• четврток, 26 декември 2024
МИА Радио флеш

1 ноември 2024

 

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас за Извештајот за напредокот за земјава, кажа дека од клучно значење е зајакнувањето на капацитетите на институциите за имплементација на реформите поврзани со ЕУ.

– Проблемите со капацитетите на институциите да се справуваат со имплементацијата на реформите било години наназад дел од сите извештаи, меѓутоа со оглед на тоа дека ние сега ги финализираме подготовките и треба да се спремаме за отворање на Кластерот 1 секако дека зајакнувањето на капацитетите на МЕП, но и другите линиски министерства е клучно. Мојата прва прес-конференција како министер за европски прашања беше токму на оваа тема каде што алармирав дека структурите ИПА и евроинтеграции се под минималните капацитети за да може да се сносат со предизвиците за успешна имплементација. Истиот феномен го гледам и сега кога веќе воспоставувам структура и се интензивира процесот на координација на институциите за спроведување на реформската агенда ова е разговарано неколку пати на седница на Влада. Оваа структура ќе мора да се зајакне, меѓутоа ќе мора да се зајакне со професионален кадар кој може на директен начин да се вклучи. Се додека не се зајакне структурата со професионален кадар ќе мора да се потпреме на поддршката од Европската делегација, меѓутоа и на техничката поддршка од различни донатори во нашата земја, изјави Муртезани, прашан да ги искоментира критиките и до МЕП дека нема капацитети да се носи со процесот на реформи.

Скопје - Стапката на раст ја темелиме на реални инвестиции, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, ветувајќи реална реализација на планираните 50 милијарди денари за капитални инвестиции со Предлог-буџетот за 2025 година, што денеска ќе биде доставен до Собранието.

- Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-40 милиони евра за капитални инвестиции. Коридорите 8 и 10 Д, каде министерот репреговара во насока на тоа да имаме реална реализација, се еден од приоритетите,  исто така и општините, а приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи.  Во Образование, покрај обнова на студентските домови во преговори сме за доизградба на училишта и спортски сали, изјави Димитриеска Кочоска по брифингот со медиумите.

Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на БДП од 3,7 проценти, изнесе податоци за претходните години и  аргументи за плановите за следната година, потенцирајќи дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари.

Скопје - Извештајот за напредок на Република Северна Македонија за 2024 Глава 27: Животна средина и климатски промени, нотира дека земјата се соочува со значајни предизвици во усогласувањето со директивите на ЕУ. Недостатокот на специјализиран персонал и слабиот институционален капацитет ја поткопуваат контролата на квалитетот и соодветното извршување на проценката на влијанието врз животната средина. Иако се направени одредени чекори напред, потребни се значајни реформи и подобрувања во различни сектори, вклучувајќи го управувањето со отпадот, квалитетот на воздухот, заштитата на природата и климатските промени.

Во делот на животна средина, Извештајот покажува дека Северна Македонија не е целосно усогласена со Директивите за проценка на влијанието врз животната средина што негативно влијае на сите други сектори. Недостатокот на специјализиран персонал и слабиот институционален капацитет ја поткопуваат контролата на квалитетот и соодветното извршување на проценката на влијанието врз животната средина. Ова, како што наведуваат, води до одобрување на инфраструктурни проекти без темелно разгледување на влијанието врз животната средина. 

Тетово - Доколку го зголемат нивото на наплата на данокот на имот и комуналните такси општините самите ќе си обезбедат повеќе пари за инвестиции, порача денеска од тетовско Теарце министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Одговарајќи на новинарско прашање за промени во фискалната децентрализација во однос на општините, тој рече дека фискална децентрализација е жива материја и не е затворена како тема, како и дека постојано се комуницира со локалните самоуправи, водејќи сметка и за состојбата на централниот буџет поради потребите за сервисирање на државниот систем.

Скопје - До 1 360 денари заштеда по семејство овозможи есенската кошничка. Мерката беше спроведена успешно и ги даде очекуваните резултати, рече денеска министерот за економија Бесар Дурмиши.

-Очекувам од ноември дополнително намалување на цените зашто почна примената на Законот за трговски практики. Есенската кошничка од вчера веќе не е на сила, но ако дојде до покачување на цените ќе се преземат поригорозни мерки, истакна министерот.

Според него, со есенската кошничка се спречи наглото зголемување на цените.

-Со есенската кошничка цените на производите се намалија за пет до десет отсто. Има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти,..., повтори министерот.

Скопје - Постигнат е одреден напредок за усогласување со европските стандарди за истражување и иновации, наведува Европската комисија за напредокот на земјава во областа на науката во објавениот Годишен извештај.

- Во 2023 година, Државниот завод за индустриска сопственост регистрираше 581 патент, додека Министерството за образование и наука објави повици за шест нови акции во Европската област на истражување. Во декември 2023 година беа усвоени Стратегијата за паметна специјализација, главниот документ за политика за иновации и истражување со јасни приоритети специфични за секторот, и двогодишен Акциски план за 2024-2025 година.  Спроведувањето почна бавно бидејќи не беше доделен значаен државен буџет за 2024 година, нотира ЕК.

Скопје - На хируршките клиники во текот на вчерашниот ден e изведена уште една трансплантација на органи од починат донор. Благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа, информираат денеска од Министерството за здравство.
 
