• понеделник, 20 мај 2024
МИА Радио флеш

1 април 2024 

-Едукацијата на женската популација за социоекономските права, можности и развивање бизнис-идеи, планови, како и финансиските можности за користење на домашните и европските фондови, се значаен чекор кон намалување на родовиот јаз во општеството и економијата. Финансиската едукација и финансиската вклученост на жените се вбројуваат меѓу политиките коишто треба да се спроведуваат во земјава за намалување на нерамноправноста помеѓу жените и мажите на повеќе полиња, заради обезбедување севкупно поголем економски напредок. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ), Савка Тодорова. За постигнување побрзи и подобри резултати, клучна е соработката помеѓу институциите и невладиниот сектор.

-Во акција на МВР спроведена во текот на вчерашниот ден биле санкционирани 807 возачи за возење со поголема брзина од дозволената. - Од нив 53 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 18 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 399 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 408 надвор од населено место, информираат од МВР. 

-Жичницата на Водно од утре, вторник (2.04.2024 год), ќе работи еден час повеќе, односно од 10 до 18 часот, соопшти ЈСП Скопје. Согласно возниот ред за април, последно возење од долу кон врвот е од 17:00 до 17:30 часот, а последно возење од врвот надолу е во 17.45 часот. Од ЈСП потсетуваат дека секој понеделник и секој последен вторник во месецот, за жичницата се неработни денови.

-На пазарите, во трафиките, во такси возилата, мини маркетите во Грција, од денеска ќе може да се плаќа со картичка, со оглед на тоа дека ПОС терминалите се задолжителни во над 30 сектори во земјата, јави дописничката на МИА од Атина. По првичното продолжување на рокот, од денеска ПОС терминалите се задолжителни во низа бизниси, а за оние кои се вклучени во листата и нема да прифатат плаќање со картичка предвидени се казни во висина до 1.500 евра. Ослободени од обврската, засега се само сезонските бизниси, кои имаат рок ПОС да воведат најдоцна до почетокот со работа, а не до 31 март како што важи за останатите.

- Претседателот на Албанија Бајрам Бегај денеска упати порака по повод 15-годишнината од членството на Албанија во НАТО, во која нагласува дека неговата земја ќе продолжи да биде непоколеблива и да придонесува за мирен свет заедно со сојузниците. „Датумот 1 април 2009 година ја оживеа евроатлантската визија на Албанците да бидат дел од најмоќната политичко-воена алијанса на нашето време. Ова членство го исполни долгогодишниот стремеж на албанскиот народ, враќајќи го во неговата западна припадност, олицетворена во филозофијата на нашиот народен херој, Ѓерѓ Кастриот, како стратег на првиот политичко-воен сојуз со Западот. Членството на Албанија во НАТО е еден од најважните датуми во нашата национална историја“, напиша Бегај во објава на Фејсбук. Искажува благодарност до албанскиот народ, САД и сојузниците кои го овозможиле членството, додавајќи дека „Албанија за овие 15 години во НАТО, донесе поголема безбедност во земјата, регионот и евроатлантскиот простор“.

-Иако поминаа цели два месеци откако Европската комисија и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) доставија предлог за промена на условите од Поглавјето 35 од преговарачката рамка во процесот на преговорите за членство со Србија, потребниот консензус за одобрување на овие промените се уште не е постигнат во Советот на ЕУ. Радио Слободна Европа дознава дека се уште постојат разлики во ставовите меѓу земјите-членки, а белгиското претседателство со ЕУ прави напори да ги надмине овие разлики. Според истите извори, некои земји не го прифатиле првиот предлог на Европската комисија за овие измени. Некои земји-членки потоа ги дадоа своите предлози и тие беа дискутирани во работните групи на Советот кои се занимаваат со Западен Балкан и процесот на проширување.

-Францускиот министер за надворешни работи, Стефан Сежурне денеска во Пекинг изјави дека Франција очекува Кина да испрати „многу јасни пораки до Русија“ за прашањето за војната во Украина, пренесоа француските медиуми. -Очекуваме Кина да испрати многу јасни пораки до Русија, рече министерот на заедничката прес-конференција со неговиот кинески колега Ванг Ји. Сежурне рече и дека не е пожелно Франција драстично да ги намали економските врски со Кина. Сепак, министерот повика на поголема економска рамнотежа, бидејќи комерцијалната размена меѓу двете земји мора да „почива на здрава и цврста основа“.

-Рускиот ракетен крстосувач Варгјаг, предводник на руската Пацифичка флота, денеска помина низ Суецкиот канал и навлезе во Средоземното Море, соопшти руската Пацифичка флота. Наведено е дека „Варјаг“ поминал низ Црвеното Море ден претходно, пренесува агенцијата ТАСС. Се додава дека „Варјаг“ ќе оперира во Средоземното Море во согласност со претходно одобрениот план за вежби на флотата. 

-Израелските безбедносни сили ја уапсија сестрата на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Тел Шева под сомнение дека имала врски со Хамас и учествувала во поттикнување и поддршка на тероризам, објавија изутринава израелските медиуми и израелската полиција. Во полициското соопштение се наведува дека приведената осомничена е близок роднина на висок член на Хамас. Медиумите објавија дека станува збор за 57-годишната Зебах Абдел Салем Ханије. Според полициски извори, сестрата на лидерот на Хамас Исмаил Ханије е уапсена под сомнение дека контактирала со оперативци од терористичката група и поддржувала терористички акти. Во соопштението, полицијата наведува дека при упадот во куќата на осомничената биле пронајдени документи, телефони и други докази кои ја поврзуваат со „сериозни нарушувања на безбедноста“. 

-Израелската армија се повлече од болницата Ал-Шифа во градот Газа во текот на ноќта, две недели по почетокот на нејзината воена операција таму, според палестинските извештаи од утрово, јави ДПА. Локалните медиуми објавија дека операцијата предизвикала сериозно уништување на зградите на најголемиот медицински комплекс во Појасот Газа. Портпаролот на израелската армија рече дека извештаите се истражуваат. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја опиша операцијата во болницата Ал-Шифа во неделата навечер како голем успех. Тој зборуваше за „прецизна и хируршка“ воена операција. Повеќе од 200 терористи беа убиени, а стотици се предадоа, рече Нетанјаху.

Остани поврзан