• вторник, 26 ноември 2024
МИА Радио флеш

25 ноември 2024

Скопје - Управата за финансиска полиција, до Oсновното јавно обвинителство Тетово поднела кривична пријава против Х.И. поранешен министер за култура, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик.

- Пријавениот Х. И. во својство на службено лице- министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти, се појаснува во соопштението од Финансиската полиција.

Скопје - Земјава има добра законска регулатива за спречување и заштита од насилство врз жените, но останува да се работи на нивната имплементација, беше потенцирано на денешната Јавна расправа на тема „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, која се одржа во рамки на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека иако правната рамка во Северна Македонија е солидна, овие закони, рече тој, мора целосно да се спроведуваат за да обезбеди брз одговор и подобра заштита на жртвите. 

Скопје - Комплетиран е новиот состав на Комисијата за помилување, а за утре е предвидено да се одржи првата конститутивна седница, брифираат од Кабинетот на претседателката, Гордана Сиљановска Давкова. Претседалка на Комисијата е  д-р Милка Ристова, а во нејзиниот состав се и проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.

Оваа Комисија е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда одлучува кој и какво помилување ќе добијат затворенците со правосилни пресуди.

Скопје - Во претпладневниот дел од денешната амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година не беа прифатени 10 амандмани од пратениците од СДСМ и Левица. Министерството за финансии не прифати шест амандмани од СДСМ и четири амандмани од Левица.

Со амандманите на СДСМ се бараше да се одвојат средства за субвенционирање на фотоволтаични системи за покриви на домаќинствата, за субвенции за транспортни компании кои возилата ќе ги заменат со електрични возила, за изградба на ХЕЦ Градец и за изградба на гасоводна мрежа во Кавадарци. 

Скопје - Никој не отворил такво прашање дека може без Албанците. Никој не го оспорува тоа, за да одговориме, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, прашан како ја коментира изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети од Швајцарија дека „без Албанците, ќе нема иднина за Македонија“.

Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за поддршка од повеќе земји членки на идејата за уставни измени со одложено дејство, и дали во Владата се разговара околу тоа, Меџити рече, дека тоа е потврда дека Владата е европски ориентирана и е во врвот на приоритетите. 

Скопје - Урбаниот транспорт е еден од главните фактори за аерозагадувањето, затоа утре шест електрични автобуси ќе бидат донирани на Градот Скопје, односно на ЈСП, додека пред одлука сме Владата да купи 100 до 120 електрични автобуси кои што потоа ќе бидат донирани на јавниот транспорт по општините, најави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.  

Во однос на аерозагадувањето, Меџити рече дека ова не е проблем од денеска и дека треба да се насочиме кон причините, а не кон последиците. 

Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија,  Африм Гаши во рамки на официјалната посета на Република Косово денеска остварил средба со претседателот на Собранието на Република Косово, Глаук Коњуфца.

На средбата присуствувале и пратениците Имрлије Салиу-Фетаи, претседател на пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово и  Тони Јаревски, член на пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово.

Скопје - Ќе се бориме до последно да нема ниту 3-процентно покачување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари. Максимумот што може да се случи е да има покачување на цената од 3 проценти во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот блок, каде што се најголемиот број од потрошувачите, да нема никакво покачување, вети денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-За нас е најлесно да ја покачиме цената и граѓаните да добијат сметки коишто ќе бидат 20-30 проценти повисоки од тие коишто ги имале досега. Тоа е најлесно и сега ние сме виновни зошто не ги покачуваме сметките. Мислам ова не можам да го разберам како порака од опозицијата, а не ги покачуваме затоа што грчевито се бориме да ја стабилизираме состојбата во енергетиката. Ако настапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти се ќе поскапи. Замислете што ќе се случи и каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата, изјави Мицкоски во одговор на прашање по поставувањето камен-темелник на нова детска градинка во скопската населба Расадник во општина Кисела Вода. 

Скопје - Одлуката за изградба на асфалтна база во индустриската зона Визбегово Владата ја поништи, имајќи ги в предвид аргументите на граѓаните и бизнисот дека тоа е штетно. Ќе бараме други решенија, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. 

Меџити денеска ја посети локацијата каде беше предвидена изградбата на асфалтната база, пред стопанствениците, жителите на оваа населба, од каде порача „тука сме да покажеме дека знаеме да ги чуеме граѓаните и бизнисот“. 

Тирана - Албанскиот претседател Бајрам Бегај, попладнево ги заврши консултациите околу датумот на одржување на парламентарните избори, што треба да се одржат на пролет следната година.

На денешната средба, владејачките социјалисти предложиле изборите да бидат на 11 мај, со цел да им се даде повеќе време на иселениците, на кои на овие избори за првпат им се дава право на гласаат.
Ова го потврди генералниот секретар Бленди Кљоси по средбата на која присуствувал и Нико Пелеши, координатор на пратеничката група.

Белград - Седницата на српското Собрание на која се расправа за Предлог-буџетот за 2025 година е прекината поради инцидент, туркања и физичка пресметка на пратениците од владејачката коалиција и опозицијата, јави дописникот на МИА од Белград.

До инцидент дојде кога пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата дојдоа на говорницата држејќи транспаренти, по што имаше извици, меѓусебно туркање и фрлање хартии и вода.

Тирана - Првиот човек на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани, на настан организиран од албанскиот Хелсиншки комитет, рече дека голем број судии и обвинители се под кривична истрага за „пасивна корупција“.

-Денеска, додека зборуваме, СПАК стави под кривичен прогон судии од Уставниот и Врховниот суд, јавни обвинители. Имаме голем број субјекти и ќе продолжиме да го правиме секогаш кога ќе имаме индиции или податоци. Најголема грижа не се разрешените, туку оние кои се потврдени на функцијата и тоа е нашиот фокус, затоа што тие се во системот и можат да прават коруптивни дела, рече тој.

