• среда, 30 октомври 2024
МИА Радио флеш

30 октомври 2024

Скопје – Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска ќе ги предаде копиите од Извештајот за Северна Македонија за 2024 година на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на претседателот на Собранието Африм Гаши и на премиерот Христијан Мицкоски, информираат од Делегацијата на ЕУ во земјава. 

Копиите од Извештајот, Рокас, како што е најавено, утре ќе ги предаде и до претседателот на Врховниот суд Беса Адеми.

Прес-конференција за презентација на Извештајот за Северна Македонија за 2024 година ќе одржат евроамбасадорот Рокас и министерот за европски прашања Муртезани во петок во зградата на Владата. 

Во наредниот период пакетот ќе биде претставен и во Собранието на Северна Македонија, како и пред граѓански организации.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, што треба да биде објавен денеска, да биде сличен како и претходниот извештај со одредени подобрувања во некои области. 

Во изјава за медиумите дадена денеска во општина Ѓорче Петров, премиерот рече дека ќе даде свое мислење за извештајот откако тој ќе биде објавен. 

- Од овој извештај од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеци од оваа Влада и е нешто помал бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, но да го добиеме и официјално, па ќе го коментираме, рече Мицкоски.

Скопје – Владината коалиција е стабилна и цврста, речиси официјално две третини мнозинство во рамки на Парламентот. Секој којшто ги споделува и поддржува политиките на оваа Влада може да се приклучи и да ги поддржува овие политики, порача премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали е можно влегување на ЛДП во владината коалиција.  

Дали ЛДП официјално би биле дел од владината коалиција, Мицкоски нагласи дека се уште не разговарал „ниту во рамките на коалицијата, ниту пак во рамките на партијата“. 

-Сепак, тоа е процес којшто е потребно да добие поддршка од сите чинители, не е доволно Христијан Мицкоски што ќе каже, битно е да видиме што велат коалиционите партнери, што велат нашата внатрешна коалиција во рамките на нашата партија за да дојдеме до конечен став. Но, секоја поддршка од секој пратеник којшто ги поддржува политиките на Владата е добредојден во рамките на гласањето во Парламентот, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на општина Ѓорче Петров.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува Предлог-буџетот за 2025 година што вчера помина на владина седница, деновиве да се најде пред пратениците. Економскиот раст проектиран на 3,7 проценти за следната година, вели дека може да биде и надминат доколку се реализираат најавените инвестиции на компаниите и капиталните инвестиции. 

-  Очекувам во третиот квартал да се движиме меѓу 2,5 и 3 проценти, во четвртиот квартал меѓу 3 и 3,5 проценти, а не би се изненадил ако првиот квартал до година, ако биде се како што го проектираме со инвестициите на компаниите и со инвестициите на државата, да дојдеме и до четворка и не би се изненадил ако следната година биде 3,7 и повеќе, бидејќи такви се индикаторите со коишто сега во моментот располагаме. Има уште некои работи што треба да отпочнат со функционирање, некои фабрики кои се уште не се отпочнати, а очекувам во периодот којшто следи, да отпочнат така што, проекцијата за следната година е на 3,7, но не би се изненадил ако биде и повеќе, изјави Мицкоски по денешната посета на општина Ѓорче Петров.

За зголемувањето на платите, рече дека во Предлог-буџетот се одвоени средства за оваа намена и дека како резултат на постигнтиот договор со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) веќе од ноември вработените ќе го добијат првото зголемување. Очекува во понеделник или вторник да почнат и разговорите со синдикатот за здравство. 

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека се планирани пари за поддршка на нови бизниси на младите и ги охрабри младите да се борат за да успеат.

- Тука се планирани оние 10 милиони евра коишто треба да бидат во форма на грант за старт ап бизниси на младите и уште многу други проекти, млади специјализанти итн., нешто што досега беше незамисливо за претходните влади, ние тоа го правиме и го овозможуваме и ги охрабрувам младите да влезат во борба со животот затоа што само така можеме заеднички да успееме како општество, животот е борба, дневно се бориме за да успееме, секој ден е нов предизвик, секој ден тој предизвик треба да го совладаме, ништо не паѓа од небо готово за се мора да се бориме и да го заслужиме, посочи премиерот Мицкоски и додаде дека се на што се работи сега ќе остане за младите во иднина.

- Ние сме тука да помогнеме и да работиме да го оставиме тоа коешто го работиме на младите, бидејќи на нив останува иднината, а ние како Влада ќе сториме сешто можеме да им оставиме подостојна и попристојна иднина, кажа Мицкоски.

 

Скопје – Во населбата Стопански Двор во општина Ѓорче Петров денеска официјално беше означен почетокот на градбата на нова детска градинка која ќе има капацитет за згрижување на над 100 деца, на површина од 415 квадратни метри на приземје и 483 квадратни мерки на прв кат. Проектот е со вредност од 60 милиони денари и е финансиран од Владата.

Објектот ќе се гради по најмодерни стандарди и ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална. Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.

