• недела, 14 јули 2024
МИА Радио флеш

19 јуни 2024 

-Претседателот на Собранието Африм Гаши ја закажа седницата за избор на новата Влада во сабота во 11 часот. Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во законодавниот дом го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа. Собранискиот Деловник предвидува седницата за избор на Влада да трае најмногу два дена. Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

-Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот ревизорски извештај на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Меѓу другото, се укажува на слабостите во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради неколку причини, а имало слабости и неправилности и кога е во прашање постапката за упатување за лекување во странство. - Изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за 2022 година, пишува во извештајот.

-Изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски поврзани со името, поднесениот предлог за новиот владин состав, како и гласањето во Собранието во текот на викендот, се во фокусот на онлајн изданијата на грчките медиуми, кои во главно, ги пренесуваат текстовите од државната агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. Во текстот под наслов „Северна Македонија – Христијан Мицкоски: На заклетвата на Владата ќе го користам уставното име на земјата“, АНА-МПА пишува за вчерашното интервју на мандатарот за „Сител“ во кое „рече дека на инаугурацијата на неговата влада, за време на викендот ќе го користи уставното име на државата“.

-Никој да не се меша во судската власт, порачаа денеска новите членови на Судскиот совет Исамедин Лимани и Александар Камбовски, кои дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Лимани и Камбовски не одговорија што мислат за предлогот за распуштање на Судскиот совет. - Отсекогаш сум верувал во независност, во транспаретност, отчетност, одговорност, борба против корупција. Се надевам дека тие мои убедувања ќе бидат третирани во советот, изјави Камбовски. Прашан што мисли за распуштање на Советот, Камбовски рече дека нема што да мисли сега, бидејќи треба да се разгледаат новите предлози, а засега не ги знае. 

-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за предадени градинарски култури во преработувачки капацитети. Кон околу 4.030 производители на градинарски култури исплатена е финансиска поддршка од близу 298 милиони денари. Како корисници на оваа поддршка се јавуваат земјоделски стопанства кои имаат засадени површини со градинарски култури и кои оствареното производство го имаат предадено во преработувачки капацитет во период од 26 декември 2022 година – 25 декември 2023 година.

-Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, коментирајќи го ставот од претставници од пекарската индустрија дека тие во голем дел зависеле од домашното производство и оти со растот на цената на струјата ќе се зголеми и цената на лебот, порача дека големите пекарски компании се законски обврзани да обезбедуваат електрична енергија на слободниот пазар и оти не смеат да бидат снабдувани од ЕВН Хоум. -Големите пекарски компании во државата, кои обезбедуваат најголем  дел, односно над 90 проценти од потребите за леб, мора да одат на слободен пазар на електрична енергија. Тие никогаш не биле снабдувани од универзалниот снабдувач, рече Бислимовски, на новинарско прашање на прес-конференцијата за 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG, што се одржува во Скопје. Со  таквите лажни вести, као што рече, ќе се бори со факти и кажување на вистината.

-Континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа е императив во борбата за намалување на загубите на вода од извор до чаша, која согласно податоците за 2023 година на ниво на цела држава во просек изнесува над 60 проценти. Ова беше истакнато на 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија - WAREG (European water regulators), што се одржува денеска во Скопје. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски посочи оти во регионот сме една од земјите со највисоки загуби.

-Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел им препорача на земјите-членки на ЕУ укинување на казнените мерки против Косово, јави Радио Слободна Европа повикувајќи се на извори запознаени со содржината на документот. Истите извори потврдуваат дека Борел таа препорака ја засновал на фактот дека Косово презело чекори кон исполнување на барањата на ЕУ изразени во соопштението од 3 јуни 2023 година.

- Се очекува Европската унија денеска да опомене речиси 10 влади, вклучително и Франција и Италија, поради нивното прекумерно трошење откако новите буџетски правила стапија на сила оваа година. Ова ќе биде првпат Брисел да ги опоменува нациите откако ЕУ ги суспендираше правилата по пандемијата на Ковид во 2020 година и енергетската криза предизвикана од војната во Украина, бидејќи државите ги поддржуваа бизнисите и домаќинствата со јавни пари.

-Русија се бори против децениска „хегемонистичка и империјалистичка политика“ на САД и нивните сојузници, рече претседателот Владимир Путин на почетокот на разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Пјонгјанг. -Мислам на нашата борба против хегемонистичката, империјалистичка политика што ни ја наметнаа САД и нивните сателити во однос на Русија со децении, рече Путин. Тој му се заблагодари на севернокорејскиот лидер за поддршката на Северна Кореја за Русија, вклучително и за прашањето за Украина.

-Израелските сили можеби ги прекршиле основните принципи на законите за војна и не успеале да направат разлика меѓу цивилите и борците за време на нивната воена кампања во Појасот Газа, се вели во соопштението на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, цитирана од британските медиуми. Во извештајот за проценка на шест израелски напади кои резултираа со голем број жртви и уништување на цивилна инфраструктура, специјализираната агенција на ОН рече дека израелските сили „можеби систематски ги прекршиле принципите на разлика, пропорционалност и претпазливост при нападот“.

-Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол денеска прогласи национална демографска вонредна состојба поради намалувањето на населението, ветувајќи дека ќе вложи максимални напори за борба против екстремно ниската стапка на наталитет во земјата. Јун го изјави ова за време на состанокот на претседателскиот комитет за ниска стапка на наталитет и стареење на населението, кој предупреди дека населението во Јужна Кореја на крајот би можело да изумре доколку трендот на екстремно ниска стапка на наталитет не се промени. -Денеска официјално прогласувам национална демографска вонредна состојба. Ќе активираме сеопфатен систем за одговор на владино ниво додека не се надмине проблемот со нискиот наталитет, рече Јун. 

Остани поврзан