МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
8 октомври 2024
Скопје - Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од земјата. Северна Македонија е во топ 20 земји со емиграција на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската унија, истакна денеска државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања.
Ацевски презентираше извадоци од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија изразувајќи надеж дека барем дел од препораките содржани во него ќе бидат имлементирани со цел намалување на одливот.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со новоназначениот амбасадор на ЕУ во земјава Микалис Рокас.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, Тошковски упати честитки до амбасадорот за назначувањето на новата функција и изрази уверување дека одличната соработка и пријателските односи ќе продолжат, како и со сите досегашни амбасадори на ЕУ во земјата.
- Европската Унија е наш најзначаен партнер со поддршка преку структурните фондови, ИПА проектите и последно, преку Планот за раст, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција. Солидарноста летово ја видовме на дело. Благодарност до ЕУ и нејзините земји членки за асистенцијата која ни ја дадоа во справувањето со пожарите кои ја погодија земјава летово, без нивна помош, загубите и штетите по државата ќе беа непроценливи, потенцираше министерот Тошковски.
Скопје – Во четврток ќе се одржи првата седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) по формирањето на новата Влада. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска изјави дека со работодавачите и синдикатите ќе се продискутираат сите нивни барања, идеи, критики и предлози, како и барањето за покачувањето на минималната плата.
- Заедно и транспарентно ќе носиме одлуки. Ќе ги видиме и можностите на Владата, но ќе ги слушнеме и работодавачите и синдикатите и ќе донесеме заедничка одлука, рече Дурмиши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, Дурмиши истакна дека според законот покачувањето на минималната плата треба да се случи во март идната година.
Скопје – Министерот за труд и економија Бесар Дурмиши смета дека парите од унгарскиот кредит во износ од 500 милиони евра ќе придонесат за развој на економијата во земјава.
- На првиот повик на Министерството за локална самоуправа за грантот од 100 милиони евра аплицираа над 80 општини со над 350 проекти. Со следниот чекор ќе се поддржуваат домашните компании со грант од 250 милиони евра. Затоа мислам дека овој кредит ќе донесе развој на економијата. Доколку нема економски развој ќе ни се случи тоа што ни се случува во изминативе 20 години, рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање нa денешната прес-конференција посветена на 100 дена Влада.
Договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра ќе биде потпишан денеска во Будимпешта од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска имаше работна средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, на која е разговарано за актуелните прашања поврзани со европската интеграција на нашата земја, улогата на Франција и можностите за понатамошно унапредување на билатералната соработка, соопшти МНРиНТ.
Министерот Муцунски ја истакна важноста на засилениот ангажман и поддршката на Франција, како водечка земја членка на ЕУ, за продолжување на процесот на пристапување на нашата земја и регионот. Тој ја реафирмираше посветеноста на земјата за забрзување на евроинтегративниот пат и спроведување на реформите во клучните области, како што се владеењето на правото, правосудството и економското управување.
Скопје - Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани, вели дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно.
-Во неколку наврати јавно имав кажано дека тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно. Мислам дека ние треба да настојуваме на изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи и од нашите стратешки партнери. Ова не зависи многу од нив, туку зависи од нашата волја и ангажман за изнаоѓање решенија, изјави Муртезани на прес-конференцијата по повод „100 дена Влада“, за барањето на Владата носењето уставни измени да има одложно дејство.
На прашањето за најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се праќа писмо со идеи во ЕУ за решавање на ова прашање, Муртезани кажа дека овие најави на премиерот се всушност изнаоѓање нови решенија, кои, како што посочи, се во фаза на интерни разговори во Владата.
Скопје - Заменик министерот за правда Ален Деребан се обратил на 15-от состанок на Националното координативно тело за бесплатна правна помош организиран од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Осврнувајќи се на активностите на Министерството за правда, Деребан посочил дека од големо значење е обезбедувањето на пристап до правдата за сите, преку давање на примарна и секундарна бесплатна правна помош на сите тие кои не можат тоа да си го дозволат.
Скопје – Во рамки на програмата „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ која е под покровителство на Советот на Европа, во Скопје се одржува конференција „Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско“ организирана од Институтот за македонска литература при УКИМ.
Програмата на Советот на Европа презентира историски монументи, артефакти, ракописно наследство поврзани со рутата на движење и дејствување на светите Кирил и Методиј во нивната просветителска мисија на поширокото европско подрачје и нуди атрактивен модел за менаџмент на културата и туризмот.
