• вторник, 26 ноември 2024
МИА Општински пул

25 ноември 2024

Штип - Фирмата што го има реконструирано кровот на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ во координација со Министерството за образование и наука викендов ги санирала штетите на покривот, кои беа направени под налетот на силниот ветар пред три дена.

Градоначалникот на Општина Штип и директорката на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева на денешната прес-конференција соопштија дека целосно е саниран делот од кровната конструкција. Застој во наставата нема и сите ученици се во училишните клупи.

Гостивар – Министерот за здравство, Арбен Таравари при посета на општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар ги промовираше вложувањата во реконструкција на одделенијата и медицинска опрема кои надминуваат 25 милиони денари. Придружуван од првиот човек на болницата, Арѓент Муча, министерот направи обиколка и се запозна со плановите на најголемата здравствена установа во Гостивар и да види дел од вложувањата: медицински апарати кои се ставени во функција, реновирани оддели, нов пристап за амбулантни возила и новоуредено паркиралиште.

Директорот на болницата, Муча најави дека покрај реализраното планирани се и други зафати кои треба да се реализираат идната година.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје викендов подигнале и транспортирале околу 60 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Ѓорче Петров, Карпош и Чаир.

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, отстранета е обемна дива депонија на улицата „Лука Геров“ во општината Ѓорче Петров.
Депонијата била составена од  мешан комунален, кабаст и градежен отпад, а екипите на претпријатието и во текот на денешниот ден ќе ги продолжат активностите за целосно расчистување на непрописно одложениот отпад.

Скопје - Камен темелник на нова градинка во населбата Расадник со капацитет за 120 деца, беше поставен денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и на заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

Како што беше соопштено на настанот, објектот ќе се протега на површина од 795 квадратни метри, со шест занимални, од кои две за јасли. Вредноста на капиталниот проект е 35 милиони денари.

Гевгелија - Со акција за пошумување насловена „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“, во близина на месноста Топлик кај Гевгелија, засадени се над 5.000 дрвца багрем и чемпрес, информираа денеска од Општина Гевгелија преку нивната официјална страница.

Акцијата ја организираше Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Шумско стопанство „Кожуф“ и ОО на Црвен Крст од Гевгелија и со голем број волонтери,претставници на Советот на Општина Гевгелија, државните и локалните институции и граѓанскиот сектор.

Куманово - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска остварил средба со амбасадорот на Казахстан Сатибалди Буршаков. 

Како што информираа денеска од Општината, на средбата акцент бил ставен на досегашната успешна соработка меѓу двете земји, а било разговарано и за унапредување на соработката во повеќе области од значење за граѓаните.

Скопје - Општина Центар информира дека 1500 пензионери досега се имаат пријавено на јавниот повик за доделување еднократна парична помош во висина од 2.500 денари за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека јавниот повик којшто се имплементира трета година по ред се одвива по принципот „прв дојден - прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена.  

Демир Хисар - Општина Демир Хисар на јавен буџетски форум со граѓаните, утврди дел од проектите што со локални средства, но и со владина поддршка ќе се реализираат во 2025 година.

Градоначалникот Никола Најдовски информира дека со Владата е потпишан договор преку Министерство за локална самоуправа за четири проекти, а ќе се аплицира и за други комунални проекти.

 

Остани поврзан