• вторник, 11 февруари 2025
МИА Општински пул

10 февруари 2025 

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица интензивно се спроведуваат градежните работи за пробивање и тампонирање на улицата „Ковачевска“ во Стара Каменица со вкупната должина од 550 метри.

-Овој инфраструктурен проект, финансиран од Владата на Република Македонија, има за цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со пристапноста и квалитетот на патната инфраструктура во овој дел од Македонска Каменица, информираше каменичкиот градоначалник Димчо Атанасовски.

Крива Паланка - По објавите за финансиска помош на младата невработена Емилија Георгиев од Крива Паланка, мајка на две малолетни деца, која се бори со тежок вид канцер, помош пристигна и од Франција. На повикот за поддршка се одзваа бројни сограѓани на Емилија кои работат во француската престолнина во ГДР Компани, Париз.

Сакајќи да останат анонимни, а сепак да подадат рака во борбата против канцерот на билијарно стебло што Емилија ја води веќе подолго време, тие денес ја испратија собраната сума од околу 2.000 евра и истата ѝ беше врачена на Георгиев, лично, за да може непречено да продолжи со хемотерапијата и сите неопходни пропишани лекови од страна на лекарите, со надеж дека ќе ја победи подмолната болест.

Демир Капија - Демир Капија избра најдобри лозари кројачи во чест на „Свети Трифун“, празникот на лозарите и винарите, информираа денеска од демиркаписката локална самоуправа. 

- Се одржа традиционалниот натпревар во закројување на винова лоза. На натпреварот учествуваа девет натпреварувачи, кои ги покажаа своите вештини во закројување, вклучувајќи брзина и квалитет на закроеното. Стручна комисија составена од агрономи ги оцени натпреварувачите и тоа, Димо Илов како претседател на комисија и Валентина Недева и Костадин Николов како членови на комисија, соопштија од Општината. 

Штип - Сите пристапни улици до Клиничка болница-Штип ќе бидат реконструирани, подготвителните  градежните активности почнуваат од денеска најави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека од буџетот на Општина Штип се издвоени нешто повеќе од два милиони денари за асфалтирањето на улиците, кои што од кога ќе има подобри временски температури ќе бидат нанесени со асфалтна маса.

-Се наоѓаме во кругот на Клиничка болница-Штип, овде деновиве ќе се работи на припрема за асфалтирање на сите пристапни улици и улиците во кругот во рамки на Клиничка болница-Штип. Состојбата со инфраструктурата во болницата е повеќе од евидентна, затоа што повеќе од 60 години откако е изградена оваа инфраструка овде, никој до сега нема направено поместување на работите во делот на инфраструктурата. Во разговор со директорот на болницата одлучивме да направиме позитивни промени во рамки на постоечката инфраструктура, имајќи во предвид дека очекуваме во месеците кои што следат да се започне со активности за доизградба на новата зграда на Клиничка болница-Штип, изјави Јорданов.

Скопје - ЗЕЛС ја поддржува иницијативата за општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам. Како ЗЕЛС, на последната седница на Управниот одбор, едногласно ја прифативме иницијативата на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски и денес официјално ја доставуваме до Владата. Се залагаме за воспоставување меѓуинституционална соработка со цел воведување на општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам.

Вандализмот и уништувањето на урбаната опрема, јавните површини и јавните добра се проблем кој бара системско решение. Поради тоа, предлагаме формирање на стручна работна група составена од претставници од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Оваа работна група ќе има задача да подготви  дополнување и измена на повеќе закони. 

Кавадарци - Кавадарчани бараат реконструкција на објектот на Центарот за јавно здравје Велес, подружница Кавадарци. Советникот во Совет на Општина Кавадарци, Јован Златевски, во изјава за МИА појаснува дека до него стигнувале реакции дека кровната конструкција е во фаза на распаѓање, а објектот е од огромна важност за регионот.

-Станува збор за подружница и ние ниту имаме надлежност ниту сопственост, но го повикувам раководството од Велес да дојде да поразговараме, што ние како Општина можеме да помогнеме, вели кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Куманово - Кумановци од денеска можат да поднесат апликација за субвенции за клими, информираа денеска од општината. Мерката како што појаснија надлежните е еколошка и има за цел да ги поттикне граѓаните да го променат начинот на затоплување на домовите.

- Мерката има за цел да ги стимулира жителите на Општина Куманово (домаќинствата) за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, на жителите кои имаат купено високоефикасен инвертер клима-уред во 2025 година ќе им ги надомести трошоците направени при набавка на уредот во вредност од 20.000,00 денари во нето износ по домаќинство. Персоналниот данок ќе биде на товар на Општина Куманово, информираа од општината.

Скопје - На Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје досега нема пријавено случај во кој пациент следел тренд на социјалната мрежа „Титок“ со земање големи дози „парацетамол“. Информацијата за МИА денеска ја потврди директорот Андон Чибишев, кој и самиот алармираше на претпазливост во врска со овој предизвик.

