• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

28 јануари 2025

Скопје - Во посета на Собранието денеска ќе престојува претседателот на Комисијата за надворешни работи на Големото национално собрание на Турција, Фуат Октај.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Октај ќе оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Тој ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за надворешни работи и надворешна трговија Муса Џафери и со членовите на Комисијата.

Скопје - На владина седница денеска се очекува да помине договорот за средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите. Од Владата очекуваат целата процедура да заврши до крајот на месецов. Откако ќе помине договорот на Влада, ќе треба да се потпише договор со банките и со тоа практично парите стануваат оперативни за бизнис секторот. 

Компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ што можат да го добијат е 10 милиони евра. Фирмите ќе ги добијат парите со каматна стапка од 1,95 проценти, грејс период од три години и 12 години рок на отплата.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска престојува во работна посета на Црна Гора, каде што ќе учествува на Kонференција на високо ниво насловена „Зајакнување. Интегрирање. Раст“, посветена на регионалната економска интеграција.

Како што соопштија од Министерството за европски прашања, на настанот што се одржува во Бечиќи, учествуваат министри за европски прашања и главни преговарачи со ЕУ од земјите на Западниот Балкан, како и претставници на Европската Унија.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Петтата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска, под нејзино покровителство, се одржува на далечина.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна суштинската вредност на македонскиот јазик како темел на македонскиот ентитет и идентитет, нагласувајќи ја неговата моќ да отвора нови хоризонти и да освојува нови универзуми. Таа упати искрени честитки за сета вложена енергија и посветеност во организацијата на зимската школа, која се одликува со богати програмски содржини и висококвалитетна настава, реализирана од реномирани предавачи и лектори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Скопје - Во рамки на одбележувањето на Светскиот месец за подигнување на свесноста за рак на грло на матка денеска во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје ќе се одржи едукативна трибина.

На трибината, како што соопштија организаторите, ќе се зборува за превенцијата, дијагностиката и третманот на ова заболување, а ќе биде споделено и искуство од родител во однос на ХПВ вакцинацијата.

Ракот на грлото на матката е еден од најчестите и најпревентабилни видови на рак кај жените. Согласно податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во земјава секоја година се дијагностицираат околу 170 нови случаи, а бројот на смртни случаи изнесува 2,9 на 100.000 жени, или во просек 52 починати жени во овој период.

Скопје - Од 20 до 26 јануари, пријавено е едно починато лице асоцирано со Ковид-19. Станува збор за пациент над 60 години кој имал комобидитети, а починал во болнички услови. Од Институтот за јавно здравје информираат дека лицето било вакцинирано против Ковид-19 со две дози вакцина - последна доза пред повеќе од три години. 

Регистриран е и еден нов случај на Ковид-19. Станува збор за лице од Струга. Минатата недела евидентирани биле три оздравени лица.

Во текот на годината, заклучно со 26 јануари, регистрирани биле вкупно 14 заболени лица. Бројот на заболени лица во јануари е за 2,3 пати поголем во однос на декември.

Скопје – Онколошките пациенти, според ветувањата, оваа недела треба да ги добијат лековите кои недостигаат, а за кои алармираа преку медиумите. Надлежните институции најавија дека ќе бидат обезбедени шесте биолошки лекови што недостигаат, а премиерот вети дека во иднина нема да се повтори проблем со недостиг на лекови на Клиниката за онкологија. За проблемот со недостигот на лекови се обвинуваа и двете најголеми македонски партии - СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. 

Министерот за здравство Арбен Таравари вчера во изјава за медиумите рече дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија посочувајќи дека нема недостиг на целата онколошка терапија туку дека  „90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ги има во Клиниката за онкологија“.

Атина – Барање за одржување седница во Парламентот за железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, во која животот го загубија 57 лица, достави грчката опозициска партија СИРИЗА и го повикува премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да даде одговори и објаснувања за трагедијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во дописот до претседателот на Парламентот, лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос вели дека „Владата со своите постапки и пропусти води кон прикривање на криминалот, а во исто време се обидува да го спречи кривичното гонење на политичките личности“ и посочува дека „општеството бара правда и транспарентност и целосно расчистување на околностите околу несреќата“.

Дополнително, осврнувајќи се на масовните протести во неделата што се одржаа низ цела Грција, но и во странство, Фамелос вели дека општеството реагира барајќи одговорност како за причините за судирот на патничкиот и товарниот воз, така и за вистинските причини што доведоа до смртта на 57 лица.

Нови Сад – Студентите кои го блокираат Филозофскиот факултет во Нови Сад соопштија дека синоќа биле нападнати при што неколкумина од нив се повредени.

- Синоќа околу три часот физички беа нападнати студенти во Нови Сад. Една девојка е сериозно повредена, моментално се наоѓа во Клиничкиот центар на Војводина, вилицата е изместена и има повреди по целото тело, има уште неколку ученици со полесни повреди, се вели во соопштението.

Тие тврдат дека четворица мажи со безбол палки нападнале група студенти кои ставале налепници и цртале графити „Три месеци, три мостови“.

Букурешт - Романската влада е огорчена откако беше информирана дека непроценливо национално богатство, позајмено на холандски музеј, било украдено во кражба за време на викендот.

Крадците употребиле експлозив за да упаднат во музејот Дрентс во Асен, каде што украле четири антички романски артефакти, вклучувајќи го и златниот шлем стар речиси 2.500 години од Котофенешти, кој бил позајмен од Националниот историски музеј во Букурешт.

