МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
25 ноември 2024
Скопје - Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.
Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 на опозицискиот СДСМ.
Скопје - Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите, во соработка со Клубот на пратенички и Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска ќе одржи јавна расправа на тема „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре престојува во работна посета на Рим на покана на италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува на 10-то издание на годишната конференција „Медитерански дијалог“ (Rome MED Dialogues), каде ќе има обраќање на панелот „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“.
Скопје - Во јавниот градски превоз од денеска се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности. Автобусите на ЈСП - Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.
Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
Скопје - Во Музејот на град Скопје вечерва од 19:30 часот ќе биде одбележан почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Најавуваат дискусија, прикажување кратки видеа и документарни филмови и изложба „Лузни на издржливост, гласови на надеж“ од Мартина Спасовска, како што појаснуваат, со цел да се испрати порака дека насилството врз жените и девојчињата никогаш не е оправдано.
Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи панел-дискусија за политиките за доделување дозволи за емитување и иднината на дистрибуцијата на телевизиски содржини во организција на Центарот за развој на медиуми.
- Сметаме дека досега измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за негово усогласување со новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, не се доволни и дека на законодавството му треба поцелосна реформа, што ќе обезбеди и негово прилагодување на новите трендови во областа на телевизиското емитување и функционирањето на медиумите воопшто во новото дигитално опкружување, наведуваат од Центарот.
Скопје - Во Општина Кисела Вода денеска ќе биде поставен камен темелник за изградба на детска градинка во рамки на постојната ЈДГ „8 Март“. Градинката ќе има капацитет за згрижување на 120 дечиња. Со ова целосно се решава проблемот со листите за чекање во детските градинки во оваа општина.
Скопје - Во индустрискиот амбиент на едукативниот културен центар „Лабораториум“ денеска се одржува Саемот на креативни индустрии, настан кој ги обединува креативците. Организиран од здружението „Балкан синема ситис“ и Унијата на македонски организации во креативните индустрии (УМПАКИ), со поддршка од Министерството за култура и туризам и Британскиот совет, саемот обединува над 50 учесници од различни креативни сектори.
Скопје - Со седумнаесеттата „Недела на јапонски филм“, Амбасадата на Јапонија, „Кинотека“ и Центарот за култура - Битола ќе ја прослават 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави.
Скопје - Амбасадата на Грција во Скопје организира специјален настап на Мешаниот хор на Тесалоники, што ќе се одржи вечерва со почеток во 19:30 часот во малата концертна сала на Националната Филхармонија.
Репертоарот вклучува класична музика и современи грчки песни.
Скопје - Книгата „Поглед отстрана, Рацин (1908-1943)“ од Горан Калоѓера ќе биде промовирана вечерва со почеток од 19 часот во Културно-информативниот центар - Скопје. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.
Датумот на промоцијата се совпаѓа со денот на излегување од печат на првото издание на книгата на Кочо Рацин - „Бели мугри“, односно со 85-годишнината од објавата на оваа знаменита книга за современата македонска литература - на 25 ноември 1939 година, во Самобор, Хрватска.
Скопје - Со победа од 4:0 викендот над екипата на Вардар во 9. коло, прилепската екипа Младост 96 е есенски шампион во сезоната 2024/2025 во Суепрлигата во пинг-понг.
Белград - Репрезентативните синдикати на образованието во Србија денеска продолжуваат со штрајкот, со скратување на наставата на 30 минути во училиштата во управите на Ниш, Крушевац и Лесковац, Заечар и Јагодина, со што се бара подобрување на финансиската состојба на вработените, јави Бета.
Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа гостуваше на британскиот јавен сервис Би-Би-Си каде изјави дека цел на државата е да стане полноправна членка на Европската унија и дека никогаш не го признале Косово.
-Нашата цел е Србија да стане полноправна членка на ЕУ, но да ги има нашите традиционални пријатели и партнери на исток... На патот кон Европа не можете да постигнете ништо без мир и стабилност.
Портпаролката на УСПРС, Мирјана Гашиќ, изјави за медиумот дека барањето на синдикатот нивните претставници да присуствуваат на собраниската седница за буџетот за 2025 година е одбиено, од претседателката на Парламентот, Ана Брнабиќ.
Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека сите што се виновни за падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица, ќе одговараат „но не затоа што некој го побарал на улица“, туку ќе се утврди нивната вина од страна на судот.
Вучевиќ за Радио телевизија на Србија (РТС) изјави дека Србија мора да продолжи да функционира како држава и општество.
Атина – Пратеникот и поранешниот претседател на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос е избран за нов лидер на грчката опозициска партија по вчерашните избори на кои гласаа нешто повеќе од 70.000 членови и симпатизери, јави дописничката на МИА од Атина.
Фамелос освои 49,4 отсто од гласовите, поранешниот министер Павлос Полакис беше втор со 43,5 проценти и веднаш по соопштувањето на резултатите доцна синоќа изјави дека не е потребно одржување втор круг.