-Секогаш кога се почнуваат вака убави работи, за мене претставува посебен ден и посебен момент и чест да бидам дел од сето тоа. Овде во општина Ѓорче Петров веќе во неколку наврати во последниве недели отпочнуваме вакви активност, капитални објекти, како што е и оваа детска градинка. Тука нема да се застане, ќе се продолжи во периодот којшто следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето на камен-темелникот со кој се означи почетокот на градбата на објектот.

Скопје - Подобрувањето на функционалноста на локалните самоуправи и дигитализација на услугите беа во фокусот на отворањето на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). 

Во рамките на првата тема „Развој во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ“ од состанокот што се одржува во Скопје, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека е приоритет да се подобрат условите за живеење во сите општини.

-Децентрализација на власта останува најважен принцип, приоритет е да се подобри функционалноста на локалната самоуправа. Предвидено е до крај на 2026 да бидат создадени сите предуслови за дигитализација на пакет услуги, рече министерот. 

Шефот за соработка од Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Стефен Худолин, кажа дека состанокот е добра можност за мултивмрежување.

Скопје - Во ЗЕЛС нема поделби и отстапувања и ЗЕЛС останува обединет, изјави  градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање за разговорите со градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, во врска со  напуштање на УО на ЗЕЛС.

Во изјава за медиуми по отворањето на 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК), Ѓорѓиевски информираше дека одлучиле Струмица да не излегува од ЗЕЛС.

- Со мојот драг колега Костадинов вчера имавме дебата и на дебатата заклучивме дека нема Струмица да излегува од ЗЕЛС. Практично можам да го заокружам овој процес и да кажам јавно и во присуство на мојот потрпретседател дека во ЗЕЛС нема поделби, отстапувања и ЗЕЛС останува обединет, рече тој, дополнувајќи дека ќе остварат средби и заеднички ќе се решава за предизвиците.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Тафик Ф. Алрабија, министер за аџилак на Кралството Саудиска Арабија, информира собраниската прес-служба. Притоа Гаши изразил надеж дека отворените и пријателски односи меѓу двете држави ќе продолжат и во иднина, со заложба за отворање на поголеми можности за интензивирање на економската соработка.

-Тој истакна дека Северна Македонија како мултиетничка држава, која почива на принципите на меѓусебно разбирање, толеранција и почитување на правото на самоопределба, целосно го почитува правото на граѓаните да ја практикуваат религијата на која ѝ веруваат и на која ѝ припаѓаат. Претседателот нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија вложува големи напори во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не само со земјите од регионот, туку и пошироко. Информираше дека во Собранието во континуитет се формира Група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот залив, се вели во соопштението од Собранието.

Скопје – Корупцијата за жал е составен дел насекаде, ние интензивно работиме на сузбивање на корупција во сопствените редови, меѓутоа тоа не е доволно, треба да работиме и во останатите инстутиции, меѓутоа и да ги анимираме граѓаните дека не е начин да дадеш нешто под рака за да можеш да оствариш некое свое право, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев на сесијата на НКЕУ-МК за Поглавјето 24 „Предизвиците во борбата со финансискиот криминал во Северна Македонија: Важноста на ефикасните финансиски истраги“.

Вели дека за да се докаже финансиски криминал мора да се докаже целиот пат на парите, а за тоа од клучно значење е меѓуинституционална соработка, како и меѓународната соработка, која е најнеопходна, бидејќи, вели, криминалците најчесто парите ги вртат и преку повеќе земји од надвор.  

Јанев посочи дека треба да се промени културата на живеење, и мора да се даде до знаење на сите дека тоа е нелегално, и сето тоа не е здраво за нашето општество, а нивна цел, како што кажа, ќе биде да тоа да го намалат или минимизираат криминалот и корупцијата.

Скопје - Природните богатства, вклучувајќи го земјоделското земјиште, растителниот и животинскиот свет, се уставно дефинирани како добра од општ интерес за државата и уживаат посебна заштита, за што истите се третираат и во поедини закони, меѓу кои и повеќе закони во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната конференција во Белград насловена „Транформација на прехранбените системи“.

Тој нагласил дека како земја се стремиме земјоделските стопанства да го спроведуваат концептот на „зелено“ земјоделство, како логичен и природен начин за извршување на земјоделските активности.

-Истите активности постепено ги прошируваме и прилагодуваме согласно нашето постепено прилагодување кон Заедничката земјоделска политика на ЕУ и „Зелената агенда“ на ЕУ“, рекол Трипуновски. 

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешниот дигитален хакатон со млади во Собранието, истакна дека е време е за вистинска транспарентност и оти секој граѓанин заслужува да има увид во тоа како се трошат јавните средства.

- Отворените податоци и дигиталната транспарентност не се само ветувања, тие се нашата алатка против корупцијата и основа за доверба во институциите. Порталот data.gov.mk отвора нови можности, но не смееме да застанеме тука. Нашата цел е да отвориме уште повеќе податоци, бидејќи секој граѓанин заслужува увид во тоа како се трошат јавните средства, нагласи министерот, потенцирајќи дека транспарентноста мора да стане правило, не исклучок.

-Нашата визија е јасна: модерна Македонија каде секоја одлука се гледа со еден клик и се бориме против корупцијата, вели Андоновски.