Институтот за македонска литература-Скопје и Институт за старословенска култура во Прилеп се членки на проектот „Европската културна рута на Кирил и Методиј“, сертифициран со лиценца од СЕ, официјално од 1 декември 2023.
Скопје - ДУИ денеска на прес-конференција обвини дека министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани добил тендер за браварско-заварувачки услуги во РЕК - Осломеј, каде има над илјада вработени.
- Фатмир Лимани- Браварот преку Претседателот на огранокот и воедно управител на РЕК- Осломеј реализирал тендер за браварско-заварувачки услуги иако РЕК- Осломеј има над 1000 вработени. За скандалот да биде уште поголем, вредноста на трите тендери со две фирми опфаќа вредност од над 23 500 000 денари или над 380 000 евра, изјави Арта Биљали од ДУИ.
Според неа, ЕСМ со овој договор ќе треба да плати 1780 денари за час работа за менување брава.
Скопје – На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска беше отворено студиото во рамките на Центарот за иновации во медиумите кое има за цел да ја подобри практичната настава на новинарските студии и да привлече поголем број на студенти.
Деканот на Правниот факултет, „Јустинијан Први“ – Скопје, Сашо Ѓеоргиевски, на денешниот настан по повод отворање на студиото истакна дека ова е проект кој е посветен на унапредување на медиумското образование.
-Проект кој дојде во времето кога ние самите сериозно размислувавме што да правиме со новинарските студии. Новинарските студии одат надолу, нема интерес за нив. Јас сум сигурен дека преку центарот на идните генерации ќе има понудиме практична работа со учество на наши посветени пријатели, професионални новинари кои ќе ни помагаат да ги унапредуваме студиите. Целта на проектот е поширока, преку работата на центарот да ја покренеме свеста за значењето на новинарската професија, рече тој.
Скопје - Филантропијата, чиј клучен носител е деловниот сектор, не само што придонесува за економски раст, туку претставува и можност за подобрување на општеството во целина преку помовирање силна култура на општествена одговорност, беше речено на денешниот бизнис форум што го организираше Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Како што истакна претседателот на Комората, Менди Ќира, на земјава и се потребни лидери кои се подготвени да инвестираат во проекти за помош на луѓе на кои им е тоа потребно. Напомена и дека бизнис заедницата често ги покрива пропустите на институциите преку самостојни иницијативи, решавајќи проблеми за кои веќе ги има платено даноците.
Скопје - Во рамки на Берлинскиот процес и одбележување на неговата 10годишнина, денеска во Хамбург, СР Германија, се одржа прв годишен Министерски состанок за Зелена Агенда за Западен Балкан, на која учествуваше заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска.
На состанокот, како што соопшти МЖСПП, земјите од Западен Балкан реферираа за степенот на имплементација за Зелената Агенда.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласила дека Македонија ја препознава Зелената Агенда како клучна платформа за унапредување на соработката и поттикнување напредокот кон еколошката одржливост и отпорноста на климата во регионот.
Кавадарци - Со тешки телесни повреди се здобило младо лице по сообраќајна несреќа, што вчера попладне се случила во Кавадарци, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Во полициската станица било пријавено дека на улицата „Западен булевар“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „нисан“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Х.С., на возраст од 29 години и мотоцикл со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од Ф.Л., 20-годишно лице, двајцата од Кавадарци.
- Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот, констатирани во Општата болница - Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР - Кавадарци, појаснуваат од СВР - Велес.
Скопје - Со концерт насловен „Го славиме јубилејот“ во четврток ќе биде отворена роденденската сезона на Македонската филхармонија насловена „Одисеја“. На концертот како солист ќе настапи сопранистката Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел.
На програмата е премиерната изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски и светската премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.
Како што посочи денеска на прес-конференција в.д. директорот на Македонската филхармонија, Александар Котевски, оваа година овој најстар музички колектив одбележува 80 години постоење.
- Чест ми е и задоволство да бидам вршител на должноста на оваа концертна сезона, затоа што оваа година славиме 80 години како најстар музички колектив. Нашата концертна сезона е наречена „Одисеја“ и претставува музичко патување исполнето со многу музички предизвивици, авантури и многу концерти, рече Котевски.
Тетово – СВР Тетово информира дека по пожарот во подрумските простории во зградата на Општина Тетово како осомничен за подметнување е приведен државјанин на Косово. Пожарот избувна во неделата околу 15 часот, а осомничениот е најден во Тетово вчеравечер.