Приштина - Косовската претседателка, Вјоса Османи отпатува денеска во работна посета на Колумбија, каде што, меѓу другото, ќе ја отвори амбасадата на Република Косово во главниот град, Богота, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи во Колумбија ќе оствари билатерални средби со нејзиниот хомолог, претседателот Густаво Петро, како и со претседателот на Сенатот на Колумбија, Ефраин Цепеда.

Белград - Во Специјалниот суд во Белград денеска имаше завршни зборови на судскиот процес за масовното убиство во селата Мало Орашје и Дубона против Урош Блажиќ и неговиот татко Радиша Блажиќ, за кои обвинителството побара максимални казни, јави дописникот на МИА од Белград.

Обвинетиот Урош Блажиќ изјави дека моли да биде „најстрого казнет“, велејќи дека сака да ги „искупи гревовите“. Тој им изрази сочувство на семејствата на жртвите што ги убил таа ноќ и додаде дека би сакал да ги донира своите органи на повредените во масакрот.

Париз - Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека ќе ја урне француската влада на тој начин што пратениците од нејзината партија ќе гласаат против усвојувањето на предлог-буџетот за следната година, доколку тој биде во парламентот во сегашната форма, пишува Блумберг.

Според американската агенција, Ле Пен го заостри својот тон во последните неколку недели откако се соочи со обвинувања за проневера на средства од ЕУ за финансирање на работата на нејзината партија во Франција.

Лондон - Британската влада денеска воведе санкции против уште 30 бродови од таканаречената „фантомска флота“ што и дозволува на Русија да извезува нафта и гас преку заобиколување на западните ограничувања наметнати од почетокот на руската инвазија на Украина.

„Утрово го објавив најголемиот пакет санкции против руската фантомска флота. Тоа зборува за ангажманот на Велика Британија во однос на Украина, изјави шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, на средбата со неговите колеги од Г7, што се одржува во Италија.

Брисел - Поранешниот копретседател на групата на Зелените во Европскиот парламент, Филип Ламбертс е ангажиран како советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со задача да и помага при транзицијата кон климатско неутрална економија. 

Како што соопшти ЕК, со своето огромно искуство и врските во политиката, меѓународните односи и деловната заедница, 61-годишниот Белгиец ќе има советодавна улога во исполнувањето на климатските цели на ЕУ до 2030 година и во постигнувањето климатска неутралност до 2050 година.  

Рим - Зголемен е бројот на мигрантско насилство врз жените во Италија, што е последица на неконтролираната миграција, изјави денеска италијанскиот вицепремиер, министер за транспорт и лидер на десничарската партија Лига, Матео Салвини.

По повод Меѓународниот ден на борба против насилството врз жените, Салвини ги прочита имињата на 15-те жртви на фемицид во Италија кои беа убиени во период од една година, пренесе АНСА.

Берлин - Извршниот комитет на германската централно-левичарска Социјалдемократска партија (СПД) денеска го номинираше канцеларот Олаф Шолц за главен кандидат на партијата на претстојните предвремени избори, по тешка и контроверзна внатрешна дебата. Учесниците на состанокот на 33-члениот раководен комитет на СПД во Берлин ја соопштија одлуката за ДПА.

Членовите на СПД треба да ја потврдат кандидатурата на Шолц на националната партиска конференција на 11 јануари.

Лондон - Велика Британија ќе ја следи соодветната постапка доколку Бенјамин Нетанјаху го посети Обединетото Кралство, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами како одговор на прашањето дали Лондон ќе ја исполни налогот за апсење на израелскиот премиер на Меѓународниот кривичен суд, пренесоа британските медиуми.

-Го потпишавме Римскиот статут, секогаш бевме посветени на обврските што ги имаме според меѓународното право и меѓународното хуманитарно право, изјави Лами на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на Г7 во италијанскиот град Фоџа.

Берлин - Нема индиции дека падот на товарниот авион на германската компанија ДХЛ (DHL) во Литванија е поврзан со предупредувањето на германските власти за пакети со запаливи средства, изјави денеска портпаролот на германското МВР.

-Ќе треба да почекаме да заврши истрагата, рече портпаролот на германското МВР.

Москва - Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска биле соборени осум балистички ракети што биле лансирани од Украина, без да прецизира за какви проектили станува збор, како и дека се уништени бомби и дронови од американско производство.

Француските медиуми пренесуваат дека веста на руското Министерство е објавена во време на жестока ескалација на конфликтот во Украина и заканите на Москва дека ќе ги гаѓа западните земји доколку западното оружје се употреби на руска територија.

Брисел - ЕУ е свесна дека за нејзината илегална агресија против украинскиот народ Русија бара помош и од странски граѓани и дека и пред неодамнешното ангажирање на војници од Северна Кореја, имаше случаи на регрутирање на државјани на други земји, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во врска со информации дека Русија регрутира Јеменци за учество во конфликтот во Украина, преку компанија поврзана со јеменските бунтовници Хути.  

- Не би навлегувал во детали за тоа какви информации имаат земјите членки околу ова, но знаеме дека тоа е исто така еден од начините како функционира Русија и како ја обезбедува потребната сила во луѓе за да ја продолжи илегалната агресија врз украинскиот народ, рече Стано.

Рим - Папата Франциск ги обвини „лицемерните“ земји кои зборуваат за мир, а истовремено произведуваат оружје, за конфликтите во Украина и палестинските територии.

- Сакам да ги споменам неуспесите на човештвото – Украина и Палестина, каде што луѓето страдаат, а ароганцијата на освојувачите победува над дијалогот, изјави папата.

Остани поврзан