-Во тек на изминатото деноноќие извршивме трансплантација од починат донор. Изразувам посебна благодарност на семеството на донорот, кои во најболен момент на лична загуба, се одлучија да ги донираат органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација. Пациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и на медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Скопје - Бројот на работници во индустријата во периодот јануари – септември 2024 година е за еден отсто повисок во однос на истиот период лани, додека во септември 2024 година во однос на септември 2023 година е намален за 2,1 процент, соопшти Државниот завод за статистика.

Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи пораст од 4,6 % и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1,0 %, додека опаѓање бележи во секторот Преработувачка индустрија за 2,7 %.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи пораст кај Енергија за 4,6 %, Капитални производи за 6,1 % и Tрајни производи за широка потрошувачка за 24,2 %, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 6,9 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,6 %. 

Атина – Ставовите на премиерот Христијан Мицкоски за употребата на придавката „македонски“ и терминот „Македонија“, изразени на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања, се најдоа во дел од онлајн изданијата на грчките медиуми, кои го пренесуваат текстот од државната новинска агенција АНА-МПА под наслов „Северна Македонија: Премиерот Мицкоски инсистира на терминот Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.

„Скопје: Напади од националистите кон Мицкоски, затоа што оди на одмор...на Халкидики“; „Нова провокација од Мицкоски: Договорот од Преспа не го забранува терминот Македонија“; „Инсистира на Македонија, Христијан Мицкоски“; „Северна Македонија: Нова провокација од премиерот Мицкоски – Повторно зборуваше за „Македонија“ и „Македонци“ се дел од насловите во медиумите во Грција кои ја презедоа веста од државната агенција.

Атина - Тригодишно момче го загуби животот откако беше смртно рането во пределот на главата, кога врз автомобилот во кое било заедно со неговите родители, во населба во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, бил отворен оган од засега непознати лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Според првичните неофицијални информации во Грција, од автомобил биле испукани над 20 куршуми кон автомобилот во кој било семејството, а еден од куршумите го погодил детето во главата и итно било пренесено во болница со сериозни повреди, но лекарите не успеале да го задржат во живот.

Грчките медиуми пишуваат дека станува збор за семејство Роми, а не е исклучена можноста да станува збор за расчистување сметки. 

Љубљана - Во Словенија од денеска важат нови одредби од Законот за странци кои предвидуваат познавање на словенечкиот јазик на основно и на егзистенцијално ниво.

Според Законот услов за добивање дозвола за постојан престој, во Словенија ќе биде потребно основно познавање на словенечкиот јазик, додека за продолжување на привремениот престој поради обединување на семејството, условот ќе да биде познавање на јазикот на егзистенцијално ниво.

Основно знаење значи ниво А2 на заедничката европска јазична рамка. Егзистенцијалното ниво подразбира темелна комуникација на словенечки јазик, ограничена на едноставни, предвидливи, секојдневни ситуации, во кои изразот е рутински и се повторува. 

Белград - Повеќе од 30 лица се повредени при уривање на настрешницата на железничката станица во српскиот град Нови Сад, јавија локалните медиуми.
Несреќата се случи околу пладне. 

„Повредени се над 30 луѓе, тоа е последната бројка што ја имаме, а можеби е поголема. Се уште не знаеме дали има загинати, додека не бидеме сигурни дека не можеме да кажеме ништо. Телефоните ни ѕвонат постојано. Родителите се јавуваат да прашаат за децата....Ова е катастрофа. Се трудиме што побрзо и поефикасно да дојдеме до жртвите“, јави НОва/рс повикувајќи се на изјава на извор од Службата за итни случаи во Нови Сад.

Астана – Две лица се уапсени откако без дозвола влегле во космодромот Бајконур во Казахстан, соопшти Обвинителството.

Во соопштението од казахстанското обвинителство се наведува дека уапсени се 21-годишен Французин и 26-годишен Германец откако влегле во космодромот за да ја видат руската ракета Енергија.

Во јули, двајца холандски државјани и еден Белгиец беа уапсени кога се обиделе да влезат во комплексот Бајконур.

Мадрид - Бројот на загинати во поплавите што ја зафатија источна и јужна Шпанија се искачи над 200 луѓе.

Спасувачките служби соопштија дека во поплавите загинале најмалку 205 луѓе, од кои 202 се во источната автономна област Валенсија.

Сè уште е непознато колку луѓе се водат како исчезнати.

Спасувачите продолжуваат со потрагата по преживеани и тела во погодените области три дена по поројните дождови кои предизвикаа поплави.

Вашингтон – Две лица загинаа, а шестмина се повредени во синоќешниот вооружен инцидент во Орландо, во американската сојузна држава Флорида.

Инцидентот се случи за време на прославата на Ноќта на вештерките. Повредените лица на возраст од 19 до 39 години се хоспитализирани и се во стабилна состојба.

Полицијата соопшти дека уапсиле 17-годишен момче под сомнение дека пукал во жртвите. 

Њу Делхи - Њу Делхи денеска е најзагаден град во светот. Поради густиот смог не се гледаат претседателската палата и околните градини, популарна дестинација за пешаци, тркачи и велосипедисти.

Според швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот „АјКју Ер“ (IQ Air), индексот на квалитетот на воздухот во Њу Делхи бил 348, што се смета за опасно ниво на загаденост.

Воздухот е дополнително е загаден поради огнометите, петардите и светлечките што беа употребени за време на хиндуистичкиот фестивалот на светлата Дивали.

Остани поврзан