МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
9 октомври 2024
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат четири комисии - Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Законодавно правната комисија, Комисијата за одбрана и безбедност и Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Скопје - Времена измена на сообраќајот од 08.10.2024 до 31.12.2024 година се воведува на автопат А1 делница Велес – Неготино поради изградба на делница Градско - клучка Дреново. Како што соопштуваат од АМСМ по информација од СТРАБАГ АГ Подружница СТРАБАГ Скопје, сообраќајот ќе се одвива под времен режим со соодветно поставена сообраќајна сигнализација.
Скопје – Уставниот суд денеска на седница ќе треба да донесе конечна одлука по предлог постапката за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции.
На дневен ред на 27. седница на Уставниот суд се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, како и гласање по шест предлози за донесување на конечни одлуки и да утврди пет нацрт- решенија.
Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ќе ја одржи 9. седница на чиј предлог-дневен ред, покрај постапувањето по конкретни предмети, се и извештаите од спроведената антикорупциска проверка на легислативата.
Скопје - Во просториите на ИННО ФЕИТ денеска во организација на Форумот за образовни промени и платформата за дигитализација на државните универзитети #DigiU, ќе се одржи настан насловен „Патот кон дигитална трансформација на државните универзитети - Дијалог помеѓу надлежните институции, универзитетите и студентските собранија“.
Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска ќе одржи брифинг со новинари по повод 100 дена работа на Министерството за дигитална трансформација.
Скопје - Во организација на Министерството за локална самоуправа и Општина Охрид денеска ќе бидат презентирани резултатите на инфраструктурната поддршка за унапредување на здравствените услуги и здравствениот туризам.
Презентацијата го опфаќа опремувањето на современиот центар за физикална терапија во болницата „Св.Еразмо“ и реконструкцијата во ЈЗУ Кардиологија „Св. Стефан“ - Охрид, достигнувања овозможени во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кои ги реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.
Скопје – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе презентира нова дигитална платформа базирана на вештачка интелигенција за транскрипција на говор на македонски јазик – „Буки“.
УКИМ соопшти дека со следење на модерните текови за негување и употреба на македонскиот јазик, дигиталниот модел е креиран од Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор од Универзитетот „Аалто“ во Финска, како дел од активностите на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) при УКИМ, раководен од проф. д-р Ордан Чукалиев.
Тетово - Во Тетово во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, во објектот на поранешното средно медицинско училиште денеска ќе се одржи симулација на евакуација на ученици заради поплава.
Оваа симулација е дел од серијата активности што ги спроведува Програмата за развој на Обединетите нации, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти Октомври.
Скопје - Во Скопје денеска ќе се одбележи Светската недела на вселената со инспиративен настан што ги поврзува вселенските истражувања и климатските промени насловен „ #SpaceTalks: Од вселената до климатските промени“, организиран од Светската недела на вселената и Македонското астрономско друштво.
Предвидени се уникатни предавања од двајца истакнати експерти.
Скопје - Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) денеска организира панел - дискусијата на тема „Како известуваа медиумите за евроинтеграциите пред и по изборите?“.
Панелисти се Слободанка Јовановска, новинарка и уредник за надворешна политика, проф. д-р Сефер Тахири, универзитетски професор по новинарство и јавни комуникации и Жарко Трајаноски, раководител на истражувања во ИМА. Тие ќе ги претстават клучните наоди на нивните анализи од мониторингот на ИМА за медиумското известување на оваа тема.
Скопје - Со средба со авторите Никола Јовановиќ и Саша Станишиќ денеска, во 18 часот во Културно информативниот центар - Скопје, Салон Империјал 2 ќе биде затворено овогодишното прво издание на Интердисциплинарниот и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“.
Скопје - Поради предизвикан дефект од трето лице на ул Франклин Рузвелт бр 60, денеска без вода ќе останат корисниците на дел од ул Франклин Рузвелт и потегот од Булевар Партизански Одреди до ул Орце Николов.
Како што известуваат од ЈП Водовод и Канализација, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.
