МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
30 октомври 2024
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре учествува на Министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Конференцијата е организирана во копартнерство од страна на министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина.
На конференцијата, како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се очекува министрите да разменат мислења и ставови околу враќањето на воените заробеници и незаконски притворените цивили како резултат на руско-украинската војна, како и за изнаоѓање најсоодветни механизми за враќање на незаконски раселените и присилно депортираните украински деца од страна на Руската Федерација.
- Дополнително, се очекува од конференцијата да произлезе акциски план за ослободување на притворените цивили, воени и политички заробеници, како и за враќање на депортираните деца. Планот ќе опфати и мерки за нивна рехабилитација и повторна реинтеграција со нивните семејства по враќањето во татковината, се наведува во соопштението.
Скопје - Во организација на програмата за развој на Обединетите нации се одржува настан во пресрет на 29. Конференција на страните на Обединетите нации за климатски промени - зголемување на амбициите и овозможување акција“.
На настанот ќе зборуваат претседателката Гордана Силјановска -Давкова, првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити; министерката за енергетика, рударство и минерални сировини, Сања Божиновска, како и Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан.
Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија ја одржува 15-та сесија на Работната група 4 (Поглавје 24)- „Правда, слободa и безбедност“ на тема: „Предизвиците во борбата со финансискиот криминал во Република Северна Македонија: Важноста на ефикасните финансиски истраги“.
Скопје - Во последното деноноќие имало регистрирано 10 пожари на отворено на територија на цела држава. Тројца пожарникари од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје вчера, од 12:30 до 6:05 часот, со едно возило гаснеле пожар на отворен простор во атарот на скопското село Брест. Пријавата била од службено лице на ЕВН Македонија. За пожарот биле известени БППЗ на Град Скопје, Општина Чучер Сандево и ЈП „Национални шуми“.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), скопските пожарникари вчера, од 15:45 до 16:35 часот, гаснеле запалено ѓубре и гуми во населбата Долно Лисиче кон село Јурумлери.
Двајца пожарникари од ТППЕ Битола вчера гаснеле запалено стрниште, ниска вегетација и шталско ѓубре од добиток и во изминатото деноноќие имале уште две помали интервенции во градот и околината.
ТППЕ Струмица синоќа, од 18:30 до 20:15 часот, гаснела запалена силна маса и дрвја околу Габровски водопади (Општина Струмица), а ТППЕ Гевгелија од 18:00 до 20:00 часот гаснела запалени капини и трски во месноста „Ачикот“ кај село Николиќ, Општина Дојран.
Лондон - Продолжува пожарот во бродоградилиштето БАИ Системс (BAE Systems) во Бароу-ин-Фернес, северозападна Англија, кое ја произведува следната генерација британски нуклеарни подморници, но нема нуклеарен ризик од инцидентот, соопшти полицијата.
Во соопштението во Камбрија се вели дека две лица биле пренесени во болница откако претрпеле сомнително вдишување чад и дека никој друг не е повреден.
Полицијата соопшти дека сите останати биле евакуирани од локацијата на БАИ Системс.
Бродоградилиштето во Бароу-ин-Фернес, Камбрија, произведува подморници Astute и Dreadnought за Кралската морнарица, според информациите на веб-страницата на БАИ.
Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден беше остро критикуван од Доналд Трамп и републиканците поради изјавата дека ги нарекол поддржувачите на поранешниот претседател „ѓубре“.
- Единственото ѓубре што го гледам овде се неговите поддржувачи, рече Бајден на изборна манифестација преку видеоконференција. Тоа беше реакција на расистичкиот коментар на комичарот кој за време на митингот на Доналд Трамп во Њујорк го нарече Порторико „пловечки остров од ѓубре.“
Подоцна, Џо Бајден на Икс напиша дека изјавата се однесувала на зборовите на говорникот на митингот на Трамп, а не на поддржувачите на поранешниот претседател. Но, тоа не ги убеди републиканците.
- Џо Бајден и Камала Харис ја мразат Америка и не заслужуваат уште четири години во Белата куќа, изјави Керолајн Левит, портпарол на републиканскиот кандидат. - Камала треба да одговори за оваа срамна навреда кон десетици милиони Американци, додаде таа.
Вашингтон – Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп упадот во Капитол на 6 јануари 2020 година го опишуваше како „фестивал на љубовта“.
Поранешниот претседател на САД посочи дека „никогаш немало толку прекрасен настан“ како неговиот митинг во неговиот роден град Њујорк.
