• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

  9 октомври 2024

 

Скопје - Сакам да порачам дека ќе ги спроведеме неопходните реформи, колку и да се тешки и нема да запреме тука, додека не почнат граѓаните да гледаат со полна доверба кон судовите во постапките за заштита на своите права, истакна министерот за правда, Игор Филков на дебата на тема  „Судски совет на РСМ – Предизвици и препораки за обезбедување на независно судство“, а организирана од страна на Институтот за човекови права.

Скопје – Во 2025 година планираме зголемен буџетот на Министерството за одбрана и 37 проценти од овие средства или околу 8,5 милијарди денари да бидат насочени кон модернизација и опремување на Армијата што е за три милијарди денари повеќе од годинава, најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Предлог Буџетот за Министерството за одбрана за 2025 година, како што кажа, треба да биде 2,4 проценти од БДП од кои 37 проценти ќе одат за модернизација на Армијата или 7 проценти повеќе од досега.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Црна Гора во земјава Зоран Миљаниќ.

На средбата, како што информира МВР, беше оценето дека соработката меѓу двете министества е на исклучително високо ниво со заемен интерес за нејзино продлабочување во борбата против организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со луѓе и шверцот со дрога.

Скопје - Министерството за внатрешни работи заедно со Основното јавно обвинителство Тетово преземаат мерки и активности за расчистување на настанот во тетовското село Слатино каде вчера беа пронајдени починати мајка и дете.

Првичните сознанија од наредената обдукција, соопштија денеска од МВР, упатуваат на труење како веројатна причина за смрт на лицата, па од починатите се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи со цел да се утврди причината за труењето.

Скопје - Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на седница одлучија да останат исти коефициентите за утврдување на плата на Претседателот на Република Северна Македонија, на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски образложувајќи  ја предлог-одлуката нагласи дека согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна Комисија за одлучување во управна постапки и постапка од работен однос во втор степен, потребно е да се направат соодветни терминолошки усогласувања во оваа одлука.

Скопје - На локалниот пат Стојаково - Богданци полицијата завчера во возило „ауди“ пронашла 12 лица мигранти, а истиот ден во 08.30 часот во Гевгелија, го лишиле од слобода Д.Ј.(27) од Гевгелија, кој го управувал возилото.

МВР денеска соопшти дека при преглед во возилото „ауди“ без регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 12 лица мигранти (две од Сирија и 10 од Ирак).

Скопје - Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција во Владата рече дека кога ќе биде готово решението како да продолжат преговорите за евроинтегративниот пат на државата, јавноста ќе биде информирана.

- Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграциските процеси секогаш е отворена пред граѓаните со јасно изразени услови. Кога ќе се создадат услови, јавноста ќе биде информирана, рече Митева.

Најголемата опозициска партија од македонскиот блок денеска повторно побара од Владата да каже каков е планот за евроинтегративниот процес на државата.

Скопје - Очекувана и разумна одлука, велат од Владата за одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата која ја отфрли тужбата за патувањето на синот на премиерот во САД. 

Портпаролката на Владата Марија Митева рече дека она што сега се очекува е извинување за сите шпекулации изнесени во врска со овој случај.  

Скопје - Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ утре треба да именува нов директор на Академијата.

Именувањето на нов директор е втора точка на  дневен ред на 221. седница на Управниот одбор на Академијата закажана за утре во 15 часот.

Јавниот оглас за избор на директор на Академијата беше објавен на 26 август годинава, откако поранешната директорка, Наташа Габер-Дамјановска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули.

Скопје - Електронските уреди што треба да ги добијат сите студенти ќе се обезбедат преку ИТ компаниите, а преговорите со нив веќе се отпочнати и се очекува да завршат до крајот на годинава. 

Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција појасни дека секој студент ќе добие ваучер од 250 евра за набавка на електронски уред. 

Скопје - Уставните измени и евроинтеграциите на земјава биле едни од најзастапените теми во медиумските известувања за време на изборната кампања, но без аналитички пристап. Известувањата во медиумите генерално се засновале на изјавите на политичарите, покажуваат анализите објавени во публикацијата на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).

Според новинарката и уредничка за надворешна политика во „Независен“ Слободанка Јовановска, во медиумските известувања немало аналитички пристап за тоа што значи усвојувањето на уставните измени, односно какви придобивки или евентуални штети би имало по државата, а немало ниту обиди да се анализира како политичарите ги менувале ставовите пред, за време и по изборната кампања. 

Скопје - Со премиерната проекција на црногорскиот игран филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан, копродукција со Северна Македонија и Србија, ќе се отвори јубилејното 20-то издание на „Кидс фест“ во Белград. Фестивалот ќе се одржува од 12-ти до 20-ти октомври во Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Тирана - Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, синоќа престојувал во Тирана при што на средбата со неговиот домаќин, Пиро Венгу, разговарале за продлабочување на соработката во областа на одбраната и военото образование меѓу двете земји.