Скопје - Поради дефект на улична цевка ф 80мм на ул „Народен Фронт“ бр 17 без вода ќе бидат корисниците на дел од ул. „Народен Фронт“ и „Васил Ѓоргов“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.(Општина Центар).
Поради водоводен приклучок од 3/4 на ул. „Славе Георгиевски - Шнајдерот“ бр. 6 без вода ќе останат корисниците од ул. „Ленинградска“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување на интервенцијата.(Општина Центар).
Скопје - Во организација на Културно информативниот центар – Скопје, со поддршка на Град Скопје денеска ќе биде промовирана стихозбирката „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски во издание на „ПНВ Публикации“.
Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави промоторот Јулијана Величковска.
Скопје - Изложба на фотографии на познатиот словенечки фотограф Иво Борко, под името “Во фокусот“ ќе биде отворена вечер во 19 часот, во Галерија Рудиќ, во Скопје.
За изложбата „Во фокусот “ на авторот Иво Борко, се посочува дека претставува спој на фотографија и филозофија, каде што секоја слика е повеќе од само визуелен приказ – таа е прозорец кон внатрешниот свет на човекот и неговите интеракции со уметноста.
Скопје - Извонредниот џез состав Светлост, чии уникатен музички јазик вткаен во активно творештво и концертирање е евидентен и во нивниот последен музички албум „Everything Was As It Had Been A Minute Ago“ издаден оваа година за PMGJazz, вечер во 21:30 часот, ќе одржи концерт во Лабораториум.
Скопје - На сцената на Националната опера и балет во Скопје вечерва ќе се прикаже премиерата на комедијата „Жени во црвено“, во режија на Бојана Лазовиќ.
Како што информираат од JEС Продукција од Скопје, комедијата „Жени во црвено“ на комичен начин ги обработува темите на долгови, финансиски кризи и животните предизвици, истовремено потсетувајќи на важноста од солидарноста, пријателството и заедничкото справување со проблемите.
Охрид - Во Охрид денеска и утре ќе се одржува гастрономско-едукативен настан во организација на Факултетот за туризам и угостителство - Охрид, во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак и Општина Охрид.
Овој настан, како што најавија од Факултет за Туризам и Угостителство - Охрид, на локалната гастрономска сцена ги носи познатите имиња од светската и балканската гастрономија како Изток Легат (Словенија), Уве Мишел (Германија), Стево Карапанџа, Драгица Лукин (Хрватска), Дон Давид (Русија), Вуко Митровиќ (Црна Гора), Жељко Невен Бремец (Хрватска), Хамид Хаџиќ (БиХ) и Асан Даутовиќ (Македонија).
Скопје - Како резултат на соработката помеѓу Лаб дизајн маркет и Big SEE од Љубљана, македонските дизајнери и занаетчии кои се застапени во скопскиот маркет викендов групно ќе се претстават на интернационалниот настан „BIG Design Ljubljana 2024“.
Од 10 до 12 октомври улиците во центарот на Љубљана, Словенија, ќе се трансформираат во интерактивен изложбен простор. Како дел од меѓународно познатиот фестивал „BIG Design Љубљана“ ќе бидат прикажани дизајни од еден од најкреaтивните региони во светот - југоисточниот дел од Европа. Значајни имиња во светот на дизајнот ќе дојдат во Словенија за да бидат дел од овој настан кој ја прославува креативноста.
Женева/Рио де Жанеиро – Бразилската калуѓерка Росита е почестена со Нансен наградата, највисоката награда од Агенцијата за бегалци на ОН, за нејзината речиси 40-годишна борба за правата и достоинството на бегалците, објави денеска Агенцијата.
Сестра Росита им обезбеди на илјадници луѓе во Бразил храна и засолниште и им помогна да најдат домување, образование и работа, соопшти агенцијата, позната како УНХЦР.
Букурешт – Земјотрес со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран во Романија во текот на ноќта, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки институт.
Според соопштението, земјотресот се случил околу 01:48 часот по локално време, а епицентарот бил на 25 километри северно од градот Бузау.
