• понеделник, 04 ноември 2024
МИА Радио флеш

 8 октомври 2024

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Од Кабинетот на Сиљановска Давкова информираа дека темите на дискусија на кои се фокусира самитот се надоврзуваат на Декларацијата усвоена на минатогодишниот состанок на Процесот Брдо-Бриони и ги адресираат прашањата поврзани со младите и младинските политики, потребата од поголемо регионално поврзување, одржливиот развој и заштита на животната средина, како прашања од заеднички интерес за земјите од Западен Балкан.

На самитот што се одржува во Тиват и чиј домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, предвидено е учеството и на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Скопје - Во Будимпешта денеска треба да биде потпишан договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра од кои дел ќе бидат наменети за бизнис секторот, а дел за реализација на проекти на општините. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска минатата недела изјави дека на 8 октомври патува за Будимпешта и дека истиот ден ќе го потпише договорот.

Условите под кои се зема заемот, според Владата, се поволни. Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. 

Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава.  

Намерата на Владата, како што неодамна изјави премиерот Мицкоски, е парите наменети за македонското стопанство да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе се бараат други начини за да му се стават на располагање овие средства на бизнис секторот. 

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.

На седницата на оваа Комисија ќе се разгледува Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија.

ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска Методологија, прибраните ревизорски докази, стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се подочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.

Скопје - Во Собранието денеска ќе се одбележи Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи - 13 Октомври со дебатата „Младите за намалување на ризикот од катастрофи“.

Како што најавуваат од собраниската прес-служба, на настанот воведни обраќања ќе одржат Африм Гаши, претседател на Собранието, Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија, Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието и Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обеднитените Нации (УНДП).

Додека, пак, тематски обраќања ќе имаат Драгана Бојковска, претседателка на Клубот на млади пратеници во Собранието, Емилија Ангелова, заменик- претседателка на Комисијата за образование, наука и спорт и Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

Скопје - Владата сака да биде проевропска и да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. За ова имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед, изјави синоќа премиерот Христијан Мицкоски. Опозицијата, пак, вчера се огласи со повторно барање за затворена собраниска седница за власта да го каже планот за евроинтегративниот процес на земјава.

СДСМ побара ваква седница откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ, со што практично би се раздвоила од Северна Македонија, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес.   

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера во изјава за медиумите повторно го повика премиерот Мицкоски да свика ваква седница на која ќе образложи каков е планот и идните чекори за европската интеграција на државата. 

Скопје - Врховниот суд на Република Северна Македонија, денеска ќе одржи Општа седница во врска со правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот, по поднесена Иницијатива за утврдување на начелно правно мислење и начелен став од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски од Охрид.

- Според Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, постои потреба од утврдување на начелен став во врска со повредата на правото на здрава животна средина, односно колку државата обезбедува, односно не обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина, особено во делот на загадувањето на воздухот, информираат од Врховен.

Согласно Заклучокот од Општата седница одржана на ден 11 јули годинава, Општата седница ќе се одржи со учество на проф. д-р Борче Давитковски.

Скопје - Политичката цена што можеме да ја платиме како држава заради заложништво и евентуално мешање на Унгарија во внатрешните работи е позадината во овие 500 милиони и може да е поштетна и поголема, отколку придобивката од кредитот, истакна пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во дебатната емисија „24 анализа“ на телевизија 24.

Битиќи нагласи дека извозната банка на Унгарија пред само неколку месеци доби кредит за себе од Кина од милијарда евра, и оттука се сомневањата дека може да има политичко влијание не само до Унгарија, туку и од Кина.

Струмица - Комуналното претпријатие „Турија“- Василево доцна синоќа ги информираше жителите од населените места во општина Василево-Василево, Градашорци, Ангелци, Едрениково, Добрашинци, Нова Маала и Чанаклија, кои со вода за пиење се снабдуваат од браната „Турија“, односно преку филтер станиците „Ташли Баир“ и „Добрашинци“, но и жителите на селата Дукатино, Сушево и Владевци дека по направените најнови физички, хемиски и микробиолшки анализи водата не е за употреба и пиење.

Во соопштението објавено на општинската страница стои дека Општина Василево веќе подолг период презема мерки за обезбедување на питка вода за населението.

-Обезбедени се диспанзери, шишиња вода во училиштата и градинката. Обезбедени се канистри со вода за пиење на населението, а од денеска ќе функционира и цистерна за вода обезбедена со помош на општина Радовиш. Општина Василево побара дополнителни анализи на водата за пиење во наредните денови и од Центарот за јавно здравје и паралелна анализа од акредитирани лабаратории. Екипите се на терен и работат на надминување на состојбата и решавање на проблемот за што граѓаните ќе бидат дополнително информирани, стои во соопштението од комуналното претпријатие на Василево.

