МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
![МИА Радио флеш](https://mia.mk/images/20250210085721_big_730x400_19.webp )
10 февруари 2025
Скопје - Утрово е најстудено во Берово, -11 степени, а најмногу снег има на Попова Шапка, 31 сантиметар, информира УХМР.
До 08:30 часот се измерени и -8 степени во Крива Паланка и Маврови Анови, -7 е на Попова Шапка и во Битола, -6 во Крушево, Скопје-Петровец, Штип, Велес и Прилеп, -4 во Кавадарци, Виница и Скопје-Зајчев Рид, -3 во Охрид и Претор, како и -2 во Гевгелија и Струмица.
Снег има и во Маврови Анови, 13 сантиметри.
Скопје - Минатата недела беше променливо облачно со сончеви периоди и повремени врнежи од дожд и снег на планините. Дуваше и умерен до засилен северен ветер што предизвика опаѓање на температурата. Овие временски услови се очекувани во зима за земјоделските култури и во овој период треба да се почне со резидба на виновата лоза, велат агрометеоролозите од УХМР.
Како што истакнуваат, секоја сорта винова лоза има специфични услови на одгледување.
Скопје - Новата компресорска станица за хируршките клиники, денеска официјално ќе биде пуштена во употреба. На настанот, како што информираат од Министерството за здравство, ќе присуствува и министерот Арбен Таравари.
Во месец мај, минатата година, операционите сали на Клинички центар беа затворени поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”. Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството.
Скопје - Во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска во Клубот на новинарите ќе се одржи настан посветен на „Дигитална трансформација и вештачка интелигенција - предизвици и можности“.
На настанот ќе се дискутира за најновите трендови, можностите за развој, како и предизвиците што ги носи оваа технолошка ера, поаѓајќи од правните и етичките аспекти поврзани со употребата на ВИ, како и можностите што ги нуди вештачката интелигенција во образованието и медиумите.
Скопје - Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат јубилејно издание на Абецедарот - Буквар за македонските деца во Грција, објавен во 1925 години во Атина.
- Ова дело е драгоцен документ за македонската лингвистичка наука, а уште повеќе за македонската историографија. Абцедарот е печатен на хрватска латиница на леринско-битолско наречје. Всушност тој е првиот документ пишуван по Речникот на Џанели од шеснесетиот век и Даниловиот четиријазичник од деветнаесеттиот век, пишуван на македонски народен јазик, соопшти „Матица македонска“ од Скопје.
Штип - Во Основниот суд во Штип денеска почнува судењето против Фадил Зејнелов, кој на 1 ноември 2024 изврши убиство na 29-годишната Емилија Пешева.
Според истрагата на Основното јавно обвинителство, за убиството на штипјанката Пешева се обезбедени докази според кои обвинетиот на 1 ноември 2024 година, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка.
Откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на Јавното претпријатие „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот, при што дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип.
Приштина - Според најновите податоци на приштинската Централна изборна комисија, врз основа на повеќе од 88 отсто преброени гласови, на вчерашните избори за Парламентот води Самоопределување со 41,29 отсто од гласовите.
На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето е Демократската лига на Косово со 17,74 отсто од гласовите.
На четврто место е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите.
Белград - Здружението за заштита на потрошувачите во Србија, „Ефектива“ ги повика граѓаните од денеска до петок, 14 февруари, да ги бојкотираат петте големи трговски синџири. Како што истакнуваат од тоа здружение, успех ќе се постигне доколку приходите се намалат за една третина.
Зборувајќи за резултатите од претходниот бојкот, Дејан Гавриловиќ од Ефектива за ТВН1 изјави дека е забележан пад на приходите од 37 отсто, по што е упатен повик до трговците, добавувачите и до државата да направат нешто конкретно.
Бидејќи немало никаква реакција, а добиле информација дека дури и зголемиле цени, Гавриловиќ рече дека следел повик за петдневен бојкот.
Брисел - Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година, состојбата во Украина три години по почетокот на руската агресија, најавите на новата американска администрација за воведување царини за европските производи, стратегијата на ЕУ за Блискиот Исток и случувањата во Србија, ќе бидат меѓу темите за расправа на овонеделната сесија на Европскиот парламент во Стразбур.
