МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
![МИА Радио флеш](https://mia.mk/images/20250210133248_big_730x400_96.webp )
10 февруари 2025
Скопје - Државниот секретар на МВР Сашо Петрушевски денеска го одржа првиот состанок како национален координатор на Комисијата за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Македонија.
Како што соопшти МВР, Национална комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција е формирана во 2001 година со одлука на Влада со цел да ја следи и да ја анализира состојбата со трговијата со луѓе и илегалната миграција, да ги координира активностите на надлежните институции и да соработува со меѓународните и невладините организации кои се вклучени во решавањето на проблеми од оваа област. Во Комисија членуваат претставници од МВР, МСПДМ, МНРНТ, МП, МЗ, ДИТ, МОН/БРО, АВРМ, ОЈО за ГОКК и Суд.
Скопје – Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од ноќеска на полноќ поскапува за половина, а Екстра лесното масло за домаќинство за еден денар по литар, додека цените на ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) остануваат исти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,63 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе изнесува 79,5, а на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 73 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС - 98 и понатаму ќе се продава за 81,5, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 73 денари за литар.
Скопје – Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува учениците и нивните родители да го користат упатството што е доставено пред две недели во училиштата, кое треба да ги заштити најмладите од предизвиците на интернет.
По повод Денот на побезбеден интернет, што кај нас се одбележа првпат денеска во ОУ „Димитар Македонски“ во Лисиче, министерот рече дека упатството било споделено со сите училиштата и доставено до МОН и Педагошката служба. Тоа има два дела, од кој вториот е наменет за родителите, и е достапно за секој што е заинтересиран на веб-страницата и фејсбук-профилите на министерството.
Скопје - Уште осум лица, од кои тројца цариници се осомничени за вршење кривични дела со употребувани возила. До Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе се поднесени кривичните пријави. Вкупно досега се опфатени 32 лица, од кои 11 се цариници. Тие се сомничат за царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. За осум царински службеници веќе има решенија за отказ. Ова го истакна директорот на царинска управа, Бобан Николовски во емисија „Дејли клик“ на ТВ 21.
- Не амнестираме никој, разгледуваме што се случувало, но одиме напред и спроведуваме реформи со цел остварување подобри резултати. Буџетот беше празен и ние моравме да дадеме брзи резултати. Одиме добро и во континуитет остваруваме добри резултати, потенцира директорот.
Скопје – Делчевец вчера со мопед изгубил контрола на булеварот „Македонија“ во Делчево по што излетал од патот и тешко се повредил, а додека бил пренесуван во болница починал.
-На булеварот „Македонија“ во Делчево, на излезот кон село Ѕвегор, делчевско, Љ.И.(54) од Ѕвегор, управувајќи мопед без регистарски ознаки, изгубил контрола и со мопедот излетал надвор од коловозот. Во несреќата, возачот се здобил со тешки телесни повреди и додека бил пренесуван кон болница починал, соопшти МВР.
Тирана - Изборната кампања на обединетата албанска опозиција, предвоена од Демократската партија, ќе ја води Крис Ла Сивита, претседателот на американскиот Републикански национален комитет.
-Главниот архитект на триумфот на Трамп ќе ја води кампањата на ДП и обединетата опозиција, за победа на изборите на 11 мај. Денеска е голем ден не само за ДП и албанската опозиција, туку и за Албанија и нејзината иднина. Еве ме пред вас со Крис Ла Сивита, коархитектот на најмоќната, најнеобичната кампања за враќање на слободното право на глас во целата човечка историја, враќањето на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, рече Бериша на прес-конференција.
Анкарa - Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган денеска повторно посочи дека е потребен нов светски поредок кој ќе ги земе предвид интересите на исламскиот свет, кој брои над две милијарди луѓе, пренесоа турските медиуми.
-Не може да има мир, спокојство и развој на човештвото таму каде што нема правда. Не може да има правда во систем во кој исламскиот свет, чие население надминува две милијарди луѓе, не е претставен, нагласи Ердоган во главниот град на Малезија, Куала Лумпур, јави државната телевизија ТРТ-Хабер.
Букурешт - Потрошувачите во Романија денеска беа повикани да ги бојкотираат супермаркетите, бидејќи се соочуваат со највисока инфлација во Европската унија, а на тоа повикаа и во Бугарија в четврток.
Во Романија на бојкот повика екстремната десница.
„Вакво зголемување на цените е неприфатливо“, рече поранешниот претседателски кандидат Калин Георгеску во видео на Фејсбук.
Букурешт - Претседателот на Романија, Клаус Јоханис денеска поднесе оставка.
Како што јавија светските агенции, опозициските партии во романскиот Парламент планираа да започнат процес за отповикување на Јоханис.