Скопје - Трошоците на животот во септември 2024 година, во однос на септември лани, бележат зголемување од 2.6 %, а цените на мало од 3.3 %, соопшти Државниот завод за статистика.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември 2024 година, во однос на август 2024
година, изнесува 0.3 %.

Зголемувањето на инфлацијата во септември 2024 година, е резултат на растот на трошоците на животот во групите: храна и безалкохолни пијалаци за 1.7 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1.1 %, комуникации за 0.9 %, разновидни стоки и услуги за 0.5 %, образование за 0.3 % и здравје за 0.1 %.

Прилеп - Со богата програма Прилеп ќе ги одбележи празникот 11 Октомври и 83 - годишнината од Народното востание. Во програмата се опфатени повеќе настани.

Вечер од 19:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ концерт ќе одржи Ансамбл Македонија.

В среда, на 9 октомври, од 18 часот на стадионот кај Могилата на непобедените ќе се одржи хуманитарен настан „Сплотени за Никодим“. Истовремено, во градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде Вечер на родољубива поезија, а од 20 часот во прилепскиот музеј ќе се отвори изложба на фотографии „Златниот антички наод“ од село Тремник, Неготино.

На 10 октомври, во пресрет на Празникот, напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ учениците од прилепските училишта ќе го формираат македонското знаме. Од 18,30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е изложбата на дела од Владимир Лукаш.

Скопје - Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Кичево, синоќа 23:40 часот во Кичево, го лишиле од слобода С.З.(64) од Кичево.

Како што соопшти денеска МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени повеќе пакувања и неколку тегли со марихуана, дигитална вага и други предмети со остатоци од марихуана.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Женева - Експерти на ОН изразија солидарност со палестинскиот народ, по повод годишнината од нападот на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Појасот Газа, нагласувајќи дека акциите на израелската армија против Палестинците претставуваат воени злосторства и потенцијални злосторства против човештвото.

„Како резултат на тоа, Меѓународниот суд на правдата (МСП) предупреди дека постои реална и непосредна опасност од непоправлива штета на правото на Палестинците да бидат заштитени од геноцид“, предупредија експертите на ОН во заедничката изјава.

Експертите на ОН нагласуваат дека меѓународните судски механизми, ОН и меѓународната заедница треба темелно, непристрасно и независно да ги истражат овие наводи, да воспостават команден синџир, да ги гонат и казнат сторителите и да обезбедат целосна репарација за жртвите и нивните семејства.

Тел Авив – Израелската војска тврди дека го убила шефот за логистика на Хезболах Сухаил Хусеин Хусеини во Бејрут.

Во соопштението се наведува дека Хусеини, кој раководел со логистиката на Хезболах и финансирањето на неговите различни единици, бил убиен во вчерашниот воздушен напад врз либанскиот главен град.

Израелската војска соопшти дека Хусеини бил и член на Советот за џихад на Хезболах, највисокото воено тело на милитантната организација, јави „Тајмс оф Израел“.

Киев – Украина им нуди на своите партнери да одлучат како го гледаат крајот на војната со Руската Федерација и местото на Украина во глобалната безбедносна архитектура, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

- Денеска го договорив распоредот на преговорите за една недела. Тоа се средби, преговори со многу партнери. Планот на нашата победа ќе им го претставиме на сите што можат да ја зајакнат Украина. Им нудиме на нашите партнери да одлучат како го гледаат крајот на оваа војна и местото на Украина во глобалната безбедносна архитектура, како и заедничките чекори кои можат да доведат до тоа војната да биде на пат да заврши, рече тој во редовното видео обраќање.

Зеленски истакна дека го очекува извештајот на украинскиот тим кој моментално работи во Вашингтон, како и извештајот на врховниот командант на вооружените сили, Олександар Сирски, истакнувајќи дека ситуацијата е особено тешка на фронтот во Доњецк.

Париз - Полицијата на шест европски земји и Интерпол повторно отвораат истрага за 46 жени кои биле убиени или починале под сомнителни околности за да се идентификуваат нивните останки, соопшти денеска Интерпол.

-Сакаме да донесеме одговори до семејствата и да обезбедиме правда за жртвите, изјави генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.

Операцијата наречена „Идентификувајте ме“ ја прошири истрагата надвор од Белгија, Холандија и Германија до Франција, Италија и Шпанија.

Во првата фаза од истрагата требаше да се разјаснат имињата и судбината на околу 22 жени чии тела биле пронајдени низ годините. Благодарение на информациите од јавноста, идентификувани се посмртните останки на Британката Рита Робертс, 31 година откако нејзиното тело беше пронајдено во Белгија. Шток истакна дека помошта од јавноста е клучна. -Не можеме сами, рече тој

Мајами – Ураганот Милтон од петта категорија денеска ќе го погоди регионот на заливот Тампа во Флорида, соопштија метеоролошките служби, а градоначалничката на Тампа Џејн Кастор ги предупреди жителите да ги слушаат властите и да се евакуираат.