Вилнус - Товарен авион Боинг 737-400 што пренесувал нарачки на DHL и летал од германскиот град Лајпциг кон главниот град на Литванија - Вилнус, се урна во близина на куќа, изјави градоначалникот на Вилнус, Валдас Бенкунскас.
Несреќата се случила на околу 4 километри од аеродромот во Вилнус. Спасувачките екипи реагирале на местото на настанот. Од урнатините на авионот извлекле еден од двајцата пилоти, кој бил жив и свесен, но по неколку минути починал од повредите здобиени во несреќата.
Во авионот на компанијата Свифтер имало вкупно двајца пилоти и двајца вработени во „DHL“. Се трага по едно лице кое патувало во авионот.
Вилнус - Началникот на литванската полиција денеска изјави на прес конференција дека не може да се исклучи терористички напад како причина поради која товарен авион се урна рано утрото во близина на аеродромот во Вилнус.
„Тоа е една од верзиите што треба да се истражи и да се потврди. Има уште многу работа пред нас“, рече Арунас Паулаускас на прес-конференција.
Брисел - Сите форми на насилство врз жените се одвратни и тие претставуваат кршење на човековите права и поткопување на основни вредности на Европската Унија се наведува во заедничката изјава на Европската комисија и на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените - 25 ноември.
Рим - Блискиот исток, Украина и изборот на Доналд Трамп - тоа ќе бидат водечките теми на агендата на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 во италијанскиот град Фjуџи, на околу 80 километри од Рим, јави ДПА.
Средбата ќе трае два дена и тоа е последната од министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 за оваа година, во која Италија е ротирачки претседавач со Г7.
Берлин - Околу три месеци пред предвремените избори во Германија, социјалдемократите официјално ќе го номинираат Олаф Шолц за свој кандидат за канцелар и покрај неговиот исклучително низок рејтинг, јави ДПА.
Неговата формална номинација доаѓа откако партијата беше поделена со двонеделна жестока дебата за тоа дали далеку попопуларниот министер за одбрана Борис Писториус треба да биде номиниран за кандидат на местото на Шолц, за кој многумина во левичарската партија веруваат дека треба да се откаже.
Букурешт - Независниот ултрадесничарски кандидат на претседателските избори во Романија, Калин Георгеску, води со 22,84 отсто од гласовите, додека актуелниот премиер и претседателски кандидат на Социјалдемократската партија, Марсел Чолаку, освои 19,24 отсто, според резултатите добиени по пребројани 99,5 отсто од гласовите.
Киев - Поранешниот шеф на украинската дипломатија Дмитро Кулеба изјави денеска дека не очекува брзо завршување на војната меѓу Украина и Русија кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе власта.
„Би сакал да ги потсетам сите дека клучот за мирот е во Москва, а не во Киев“, изјави Кулеба за Си-Ен-Ен.
Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска и утре ќе ги и посети Турција и Грција.
Како што соопшти Алијансата, Руте денеска ќе престојува во Анкара, каде ќе има средби со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган и со турските министри за надворешни работи и за одбрана, Хакан Фидан и Јашар Ѓулер.
Руте ќе има средба со претставници на турската одбранбена индустрија, а ќе посети и фабрика на „Турската воздухопловна и вселенска индустрија“ (ТУСАШ).
Вашингтон - Мнозинството Американци се задоволни што Доналд Трамп победи на претседателските избори, како и неговите потези за време на транзицијата на власта, покажува најновата анкета спроведена од ТВ мрежата Си-Би-Ес Њуз и маркетинг компанијата ЈуГов.
Дваесет и четири отсто од испитаниците биле задоволни од фактот дека Трамп победил на изборите, додека 31 отсто се изјасниле дека се среќни поради тоа, објави Вашингтон тајмс.
Вашингтон - Советникот за национална безбедност на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Мајк Волц, синоќа изјави дека тој и советникот за национална безбедност на претседателот во заминување Џозеф Бајден, Џејк Саливан, работат на тоа - пред непријателите на САД да застапуваат единство за време на периодот на пренос на власта.
Бeјрут - Либанските власти објавија дека наставата во Бејрут и околината ќе биде прекината до крајот на декември, наведувајќи ја безбедносната ситуација по серијата смртоносни израелски напади врз главниот град во изминатите неколку денови.
Министерот за образование Абас Халаби рече дека „наставата со физичко присуство“ ќе биде прекината во приватните училишта, техничките институти и високообразовните институции во и околу Бејрут.
Рим - Поранешниот фудбалер Алесандро Дел Пјеро може да ја номинира својата кандидатура за функцијата претседател на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), пренесува новинарот Николо Шира.
Според Шира, 50-годишниот Италијанец ја проценува можноста да се кандидира за функцијата прв човек на ФИГЦ.