овие теми не само што е витална, туку и задоцнета, бидејќи работиме на тоа образовните системи да бидат безбедни, правични и овластувачки за сите ученици, без оглед на нивната различност, велат организаторите.
Атина - Претседателите на САД и Кипар Џо Бајден и Никос Христодулидис денеска ќе се сретнат во Белата куќа, што воедно ќе биде прва средба на претседателите на двете земји по пауза од 28 години, а се очекува да разговараат за низа теми меѓу кои и кипарското прашање, јави дописничката на МИА од Атина.
Прес-секретарката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека билатералната средба е по успешниот инаугуративен стратешки дијалог САД-Република Кипар, започнат на 23 октомври.
Брисел - Европската комисија денеска треба да го објави Пакетот на извештаи за напредокот на европскиот пат на 10-те земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за 2024 година, меѓу кои и за Северна Македонија.
Како што најави вчера портпаролот на Еврокомисијата, Стефан де Керсмакер, откако „Пакетот за проширување“ ќе биде усвоен од страна на Колеџот на комесари, тој официјално ќе биде презентиран од страна на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
Брисел – Луѓето во Грузија со месеци ја демонстрираат својата приврзаност кон демократските вредности и кон напредок на нивната земја на патот кон ЕУ, па затоа заслужуваат јасност за изборниот процес и легитимитет на идната влада, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со, како што оцени, „многу загрижувачките случувања“ во оваа поранешна советска република по парламентарните избори одржани во саботата.
- Барам транспарентна истрага. Централната изборна комисија на Грузија и релевантните власти мора да ги истражат пријавените неправилности, притисоци и заплашувања на гласачите, кои влијаат на довербата на јавноста во (изборниот) процес. Тие неправилности мора да се решат брзо, транспарентно и независно, наведува Борел.
Брисел - Европската Унија го осуди вчерашниот ракетен напад врз припадниците на Мисијата на ОН во Либан (УНИФИЛ), најверојатно извршен од движењето Хезболах или милитантна група поврзана со него, при кој беа ранети осуммина австриски мировници.
- Нападите врз мировниците на ОН претставуваат кршење на меѓународното право и се целосно неприфатливи, се наведува во писмената изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел упатена во името на Европската Унија.
Вашингтон - Кандидатот за претседател на САД од Републиканската партија Доналд Трамп изјави дека доколку победи на изборите на 5 ноември Европската Унија ќе треба да „плати висока цена“ поради тоа што не купува доволно американски стоки.
- Видете што ќе ви кажам: Европска Унија звучи прекрасно, нели? Сите убави мали европски држави собрани заедно, рече тој на митинг во Пенсилванија, најавувајќи дека ќе воведе „Закон Трамп за реципрочна трговија.“
Ерусалим - Началникот на израелскиот Генералштаб, генерал Херзи Халеви, вчера се закани дека ќе го нападне Иран „многу силно“ доколку Техеран возврати на нападот на Израел врз воени цели во саботата.
-Ако Иран направи грешка да истрела уште еден одбојник на проектили кон Израел, ние повторно ќе знаеме како да го погодиме Иран (...) и ќе погодиме многу, многу силно, нагласи генерал-полковник Херзи Халеви.
Киев - Украинската противвоздушна одбрана уништи 33 од вкупно 62 дронови испратени од Русија во текот на ноќта, соопштија украинските воздушни сили.
За дополнителни 25 дронови не се знае состојбата, но дел веројатно биле пресретнати, стои во изјавата на „Телеграм“.
Атланта - Вооружен маж со неколку различни оружја испукал најмалку 15 истрели низ ѕидовите, вратата и балконот на неговиот стан во хотелот Four Seasons во Атланта за време на престрелката попладнево и бил приведен, изјавија од полицијата.
-Седумдесет-годишниот осомничен употребил пиштол и сачмарка за време на пукањето, изјави началникот на полицијата во Атланта, Дарин Шербаум на прес-конференција.
Вашингтон - Врховниот суд на САД го отфрли барањето на независниот американски претседателски кандидат Роберт Кенеди Џуниор да го отстрани од гласачките ливчиња во две клучни држави.
Висконсин и Мичиген се меѓу државите кои би можеле да поддржат кој било кандидат и да го одредат исходот од претседателската трка. Кенеди Џуниор се повлече од изборите и го поддржа републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Тајпеј - Тајван очекува силниот тајфун Кун Реи да падне на копно и издаде предупредување за тревога пред бурата, која ќе донесе обилни дождови и силни ветрови на поголемиот дел од островот.
Се прогнозира дека тајфунот ќе биде од категорија 4 кога ќе падне утре наутро. Прво ќе го погоди ретко населениот и планински источен брег на Тајван во округот Таитунг. Потоа ќе помине низ јужниот дел на Тајван, ќе влезе во Тајванскиот теснец и ќе се упати кон Кина, соопшти Централната метеоролошка управа на островот.