МИА Општински пул
- 25 ноември 2024
25 ноември 2024
Охрид - Нивото на водата во Охридското Езеро и натаму опаѓа, дури надминувајќи ја границата под дозволениот минимум. Според последните податоци, нивото на водата во езерото денеска е на котата 693,09 метри надморска височина, што е 20 сантиметри под просекот за овој период од годината.
Инаку, нивото на водата во езерото моментално е за еден сантиметар под дозволениот минимум утврден на котата 693,10 метри надморска височина.
Скопје - Кај гевгелиското село Богородица утрово, во 4:00 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица го лишиле од слобода Т.Н.Ј. од Република Турција.
Како што соопшти МВР, при преглед во возилото „дачија дастер“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 15 лица мигранти, од кои шест малолетници.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 18 до 24 ноември 2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 206 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од ЈП ПОЦ велат дека заедно со Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на општината. Потсетуваат на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците.
Гостивар - Пет експлозивни тела од непознато потекло се откриени при изведување на градежни работи во близина на Основен суд Гостивар.
Очеведци за МИА потврдија дека утрово околу 9 часот, при копање на канал за одводување на улицата „Живко Брајковски“ спроти судската зграда, машина за ископ на земја на длабина од половина метар извлекла метални тела, за кои се претпоставува дека се боеви гранати. Во моментов полициски службеници го обезбедуваат местото и се очекува увид.
Делчево - На покана на Општина Бар, делегација на Општина Делчево присуствуваше на свеченоста по повод 80 години од ослободувањето на Бар, соопшти денеска градоначалникот на Општината, Горан Трајковски. Во рамки на посетата Трајковски остварил средба со градоначалникот на Бар, Душан Раичевиќ.
-На средбата разговарав за продлабочување на пријателството и понатамошен развој и соработка во сите области. Пријателството меѓу општините е битна алка, бидејќи денес општините претставуваат клучен елемент во процесот на развој на регионите и земјите и важен предмет на меѓународните односи, при што општините имаат особено важна улога и одговорност, изјави Трајковски.
Скопје - Во кумановското село Романовце вчера во 10.00 часoт полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода К.С.(30) од село Романовце.
МВР денеска соопшти дека при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени два пиштоли „Зораки“ со рамки и една кутија со 30 куршуми калибар 9 мм.
Скопје - Без вода денеска се дел од корисниците лоцирани на улиците „Душко Поповиќ“, „Томе Пуре“, „Боца Иванова“ и „Бутелска“ во Општина Бутел.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради уличен дефект на „Душко Поповиќ“ 27.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Според неделниот лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 18 ноември до 22 ноември годинава, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Скопје - Во Општина Кисела Вода денеска ќе биде поставен камен темелник за изградба на детска градинка во рамки на постојната ЈДГ „8 Март“. Градинката ќе има капацитет за згрижување на 120 дечиња. Со ова целосно се решава проблемот со листите за чекање во детските градинки во оваа општина.
Вкупната површина на детската градинка е 795 метри квадратни,а објектот опфаќа шест занимални од кои две се јасли. Проектот е во вредност од 29.582.242 без ДДВ, или 34.907.046 со вклучен ДДВ.