- Ако одлучите да останете во една од оние области што треба да се евакуираат – ќе умрете, изјави Кастор за Ци-Ен-Ен, додавајќи дека заканата од ураганот Милтон може да биде „катастрофална“.

Заливот Тампа е регион кој не доживеал ураган повеќе од еден век.

Ураганот Милтон вчера зајакна на ураган од петта категорија од скалата Сафир-Симпсон со ветрови од 265 километри на час, поради што речиси целиот западен брег на Флорида е под предупредување.

Најсилниот ураган на Атлантскиот Океан беше Ален во 1980-тите, кој достигна брзина на ветер од 306 километри на час.

Атланта - Врховниот суд на американската држава Џорџија ја врати забраната за речиси сите абортуси по околу шест недели од бременоста.

Организацијата „СистерСонг“ (SisterSong) со седиште во Атланта поднесе тужба со која ја оспорува забраната.

-Денес, Врховниот суд на Џорџија застана на страната на екстремистите против абортусот. Секоја минута кога е во сила оваа штетна забрана за абортус по шестата недела, народот на Џорџија страда, рече извршната директорка на СистерСонг, Моника Симпсон.

Судијата на Врховниот суд на округот Фултон, Роберт МекБурни, го блокираше законот на 30 септември, тврдејќи дека тој ги крши правата на приватност и слобода гарантирани со државниот устав.

Вашингтон - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека во САД има „многу лоши гени“.

Тој ова го изјави на предизборен митинг, додека зборуваше за убиствата наводно извршени од мигранти кои нелегално живеат во САД.

-Многу од нив убија многу повеќе од едно лице, а сега живеат среќно во САД. Тоа е во нивните гени. И ние во моментов имаме многу лоши гени во нашата земја, рече тој.

Бејрут – Израел во текот на ноќта гаѓал јужни предградија на Бејрут, откако израелската армија издаде предупредување до жителите на областа, јавија либанските државни медиуми.

Израел вчера изврши бран воздушни напади врз јужен Либан, при што 100 авиони гаѓаа околу 120 локации во период од еден час, соопшти израелската војска (ИДФ).

Арапскиот портпарол на ИДФ издаде итно предупредување до либанските цивили да избегнуваат да бидат на плажа или во чамци на бреговите на реката Авали на југот на земјата до понатамошно известување.

Москва – Москва и НАТО имаат линии за комуникација, министрите за одбрана на Русија и на САД водат дијалог, но тие канали се повеќе наменети за вонредни ситуации, а не за изнаоѓање начини за намалување на тензиите, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.

- Постојат таканаречени жешки линии за комуникација и можностите за итни контакти се уште се на ниво на министрите за одбрана на Русија и САД, а не за изнаоѓање начини за намалување на тензиите, рече Грушко.

Во октомври 2021 година, како одговор на протерувањето на руските дипломати од НАТО, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги објави руските реципрочни мерки: покрај суспендирањето на работата на воената мисија за врски на НАТО во Москва, престана и работата на нејзиното информативно биро.

Вашингтон - Американската потпретседателка и претседателски кандидат на демократите на изборите на 5 ноември во САД, Камала Харис, синоќа изјави дека нема да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за војната во Украина, доколку на таа средба не бидат присутни и претставници на Киев.

Доколку биде избрана за претседател, средбата со рускиот претседател „нема да се одржи билатерално, без Украина“, изјави Камала Харис гостувајќи во емисијата „60 минути“’ на телевизијата за Си-Би-Ес.

-Украина е таа која се прашува за иднината на Украина, рече таа.

Украина е загрижена за можното губење на американската поддршка во случај на победа на Доналд Трамп, кој редовно ги осудува големите издвојувања на Вашингтон за Киев од 2022 година.

Пјонгјанг - Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун изјави дека неговата земја ќе ги забрза чекорите за да стане воена суперсила со нуклеарно оружје и нема да ја исклучи нивната употреба доколку биде нападната од непријателите.

Во вчерашниот говор одржан на универзитетот, Ким исто така рече дека нема намера да ја нападне Јужна Кореја, но „ако непријателот се обиде да употреби сила против нашата земја, севернокорејската војска без двоумење ќе ја употреби целата сила, што „не ја исклучува употребата на нуклеарно оружје“. Тој повика и на опширно зајакнување на одбраната на Северна Кореја.

Тој испрати и роденденска порака до рускиот претседател Владимир Путин и го нарече негов „најблизок другар“, велејќи дека „стратешките и кооперативни односи“ меѓу двете земји ќе бидат подигнати на ново ниво за да работат на „одбрана на регионалниот и глобалниот мир и меѓународната правда“.

Остани поврзан