- На 07.10.2024 во 20.15 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Б.Р.(38) од Република Косово, со привремен престој во Скопје. Тој се сомничи дека претходниот ден го подметнал пожарот во подрумските простории на општина Тетово. Лицето било задржано во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок по член 288 од Кривичниот законик, информираше Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Атина – Во 18 одвоени случаи во морските делови кај островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје и во јужниот дел на островот Крит, во изминатите четири дена биле откирени и спасени 588 бегалци и мигранти и уапсени 22 криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се анализираат секојдневните официјални податоци од крајбрежната служба на Грција, мигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица, а заедно со нив биле и криумчарите, кои се упасени.
Никозија – Во хотелите во градот Ларнака на Кипар во изминатите денови е зголемена побарувачката на слободни соби, несвојствено за овој период од годината, поради ситуацијата на Блискиот Исток, особено во Либан, пишува кипарскиот портал „Филелефтерос“, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери од Ларнака Мариос Поливиу за порталот вели дека има денови кога тешко се наоѓа соба, хотелите се со пополнети капацитети, а оние кои требале да затворат следниот месец, можно е да останат отворени доколку продолжи истата ситуација.
-Има голем побарувачка согласно летовите што доаѓаат од Либан. Главно се Либанци, но и државјани на трети земји. Некои од нив остануваат на Кипар одреден период, а некои го користат како попатна станица до нивните земји. Сепак, побарувачката е на високо ниво за конкретниот период. Има денови кога е тешко да се најде соба во Ларнака, но тоа секојдневно се менува. Односно, еден ден можеме да кажеме дека хотелите се полни, а другиот ден, затоа што масовно заминуваат за своите земји има слободни соби, објасни Поливиу за „Филелефтерос“.
Сараево – Парламентот на Босна и Херцеговина и понатаму е блокиран, бидејќи пратениците Бошњаци денеска не се појавија на седница во Домот на народите и немаше кворум.
Претседателот на Домот на народите, Драган Човиќ констатираше дека нема услови за продолжување на редовната седница прекината уште во март.
Седницата во март беше прекината бидејќи бошњачкиот клуб не сакаше да дозволи отворање на расправата за новиот закон за Уставниот суд на БиХ, предложен од српскиот претставник Желимир Нешковиќ. Тој на барање на Република Српска предложи Уставен суд да се организира на нов начин и да се елиминираат странските судии од него и да се воведе етнички клуч при донесувањето на одлуките.
Тирана - По синоќешниот протест на опозицијата во Тирана, каде беа фрлени молотови коктели и други запаливи средства, врз објектот на владата и други државни институции, полицијата поднесе кривични пријави за тројца организатори, како и за учесници во протестот.
Кривични пријави се поднесени против генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока, координаторот на пратеничката група, Газмент Барди и организацискиот секретар Ервин Минароли. Тие се товарат за „Организирање и учество во незаконски собири и демонстрации“, соопшти албанската државна полиција.
Исто така информира дека е приведен Џ. Р. (57), жител на Тирана, за сторени кривични дела „Напад врз службено лице на должност“ и „Уништување имот со предизвикување пожар“.
Брисел – Партијата „Фламански интерес“ е најпопуларна партија меѓу младите Фламанци вторпат по ред, покажува истражување објавено денеска во списанието Хумо.
Лидерот на партијата Том ван Грикен е исто така најпопуларниот политичар меѓу младите Фламанци, јави белгиската новинска агенција Белга.
Во анкетата на списанието Хумо учествувале 1.000 луѓе на возраст меѓу 16 и 25 години кои живеат во Фландрија. Вкупно 22 отсто, од кои 34 отсто момчиња и 11 отсто девојчиња, изјавиле дека на локалните избори в недела ќе гласаат за екстремно десничарскиот „Фламански интерес“. На второ и трето место се „Социјалистичката партија – поинакви“ и Новата фламанска алијанса со 13 и 12 проценти поддршка. Екстремно левичарската Белгиска работничка партија е во пораст, зголемувајќи ја својата популарност од 4 во 2020 година на 11 проценти сега.
Брисел – Европскиот совет денеска воспостави нова рамка за рестриктивни мерки поврзани со „дестабилизирачките активности на Русија во странство“, која треба да и овозможи на Унијата таргетирање на поединци и субјекти вклучени во активностите и политиките на руските власти за поткопување на основните вредности на ЕУ и на безбедноста, независноста и интегритетот на државите членки, трети земји и на меѓународни организации.