Романскиот Врховен суд претходно пресуди дека Јоханис, чиј мандат истече на 21 декември, треба да остане на функцијата до одржувањето на новите избори на 4 мај. Пред вториот круг од претседателските избори во декември, судот ги поништи резултатите од првиот круг и најави дека мора да се повтори целиот изборен процес.
Берлин - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ) на крајот на оваа недела, соопштија денеска организаторите.
Тие изразија надеж дека форумот ќе биде искористен како „отскочна даска за напредок кон мирот во Украина“.
На дипломатскиот настан кој ќе се одржи од петок до недела ќе учествуваат и претставници на владата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Брисел – Само една недела по формирањето на новата Влада на Белгија на повидок се појавија првите несогласувања меѓу дел од владините коалициски партнери.
Повод за тоа е изјавата на лидерот на либералното Реформско движење, Жорж-Луј Буше од саботата дека покрај официјалната владина Програма за работа, постои и рачно напишан „договор со премиерот“, според кој, лицата кои ќе ги задржат своите акции најмалку 10 години ќе бидат ослободени од плаќање данок на капитална добивка.
Брисел – Европската Унија останува посветена на конструктивен дијалог со САД и сите наши други трговски партнери и секогаш ќе бидеме подготвени да дискутираме за да најдеме фер и реципрочни решенија со кои ќе се почитуваат нашите партнерства и принципите на слободна трговија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олаф Гил во врска со најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД.
- Сега е време за соработка, а не за конфронтација... Ние сме против неоправдани бариери за слободната и фер трговија и остануваме целосно посветени на еднаквите услови за игра. Секогаш ќе ги преземеме неопходните чекори за да ги заштитиме нашите економски интереси, како и европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царински мерки. Поддржуваме заемно корисни трговски односи, засновани на транспарентност, правичност и споделување на економскиот раст, додаде Гил.
Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре на маргините на Самитот за иднината на вештачката интелигенција, што се одржува во Париз, ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
- Можам да потврдам дека претседателката утре ќе се сретне со потпретседателот на САД, Џејмс Дејвид Венс и оваа средба ќе се одржи во Париз, изјави денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер.
Москва - Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека со испораката на оружје за Украина, САД станале страна во конфликтот меѓу Украина и Русија.
Тој посочи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп „барем покажува интерес“ за продолжување на дијалогот со Русија, нагласувајќи дека и Русија е подготвена за дијалог, но само „на рамноправна основа“.
Техеран - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека Америка не покажува искреност кога станува збор за потенцијалните преговори со Техеран.
„Ако Америка е искрена во врска со преговорите, зошто ни воведоа санкции“, рече Пезешкијан во обраќањето на Плоштадот на слободата во Техеран по повод годишнината од Иранската револуција во 1979 година.
Тој додаде дека Иран „не сака војна“, но дека и покрај тоа нема „да се свитка под странскиот притисок“. Стотици илјади луѓе присуствуваа на церемонијата на прославување на револуцијата во Иран, а ширум Иран се организирани демонстрации против САД и Израел, при што многу демонстранти извикуваа „смрт за Америка“ и „смрт за Израел“.
Вашингтон - Радио Слободна Европа и Гласот на Америка треба да бидат затворени, напиша синоќа на „Икс“, технолошкиот магнат Илон Маск во одговор на коментарите на Ричард Гренел, пратеник на претседателот Доналд Трамп за специјални мисии.
-Да, затворете ги. Европа сега е слободна (без да ја сметаме гушечката бирократија). Ало? Никој повеќе не ги слуша. Тоа се само лудаци од радикалната левица што си зборуваат меѓусебе и за тоа годишно трошат една милијарда долари пари на американските даночни обврзници, напиша Маск.
Хјустон - Оваа, 2025 година носи спектакуларни астрономски настани што ќе ги воодушеват љубителите на Вселената и ноќното небо - затемнувања, поклопувања на вселенските тела, метеорски дождови... Како и специјалниот небесен „Месечев смешко“.
Така, еден од најубавите астрономски феномени годинава се очекува на 25 април. Во раните утрински часови дента, имено, тенката полумесечина во залез ќе се усогласи со Венера и Сатурн - во облик на насмеано лице. Оваа глетка ќе биде видлива со голо око, а најдобриот поглед на неа ќе биде 20-на минути пред зори, кон хоризонтот исток-југоисток.
Џакарта - Индонезија денеска започна програма за бесплатен лекарски преглед за 60 милиони луѓе, и тоа е предизборно ветување на претседателот Прабово Субијанто.
Индонезијците од сите возрасти сега можат да имаат корист од годишните прегледи насочени кон рано откривање на кардиоваскуларни болести, вродени нарушувања кај децата и други состојби, соопштија здравствените власти.
Програмата е едно од неколкуте ветувања за социјална заштита дадени за време на предизборната кампања на Субијанто. Тоа е дополнување на програмата за бесплатни оброци за борба против заостанувањето во развојот предизвикано од неисхранетост, која е покрената во јануари.