Скопје - Медиумската писменост е вклучена во формалното основно образование како посебна тема во наставната програма по Мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски и босански), а е интегрирана и во теми и области во други предмети, како и во слободните и изборните предмети.

Почна да се воведува во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ кој од 2021 година го спроведуваат ИРЕКС и партнерите - Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, универзитетите и младинските клубови.

 Ресорната министерка Весна Јаневска за медиумите изјави дека резултатите на проектот се значајни за општеството, за што и се заблагодари на Американската амбасада и на УСАИД. Нагласи дека медиумската писменост е „моќна алатка во борбата со лажни вести, манипулации, предрасуди, пласирање одредени ставови“ што, како што рече, во денешно време претставува сериозна закана за развојот на младите луѓе особено со подемот на вештачката интелигенција.

Вашингтон - Републиканскиот кандидат за потпретседател Џеј Ди Венс денеска го критикуваше американскиот претседател Џо Бајден, кој претходно поддржувачите на републиканецот Доналд Трамп ги нарече „ѓубре“.

Венс рече дека Бајден и демократската кандидатка и актуелна потпретседателка Камала Харис треба да се „засрамат“ од овие коментари, пренесува Њујорк пост.

„Мајка која го оплакува својот син кој почина од предозирање со фентанил не е ѓубре“, напиша Венс во одговорот што досега е прегледан повеќе од 2,4 милиони пати на интернет.

Бајден претходно ја критикуваше вулгарната реторика што ја користеше Трамп на митинг во Медисон Сквер Гарден во Њујорк. „Пред некој ден, еден говорник на митингот на Трамп го нарече Порторико лебдечки остров на ѓубре. Познавам Порториканци во мојата родна држава Делавер и тие се добри и чесни луѓе“, рече Бајден во разговор со претставниците на шпанската Американска организација за анимација на гласачите Вото Латино.

Белград - Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Белград, Кристофер Хил изјави дека Србија со потпишувањето на договорот за реализација на проектот за самобалансирана соларна централа испратила силен сигнал до американските енергетски компании.

Тој истакна и дека постои интерес за физибилити студија на реката Дунав за хидроенергетски проекти.

-Немам конкретен проект на ум. Сакаме да направиме пред-проектни студии за реката Дунав, поврзани со т.н пумпно складиште, што би бил многу голем проект за Србија. Но, генерално, мислам дека Србија е подготвена за чиста енергија и мислам дека ќе видиме многу напредок во следната година, изјави Хил.

Според американскиот амбасадор во Белград, потпишувањето на овој стратешки енергетски договор е многу важно.

Белград - Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека брзата пруга на делницата Нови Сад - Суботица ќе биде пуштена во сообраќај на 24 ноември, а ден претходно Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција ќе потпишат заеднички изјава за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина (Патра) преку Скопје, јави дописникот на МИА од Белград.

-Брзата пруга низ Србија, како дел од идната брза пруга од Унгарија до Грција, се наоѓа на европската железничка мрежа. Како што најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ден пред да се пушти во сообраќај новата делница од Нови Сад до Суботица, Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција ќе потпишат заедничка декларација за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина, односно Пиреја и Патра, изјави Весиќ за ТВ Пинк.

Тирана - Светската туристичка организација на Обединетите нации го објави туристичкиот барометар за периодот јануари-јули 2024 година, во кој се потврдува дека Албанија е на прво место во Европа по зголемување на бројот на странски туристи, во однос на периодот пред пандемијата и на второ место во светот по Катар.

Премиерот Еди Рама во објава на социјалните мрежи наведува дека „уште една меѓународна потврда за оваа туристичка година штотуку доаѓа од Барометарот на Светската туристичка организација, каде Албанија води во европската класификација за најголем пораст на странски посетители и е на второто место во светот, по Катар“, додека „златен медал ни се доделува и по приходи од туризам, со најголем раст во однос на периодот пред пандемијата“.

Отава – Премиерот на Канада, Џастин Трудо изјави дека распоредувањето и вклучувањето на севернокорејските трупи во судирот во Украина најверојатно ќе довде до ескалација на војната.

Трудо, во телефонскиот разговор со претседателот на Јужна Корелја, Јун Сук-јеол посочи дека војната значително ќе влијае врз безбедносното опкружување во Европа и во Индо-пацифичкиот регион и предложи продлабочување на соработка помеѓу Канада и Јужна Кореја.

Јун потврди дека распоредувањето на севернокорејските трупи во Русија било побрзо од што се очекувало, додавајќи оти тоа создава опасна ситуација.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара неговиот син Авнер да ја одложи својата свадбена церемонија, која е планирана за 26 ноември на фарма во регионот Шарон, северно од Тел Авив.

Причината за ова барање е зголемениот безбедносен ризик, особено поради потенцијална закана од дронови, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Оваа мерка е побарана откако дрон на „Хезболах“ погоди прозорец од приватната резиденција на Нетанјаху во почетокот на овој месец, предизвикувајќи материјална штета.

Извори блиски до премиерот соопштија дека Нетанјаху рекол дека одржувањето на свадбата може да претставува ризик за присутните.

Остани поврзан