Засега нема информации за евентуална штета или повредени.
Дубровник - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска за првпат ќе пристигне во Хрватска за да учествува на самитот Украина - Југоисточна Европа во Дубровник, кој го организира заедно со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
Тоа е трет самит во овој формат - првиот се одржа во август 2022 година во Атина, вториот во февруари 2024 година во Тирана - а главната цел на состанокот во Дубровник е да се изрази солидарноста и поддршката на земјите од Југоисточна Европа на Украина, која се соочува со руска агресија.
Њујорк - Предлог-законот пред израелскиот Парламент ќе ја запре работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), предупреди вчера генералниот секретар, Антонио Гутереш.
-Затоа му пишав директно на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху за да изразам длабока загриженост за нацрт-законот што може да ја спречи УНРВА да продолжи со својата суштинска работа на окупираната палестинска територија, рече Гутереш.
Тел Авив - Милитантите на Хезболах денеска истрелаа артилериски гранати и ракети врз израелските војници во близина на либанското погранично село Лабунеха, соопшти групата, еден ден откако Израел објави дека убила двајца наследници на убиениот лидер на Хезболах.
Сирените се огласија во северниот дел на Израел денеска, соопшти израелската војска, додавајќи дека тројца израелски војници биле тешко повредени за време на борбите во јужен Либан овие два дена.
Вашингтон – Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска планира телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со кого ќе разговара за потенцијални воени акции против Иран, објави Аксиос, цитирајќи тројца американски претставници.
Според неименувани извори на кои се повикува американскиот портал, САД сакаат да го искористат овој разговор за да се обидат да влијаат на одговорот на Израел на иранските провокации.
Вашингтон – Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ја одложи планираната посета на САД, соопшти заменик-секретарот за печат на Пентагон, Сабрина Синг.
Галант денеска требаше да се сретне со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, рече Синг.
- Посетата е одложена и ние ќе работиме со канцеларијата на министерот Галант за неговото патување биде презакажано за некој подоцнежен датум, сигурна сум дека секретарот со задоволство повторно ќе му биде домаќин во Пентагон, додаде таа.
Пјонгјанг – Војската на Северна Кореја ги објави плановите да ги прекине сите патни и железнички врски со Јужна Кореја, јавија денеска државните медиуми на Пјонгјанг.
Севернокорејскиот генералштаб соопшти дека границата исто така ќе биде засилена со „силни одбранбени структури“ и мерките ќе стапат во сила веднаш, јави државната новинска агенција КЦНА.
Овие акции, вели Северна Кореја, „имаат за цел да ја заштитат националната безбедност и да спречат војна“.
Мајами - Флорида се подготвува за една од најсилните тропски бури во последните сто години. Ураганот „Милтон“ се движи кон брегот на САД, а властите ги повикуваат жителите веднаш да се евакуираат.
„Милтон“ повторно се засили до категорија 5 и може да биде најсилната бура што некогаш ја погодила Флорида. Иако се прогнозира дека ќе ослабне пред да падне на копно, ќе порасне во големина, што значи дека неговите катастрофални влијанија ќе се почувствуваат на поширока област. Доцна денеска се очекува да стигне до брегот на Флорида.
Рио де Женеиро – Судијата на Врховниот суд на Бразил, Алехандре де Мораес ја укина забраната за социјалната платформа X на технолошкиот милијардер Илон Маск.
- Наредувам крај на суспензијата и овластувам итно продолжување на активностите на Х, рече Де Мораес во својата одлука.
Националната агенција за телекомуникации АНАТЕЛ доби инструкции да преземе чекори за обновување на услугата на платформата.
Шангај – Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по пласманот во четвртото коло на Мастерсот во Шангај постави рекорд по процент на добиени натпревари на турнирите од оваа категорија - 82,02 %.
Ѓоковиќ победи на 406 натпревари, а загуби 89.
Претходниот рекорд му припаѓаше на Рафаел Надал – 82% (410:90).
Статистиката ги земала предвид играчите кои одиграле најмалку десет натпревари на Мастерс турнирите.