Директорот на музејот Дрентс грабежот го нарече „црн ден“ за установата и истакна дека за 170 години колку што постои музејот, вакво нешто не се случило, пренесува Политико.

Брисел - Министрите за надворешни работи на Европската унија постигнаа договор за планот за ублажување на санкциите кон Сирија, изјави високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

-Нашата намера е да дејствуваме брзо, но укинувањето на санкциите може да се смени ако се преземат погрешни чекори, предупреди Калас, пренесе Хина.

Во моментов се активни серија санкции насочени кон поединци и економски сектори во Сирија, вклучувајќи забрана за извоз на сириска нафта и ограничувања за пристап до глобалните финансиски канали.

Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше средба со францускиот претседател Емануел Макрон за безбедносна соработка и понатамошна поддршка за Киев.

Средбата беше одржана по церемонијата по повод годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау во Полска.

- Се сретнав со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за понатамошна поддршка за Украина, соопшти Зеленски на социјалните мрежи.

Киев - Повеќе региони во Украина беа цел на руски борбени дронови во текот на ноќта, објавија вчера украинските власти, пренесе ДПА.

-Серија експлозии можеа да се слушнат над Закарпатија, објави на Телеграм Свитлана Онишчук, гувернер на регионот Ивано-Франковск во југозападна Украина.

Регионот се наоѓа на околу 850 километри од најблиските руски позиции на полуостровот Крим.

-Целта беше инфраструктурата, рече Онишчук, без да даде детали. Пријавени се пожари, но нема повредени, додаде таа.

Газа – Над 300.000 раселени Палестинци се вратија на северот на Појасот Газа, откако израелската армија вчераутро го одобри нивното враќање, соопшти канцеларијата за медиуми во Газа, пренесе Ал Џезира.

Враќањето беше одложено за 48 часа откако Израел ја обвини палестинската милитантна група Хамас дека ги прекршила условите од договорот за прекин на огнот со тоа што не го ослободила заложникот Арбел Јехуд.

Хамас претходно денеска потврди дека до крајот на оваа недела ќе ослободи вкупно шест израелски заложници, вклучувајќи го и Јехуд.

Сан Франциско – „Гугл мапс“ ќе го смени името на „Мексиканскиот Залив“ во „Американски Залив“ за корисниците во Соединетите Американски Држави, откако ќе биде официјално ажуриран во Географскиот систем на САД.

Оваа промена ќе биде видлива за корисниците во САД, додека во Мексико ќе остане „Мексикански Залив“.

Вон САД и Мексико, корисниците ќе ги видат двете имиња.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху планира следната недела да го посети Вашингтон и да оствари средба со американскиот претседател Доналд Трамп, јавија светските агенции, повикувајќи се на текст во Аксиос.

Доколку веста биде потврдена, Нетанјаху ќе биде првиот странски лидер што ќе се сретне со Трамп во Вашингтон од неговата инаугурација на 20 јануари.

Трамп, истовремено, ја повтори желбата да ги види Палестинците од Газа да живеат без насилство и рече дека наскоро ќе разговара за тоа со израелскиот премиер во Вашингтон, пренесоа француските медиуми.

Вашингтон - Џејмс Мекхенри, вршител на должноста главен обвинител, отпушти синоќа повеќе од десетина обвинители, правници од кариера кои му помагаа на специјалниот обвинител Џек Смит во истрагите за двете федерални обвиненија против Доналд Трамп.

Во образложението се наведува дека отпуштените обвинители ја изгубиле довербата да вршат служба во Министерството за правда. Други функционери се распоредени на други места додека администрацијата презема подиректна контрола врз министерството.

Поранешни високи функционери за Њујорк тајмс коментираа дека отпуштањата биле „грубо нарушување на добро утврдени закони наменети да се сочува интегритетот и професионализмот на владините агенции“.

Вашингтон - Американскиот државен секретар, Марко Рубио имаше одвоени разговори со германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро и британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами.

Во неговиот разговор со Бeрбок, Рубио ја истакна важноста на силните американско-германски односи, нагласувајќи ги заедничките цели во одбраната и стабилноста на Блискиот Исток и Индо-Пацификот, соопшти денеска Стејт департментот.

Двајцата официјални лица се согласија дека понатамошната соработка е клучна за зачувување на трансатлантскиот мир.

Вашингтон  - Американските здравствени власти добија наредба од администрацијата на претседателот Доналд Трамп веднаш да ја прекинат соработката со Светската здравствена организација (СЗО).

Службеникот на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Џон Нкенгасонг, испратил меморандум до високите водачи на агенцијата во неделата навечер, информирајќи ги дека сите вработени во агенцијата кои соработуваат со СЗО мора веднаш да ја прекинат таа соработка и да „чекаат дополнителни инструкции“.

Експертите рекоа дека непосредната суспензија е изненадување и ќе ги забави истражувањата и напорите да се запрат појавата на вирусот Марбург и мајмун сипаница во Африка, како и други закани ширум светот.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека кинескиот старт-ап DeepSeek, кој тврди дека има предност пред американските ривали, треба да биде „повик за будење“ за американските компании за вештачка интелигенција.

DeepSeek наведува дека неговите модели со вештачка интелигенција се споредливи со оние на американските гиганти, како OpenAI, кој стои зад ChatGPT и Gemini на Google, но значително поевтини. Ова предизвика пад на разни американски акции, особено производителот на чипови Nvidia, кој забележа рекордна еднодневна загуба за која било компанија на Вол Стрит.

Сепак, Трамп верува дека успехот на кинеската компанија може да биде корисен за аспирациите на Америка да развие вештачка интелигенција.

Остани поврзан