За време на разговорот, Венгу истакнал дека Косово останува национален стратешки приоритет за Албанија и клучен елемент во надворешната и безбедносната политика.

Белград - Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф денес во Белград имаше разговори со претседателот Александар Вучиќ и првиот собраниски спикер Ана Брнабиќ за клучни прашања, за сложената ситуација на Косово, за енергетиката и за имплементацијата на препораките на ОДИХР за унапредување на изборниот процес, јави дописникот на МИА од Белград.

Тирана – Бериша требаше да биде во затвор, а не удобно да седи дома, изјави ЦДУ, портпаролот за европски прашања на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Гинтер Крихбаум, при тоа најостро осудувајќи го насилството на Демократската партија на протестот одржан во понеделникот.

Според него, главен виновник и поттикнувач на насилството на протестот во Тирана е Бериша.

Дубровник - Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Дубровник каде ќе учествува на самитот Украина - Југоисточна Европа.

Тој рече дека планира да разговара со своите соговорници за заедничкиот одговор на безбедносните предизвици и меѓународните напори за спроведување на украинската формула за мир, како и за соработката на патот кон пристапување во Европската унија и НАТО.

Атина – Многу случаи на малолетничко насилство се објавуваат на социјалните мрежи, бидејќи токму тоа го сакаат, да постои фотографија или видео што ќе се објави како „подвиг“, како што сметаат децата, истакна портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду, говорејќи за зголеменото врсничко насилство во Грција и влијанието на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период во Грција се зголемени случаите на врсничкото и малолетничкото насилство, а според официјалните податоци од Министерството за заштита на граѓаните на од 30 септември до 6 октомври во рамките на активностите на полицијата за спречување и справување со малолетничката деликвенција и насилството меѓу малолетниците, на целата територија биле извршени проверки врз 6.283 лица, било констатирани 296 прекршоци, приведено 361 лице, а уапсени 189.

Брисел - Има само еден пат за постигнување праведен мир и за Украина и за Европа, а тоа е да продолжиме да го зајакнуваме украинскиот отпор со политичка, финансиска и воена поддршка, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање пред Европарламентот во Стразбур за време на дебатата за приоритетите на унгарското претседателство со ЕУ.  

Брисел – Европската Унија ги мобилизира сите алатки за реакција при итни случаи со кои располага, за да обезбеди поддршка на луѓето погодени од актуелната криза во Либан, информира денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаж Ујвари. 

- Денеска, ЕУ започна операција за хуманитарен воздушен мост за помош на луѓето во Либан, што ќе се состои од три лета, со кои, меѓу другото, ќе бидат дистрибуирани средства за хигиена, ќебиња и објекти за сместување, изјави Ујвари. 

Авионите ќе полетуваат од Дубаи и Бриндизи, а предвидено е првиот да пристигне во Бејрут на 11 октомври. 

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Израел е „терористичка ционистичка организација“, која, како што наведе, го изврши најбруталниот геноцид во минатиот век во Газа.

„Не се сомневајте во тоа, Израел е ционистичка терористичка организација. Израел е извршител на геноцидот во Газа, но ова злосторство беше извршено со силна поддршка на западните земји и администрациите“, рече Ердоган на партиски состанок.

Ерусалим - Најмалку шест лица се повредени денеска во напад со нож во израелскиот град Хадера. Двајца од повредените се во тешка состојба, објавија странските агенции, повикувајќи се на израелските власти.

„Терористот е неутрализиран“, се наведува во соопштението на полицијата.

Други детали не се соопштуваат.

Газа - Најмалку 18 лица, меѓу кои пет деца и две жени, загинаа во израелските напади во централниот и северниот дел на Газа, соопштија денеска претставници на локалните власти контролирани од исламистичкото движење „Хамас“ на палестинската територија

Во два напада се погодени шатори за раселените луѓе во бегалските кампови Нусејрат и Буреиј во центарот на Газа. Телата на девет лица, меѓу кои и три деца, се донесени во болницата „Ал Акса“ во блискиот град Деир ал Балах.

Техеран – Техеран им порача на арапските држави во Персиски Залив дека е неприфатливо да дозволат користење на нивниот воздушен простор или воени бази против Иран, изјави неименуван висок ирански претставник.

- Иран јасно стави до знаење дека секоја акција на која било земја од Персиски Залив против Техеран, со употреба на воздушниот простор или воените бази, Техеран ќе го смета за акција преземена од целата група и соодветно ќе одговори, посочи иранскиот функционер.

Лондон - Технолошкиот гигант „Гугл“ денеска го загуби случајот што го покрена против казната од Европската унија изречена поради начинот на кој компанијата прави дигитално рекламирање.

Судот на правдата на ЕУ денеска ја потврди одлуката на понискиот суд, отфрлајќи ја жалбата на „Гугл“ на казната од 2,4 милијарди евра изречена од Европската комисија поради тоа што компанијата дава незаконска предност на своите препораки за купување во однос на ривалите - во резултатите од пребарувањето.

Остани поврзан