- Нова опасност им се заканува на нашите деца. Експериментот со „парацетамолот“ е исклучително опасен и може да заврши со тешко неповратно оштетување на црниот дроб или смрт. Токсичната доза изнесува  5 до 15 грама или 10 до 30 таблети од 500 милиграми или  леталната - смртна доза е 20-25 грама, напиша Чибишев неодамна на „Фејсбук“.

Скопје - Вкупно 530 прекршоци, од кои 493 по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и 37 по Законот за возила, меѓу кои 238 за возење со брзина поголема од пропишаната биле констатирани при вчера извршените 1.195 контроли во сообраќајот на подрачјето на град Скопје, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). 

-Биле преземени и 43 мерки за возење без возачка дозвола и 51 санкции за некористење сигурносен појас. За непрописното паркирање биле преземени мерки против 69 возачи, 10 возачи управувале возило под дејство на алкохол, регистрирани се четири случаи на минување на црвено светло, на седум возачи изречени се прекршочни санкции за користење мобилен телефон, а во пет случаи се преземени мерки против пешаци, соопшти МВР.

Штип - Доживотна казна затвор за Фадил Зејнелов, кој на 1 ноември 2024 година на свиреп начин ја уби штипјанката Емилија Пешева, денеска во Основниот суд во Штип на вовоедните и завршни зборови побараа обвинителот во Основното јавно обвинителство и двајцата адвокати на семејството Пешеви. На Зејнелов му се суди за кривично дело убиство извршено при семејно насилство или фемицид.

Според истрагата на Основното јавно обвинителство, за убиството на штипјанката Пешева обезбедени се докази според кои обвинетиот на 1 ноември 2024 година, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип.

Крива Паланка - Почна реализацијата на работите од најновиот проект „ПАРКС“ што Општина Крива Паланка го имплементира заедно со партнер општината Дупница во рамки на ИНТЕРЕГ – ИПА програмата на Евопската Унија за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Проектот е со вкупна вредност од 895.000 евра од кои за Крива Паланка се доделени 388.000 евра, со кои е предвидена изградба на нов, урбан, зелен парк што ќе донесе пејзажна трансформација на целата локација.

Битола - Општина Битола објави јавен повик за доделување финансиски средства од буџетот на општината за работа на шаховски спортски клубови и здруженија во градот.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола посочуваат дека основни услови за доделување на финансиска поддршка на шаховските спортски клубови се да го поттикнуваат и унапредуваат шахот како спорт, да го популаризираат шахот и опфатот на што повеќе млади во своите клубови и здруженија, да ја реализираат програмата за развој на шахот, да поттикнуваат постигнување на врвни резултати, да се грижат за унапредување на младите категори, да учествуваат во национални спортски федерации или настапуваат на натпревари од национален и меѓународен карактер и своите активности и програми да ги реализираат на подрачјето на Општина Битола.

Скопје - Со цел подобрување на патната инфраструктура Општина Илинден продолжува со реконструкција на улиците во населените места, а во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта.

Во рамки на програмата извршена е целосна реконструкција, санација и асфалтирање на крак 1 од улицата „6“ во Миладиновци, во вкупна должина од околу 220 метри.

Тирана - Македонското друштво „Илинден“ - Тирана продолжува со својата мисија за зачувување на јазикот и образованието на македонскиот мајчин јазик на припадниците на македонската заедница во Албанија.

Во тие рамки последователна активност е барањето за отворање лекторат по македонски јазик во Корча.

Босилово - Комуналното претпријатие „Огражден" од Општина Босилово ќе добие ново возило за собирање на смет. Оваа одлука ја донесоа граѓаните на четвртата, завршна, форумска сесија на Форуми во заедницата во Општината.

-Следува постапка на јавна набавка и да се надеваме дека за брзо време ќе завршат сите административни процедури и возилото побрзо ќе биде ставено во функција, објави градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев.

Скопје - Министерството за социјална политика демографија и млади (МТСП) ги информира жителите на Општина Врапчиште дека по извршен контролен инспекциски надзор во ЈОУДГ „Пранвера“ Врапчиште утврдено е дека Општина Врапчиште по одземање на ингеренциите на градоначалникот на Општината во делот на именување на в.д. директор на установата и поставување на в.д. директор од страна на министерството, го одзела возилото од предучилишната установа (сопственост на општината), иако во јуни 2021 година го дала на користење на предучилишната установа на неопределено време.

- Се до 31.01.2025 година, кога е извршена законска смена на в.д директорот на  предучилишната установа, таа го користела  возилото за дотур на храна за 40 деца згрижени во објектот во село Добри Дол. Оттогаш па до денес  храна во овој објект се врши отежнато со помош на приватни возила, стои во соопштението.

Остани поврзан