• понеделник, 15 јули 2024
МИА Радио флеш

20 јуни 2024 

 -Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе престојува во работна посета на Австрија, каде што ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и „Пријателите на Западен Балкан”, што се одржува во Виена и Вахау, на иницијатива на шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.Како што информираат од МНР, Османи ќе се обрати на двете работи сесии на состанокот, на теми „Поплочување на патот за пристап на Западен Балкан во ЕУ преку постепена интеграција“ и „Проширување на ЕУ со Западен Балкан: Време е да се оствари!“.

-Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е „во кома“ и дека нема врска со пратеникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, туку со некои земји кои би морало да го искористат својот авторитет за да го спречат „етно-националистичкото дивеење“ „Албин Курти, а тие не го прават тоа. „Тоа нема никаква врска со Мирослав Лајчак, туку со фактот дека многу земји кои би морале да го искористат својот авторитет и влијание за да го спречат етнонационалистичкото дивеење на Курти, не го користат својот авторитет или не се заинтересирани“, рече Ѓуриќ во изјава за РТС, пренесе Бета.

 -Комесаријатот за бегалци и миграција денеска соопшти дека над милион мигранти од Азија и Африка минале на територијата на Србија во последните години и дека 475 мигранти, главно од Сирија, Авганистан, Пакистан и Мароко. Во соопштението се додава дека од избувнувањето на конфликтот меѓу Русија и Украина, низ Србија поминале 374.162 жители на Украина.

-Две лица загинаа, а неколкумина се повредени утрово во Цетиње, откако недалеку од тамошниот Спортски центар била активирана експлозивна направа, објавија „Вијести“ повикуваји се на извори во Полициската управа. Едно лице загинало на местото на нападот. Според извор од врвот на полициската управа, второто лице им подлегнало подоцна на повредите Според медиумот и двете жртви биле членови на криминална група.

-Ме прашувате што се случува, ви велам не може да продолжиме вака. Премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Реал фм“ за ставот на мандатарот за формирање Влада Христијан Мицкоски околу употребата на името Македонија, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис објасни дека Договорот од Преспа обезбеди едно име за севкупна употреба, а не двојна формула и уште еднаш го повтори ставот дека оспорувањето може да создаде проблеми во односите со Грција, со НАТО и ЕУ, но и дека прашањето ќе го покрене на НАТО Самтитот во првата половина на јули. 

-Десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) соопшти дека нејзината пратеничка група во Европскиот парламент станала трета по бројност, откако кон неа пристапиле неколку нови членки, јави дописникот на МИА од Брисел. Според ЕЦР, која е предводена од партијата Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, таа сега има 83 европратеници, со што ја надминува либералната група „Да ја обновиме Европа“, кој е со 80 мандати. 

-Амбасадорите на земјите од Европската унија денеска се договорија да воведат 14-ти пакет санкции против Русија поради војната во Украина, објави белгиското претседателство со ЕУ на платформата Х (Твитер). Во соопштението се наведува дека новиот пакет санкции е договорен поради „руската агресија врз Украина“. Овој пакет, како што се наведува, претставува нови насочени мерки и го зајакнува влијанието на постоечките санкции со затворање на „дупки“ во заобиколувањето на санкциите.

-Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Кина треба да се соочи со последици за нејзината поддршка за Русија во војната против Украина, наведувајќи дека е премногу рано да се зборува за какви мерки станува збор. Столтенберг во Отава рече дека НАТО треба да започне да ја оценува таа опција бидејќи, како што рече, не е одржливо Кина да продолжи да ги поттикнува најголемите безбедносни закани за членките на алијансата, особено во Европа, јави Си-Би-Си.

-Новиот одбранбен пакт на Русија со Северна Кореја покажува зголемена усогласеност меѓу авторитарните сили и ја нагласува важноста на демократиите да претставуваат обединет фронт, изјави шефот на НАТО. Рускиот претседател Владимир Путин потпиша договор со севернокорејскиот Ким Џонг Ун кој вклучува взаемна одбранбена посветеност, потег што ја менува политиката на Москва кон Пјонгјанг. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Северна Кореја и доставила „огромно количество муниција“ на Русија, додека и Кина и Иран воено ја поддржуваат Москва во војната против Украина.

-Илјадници домаќинства останаа без струја во многу делови на северен Нов Зеланд откако се урна еден од главните далноводи поради поројни дождови. Несреќата влијаела и на семафорите и властите ги предупредуваат возачите да бидат внимателни. Околу 200.000 луѓе останаа без струја. На повеќе места има поплавени патишта и прекин на сообраќајот.

Остани поврзан