- ЕУ од сега ќе може да се справува со различни хибридни закани, како што се поткопување на изборните процеси и на функционирањето на демократските институции, закани и саботажа на економските активности, услугите од јавен интерес или критичната инфраструктура, употреба на координирано ширење на дезинформации, манипулации со информации и странско мешање, злонамерни кибер акции, инструментализација на мигрантите и други дестабилизирачки активности, се наведува во соопштението.
Брисел – Руски хакери денеска втор ден по ред уриваат веб-страници на белгиски институции, јавија локалните медиуми.
Регистрирано е дека овој пат се погодени локациите на општинските власти и пристаништето Зибриж.
Хакерите од групата NoName057(16) на „Телеграм“ соопштија дека „ја казнуваат Белгија за поддршката на украинските терористи“. Белгискиот центар за кибер безбедност го потврди авторството на нападите и ги опиша како „безопасни“.
Женева – Ијан Кларк од Светска здравствена организација (СЗО) денеска предупреди на појава на болести во Либан поради лошите услови во засолништата за раселените лица и затворањето на болниците.
- Се соочуваме со ситуација каде што постои многу поголем ризик од појава на болести, како што се акутна дијареја, хепатитис А и голем број болести, што можат да се спречат со вакцини, истакна Кларк на прес-конференција во Женева преку видеоповик од Бејрут.
Здравствената агенција на ОН веќе предупреди дека здравствениот систем во Либан е преоптоварен и оти досега се затворени пет болници во земјава, а само четири се делумно функционални.
Лондон - Велика Британија воведе санкции против руски војници кои ги смета за вмешани во користењето на хемиско оружје на бојното поле во Украина.
На црната листа се додадени руските единици за радиолошка, хемиска и биолошка заштита, како и нивниот раководител, Игор Кирилов, се наведува во соопштението на британската влада.
Русија засега не ги коментираше воведените санкции.
Минатата недела, Лондон воведе ограничувачки мерки против 16 членови на руската кибер-криминална група „Ивил корп“, која, според британските власти, извршувала операции против НАТО-сојузниците.
Стокхолм – Шведската кралска академија на науките денеска ги објави имињата на добитниците на Нобелова награда за физика и за медицина.
Овогодишни добитници на Нобеловата награда за физика се Џон Ј. Хопфилд и Џефри Е. Хинтон „за фундаментални откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со помош на вештачки невронски мрежи“.
Додека американските научници Виктор Амброуз и Гери Рувкун, добитниците на овогодишната Нобелова награда за медицина за откривањето на микроРНК, односно фундаменталниот принцип што ја регулира активноста на гените.
Киев - Најмалку 11 лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во руски напад во североисточниот украински град Харков, изјави регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов.
Синегубов на „Телеграм“ изјавил дека нападот предизвикал штета на инфраструктурата. Властите сè уште истражуваат какво оружје користела Русија.
Украинската војска соопшти дека соборила 18 дронови лансирани од Русија таа ноќ. Руските сили употребија и два ракети Искандер-М за напад на јужниот регион Одеса, се вели во соопштението на воздухопловните сили објавено на Телеграм.
Руските сили за воздушна одбрана уништија 16 украински беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти во меѓувреме руското Министерство за одбрана.
Бејрут – Заменик лидерот на Хезболах, Наим Касем, во снимена порака емитувана на либанската телевизија, ги обвини САД дека се партнер на Изрзаел во сè што се случува во Појасот Газа.
- САД се суштински партнер на Израел во нападите во Газа, истакна Касем додавајќи оти Иран е одлучен да го поддржи отпорот против Израел.
Тој посочи и дека убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала внел „страв во срцата на ционистите и се бореше против криминалците окупатори“.
За Касем минатогодишниот напад на Хамас врз Израел е „прв чекор кон промени“ и упати критики кон Израел поради „убивање на жени, деца и стари лица“ во Појасот Газа.
Пекинг – Кина воведе привремени царини за увоз на алкохолни пијалаци од Европска Унија, со образложение дека нереално ниските продажни цени може да им наштетат на домашните производители.
На почетокот на годината Кина отвори истрага за можните дампинг алкохолни пијалаци од ЕУ, заклучувајќи дека здружението на домашните производители приложило „релевантни докази“ дека нивните продажни цени се пониски од трошоците за производство.
Истрагата го опфати периодот од октомври 2022 година до септември 2023 година и штетите во кинескиот сектор за производство на алкохолни пијалаци од 2019 до 2023 година, при што е утврдено дека европските дестилерии продаваа алкохолни пијалаци со попуст од 30,6 до 39 отсто.