На големиот митинг во Медисон Сквер Гарден на 27 октомври имаше бројни вулгарности од различни говорници, вклучително и комичарот Тони Хинчклиф, кој за време на своето обраќање рече дека Порторико е „Пловечки остров од ѓубре“.
Некои од главните републикански сојузници на Трамп ги осудија таквите коментари, а неговата кампања јавно се дистанцира од навредата на Хинчклиф, но не и од другите вулгарни коментари.
Приштина – Новиот командант на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, смета дека безбедноста на Косово е значително подобрена од повоениот период, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за приштинското радио К4, осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, Бардуани рече дека „конечното решение за безбедносните предизвици не е воено, туку политичко“ и ги повика Приштина и Белград да се вклучат во политички дијалог.
„Исто така, ги повикувам двете страни, институциите на Косово и Владата на Србија, да се вклучат во политички дијалог. Конечното решение за безбедносните предизвици не е воено, туку политичко. Решавањето на отворените прашања преку дијалог е клучот за гарантирање на трајна безбедност во цело Косово и за одржување на регионалната стабилност“, рече италијанскиот генерал, кој ја презеде командата на КФОР на почетокот на овој месец.
Сеул - Претставници на Јужнокорејската воена разузнавачка служба (ДИА) денеска ги известија пратениците дека Северна Кореја очигледно испратила специјална единица на фронтот во Украина.
- Сè уште нема прецизни информации дека севернокорејски војници се распоредени на украинскиот фронт, но постои можност некои севернокорејски специјални единици да се испратени на фронтот, изјавија пратениците Ли Сеонг-квеун од владејачката Партија на народна моќ и пратеникот, Парк Сан-вон од главната опозициска Демократска партија.
ДИА, исто така, соопшти дека најверојатно неизбежно ќе биде мобилизацијата и распоредувањето на севернокорејските војници на првите линии на фронтот во Украина, вклучително и во регионот Курск, западна Русија.
Сеул- Јужна Кореја има намера да испрати тим во Украина за да го следи и анализира распоредувањето на севернокорејските војници за кои се вели дека се борат на страната на Русија, изјави денеска претставник на претседателската канцеларија во Сеул.
Сеул и неговите сојузници веруваат дека најмалку 11.000 севернокорејски војници се испратени во Русија, а повеќе од 3.000 од нив се веќе стационирани во близина на линијата на фронтот во Украина.
Во меѓувреме, јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол разговараше за ова прашање со канадскиот премиер Џастин Трудо. Според соопштението на претседателската администрација во Сеул, Трудо рече дека распоредувањето на севернокорејските трупи во руско-украинската војна најверојатно ќе доведе до ескалација на конфликтот.
Киев – Во вчерашните руски напади врз Керснска Област загинаа три лица, а 15 се повредени, објави на Фејсбук началникот на Херсонската регионална државна администрације Олександр Прокудин.
- Антоновка, Комисани, Приднепровск, Зеленивка, Чернобаевка, Садов, Билозерка, Станислав, Микилске, Берислав, Дудчани, Золота Балка, Лавов и Херсон беа под непријателски оган и воздушни напади, наведе Прокуидин.
Според него, цел на руската армија биле клучни инфраструктурни објекти, образовна институција, продавница и станбени области на населени места.
При нападите оштетени се три згради и 30 приватни куќи, гасовод, гаражи, автобуси и приватни автомобили.
Њујорк – Според Организацијата на Обединетите нации, доколку Израел ги примени новите закони со кои се прекинуваат врските со агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА) , израелската Влада ќе мора да ги задоволи нивните потреби согласно меѓународното право.
- Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека ОН немаат друга алтернативна агенција. Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци беше од витално значење за време на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа, и новите израелски закони „ќе имаат опустошителен ефект врз хуманитарната ситуација“ во палестинските територии, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дуџарик.
Организациите на ОН за деца, здравство и миграција истакнаа дека агенцијата е клучна за нивните активности во Газа, каде луѓето се потпираат на итна помош за храна за време на повеќе од едногодишната војна, која остави голем дел од појасот Газа во урнатини.
Мадрид - Најмалку 51 лице загина во вчерашните поплави во источниот и јужниот дел на Шпанија. Според локалните медиуми, неколку лица се сметаат за исчезнати, додека врнежите го нарушија железничкиот сообраќај и предизвикаа објава на црвен аларм за обилни дождови, бидејќи се очекува неповолното време да продолжи.
Властите информираа дека пронајдени се дел од телата откако поплавите вчера носеа автомобили по уличките на селата и го прекинаа железничкиот сообраќај во голем дел од источниот и јужниот дел на земјата, јави шпанската агенција ЕФЕ.