Заседанието започнува доцна попладнево со дебата за Годишниот извештај на Европската централна банка (ЕЦБ). Седницата ќе почне со обраќање на претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, која ќе информира за состојбата на европските и глобалните економии и за активностите на Европската централна банка, по што ќе следи нејзина дебата со европратениците. Од оваа дебата треба да произлезе Резолуција со препораки за тоа на кои прашања ЕЦБ треба да даде приоритет, за која европратениците ќе се изјаснат утре.
Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа изјави дека никој нема овластување да ги протера жителите на Појасот Газа од територијата зафатена од војна, отфрлајќи го планот на неговиот американски колега Доналд Трамп да ги протера Палестинците и САД да ја преземат контролата.
„Никој нема овластување да го измести народот на Газа од нивната вечна татковина која постои илјадници години“, рече Ердоган на прес-конференција на аеродромот во Истанбул пред да замине за Малезија.
Киев - Руски беспилотни летала синоќа предизвикаа пожар во Киев, а повредена е една жена и оштетени се неколку куќи во градот Суми во североисточна Украина, соопштија украинските власти.
„Нема повредени во нападот што предизвика пожар во нестанбена зграда во Киев“, напиша градоначалникот Виталиј Кличко во објава на апликацијата Телеграм.
Берлин – Европа е подготвена да реагира „во рок од еден час“ доколку САД воведат царини за Европската унија, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за време на изборната дебата против неговиот конзервативен ривал Фридрих Мерц.
На прашањето на модераторот дали ЕУ има „список на мерки“ со кои треба да одговори доколку САД воведат царини, Шолц, кој е значително зад Мерц во анкетите, одговори: „Да, ако треба да се изразам на највнимателен дипломатски начин. Ние како Европска Унија можеме да преземеме мерки во рок од еден час“.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Европа е сојузник на СAД и дека Америка доколку сака Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции, безбедност и одбрана, тоа не треба да им наштети на европските економии заканувајќи им се со царини.
„Моето прво прашање за САД е: Дали Европската унија е ваш проблем број еден? Не, не мислам така. Вашиот прв проблем е Кина. Второ, Европа ви е сојузник. Ако сакате Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции и безбедност и одбрана... не треба да им наштетувате на европските економии заканувајќи им се со царини“, рече францускиот претседател.
Париз – Европската унија ќе се спротивстави и соодветно ќе одговори на сите царини што и ги наметнаа САД, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
- Нема двоумење кога станува збор за одбрана на нашите интереси, рече Баро во интервју за TF1.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека Вашингтон ќе се придвижи оваа недела да воведе царини од 25 отсто за производите од челик и алуминиум.
Париз – Светски лидери, шефови на технолошки компании, академици и други експерти се собираат денеска во Париз на дводневен самит за заканите и ветувањата за вештачка интелигенција.
Тие ќе дебатираат за влијанието на технологијата врз јавноста, вклучувајќи ги потенцијалните апликации на вештачката интелигенција во области како што се здравството, образованието и работата, како и нејзиното регулирање и одговорна употреба, јави ДПА.
На состанокот се пријавени околу 1.500 учесници од околу 100 земји и следи по двата претходни глобални самити за вештачка интелигенција: во Велика Британија во 2023 година и во Јужна Кореја минатата година.
Богота - Колумбискиот претседател Густаво Петро потврди дека ќе побара формална оставка од членовите на кабинетот на неговата влада.
„Побарав формални оставки од министри и директори на управни одделенија“, објави Петро на платформата Х.
Тој најави дека ќе направи измени во кабинетот за да се постигне исполнување на владиниот план.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа побара од Министерството за финансии да го запре производството на ковани центи, сметајќи дека е прескапо и со цел да се намали јавната потрошувачка.
- Предолго САД коваа монети и тоа е расипништво. Побарав од министерот за финансии да престане да произведува нови центи, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл.
Милијардерот Илон Маск, кој ја предводи Комисијата за владина ефикасност (DOGE), го покрена ова прашање во јануари, наведувајќи ги трошоците за производство на центи.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја турка својата агенда „Америка пред се“, ги доведе во прашање безбедносните обврски на САД во Европа и ги повика сојузниците драстично да ги зголемат трошоците за одбраната, додека неговата администрација досега беше главно тивка за неговите планови за идната помош за Украина.
Вашингтон му даде на Киев воена помош од десетици милијарди долари за време на претседателот Џо Бајден, но администрацијата на Трамп допрва треба да обезбеди дополнителна помош и покрај неколку милијарди долари преостанати од времето на неговиот претходник на функцијата.