• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

6 ноември 2024

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат Законодавно-праваната комисија и Комисијата за локална самоуправа.

На дневенен ред и на двете седници е Предлог на законот за изменување на Законот за меѓуопштинска соработка, во прво читање.

Скопје - Судскиот совет денеска треба да избере судии на Апелационен суд Гостивар и Апелационен суд Штип, како и претседатели на Виш управен суд, Основен суд Велес и Основен суд Струга.

На денешната, 504. Седница што треба да започне во 10 часот во просториите на Судски совет, Советот треба да одлучува и за дoполнение и измена на Комисија за вонредно оценување на кандидати по објавен оглас  за избор на претседател на суд и допонение и измена на Комисии за увид и оценка на судии - кандидати по објавени огласи.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ. По посетата, како што е најавено, премиерот Мицкоски ќе даде изјава за медиумите.

МАСИТ ја претставува македонската ИКТ индустрија и ги промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето.

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска во Скопје ќе ја одржи 15-та сесија од Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23) на тема: „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“.

На панел-дискусијата се очекува да се разменат експертизи, мислења и ставови за квалитетот и ефикасноста на судските постапки во Република Северна Македонија, како и пристапот до правдата во македонскиот правосуден систем. 

Скопје - Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС) денеска организира конференција на тема „Обновливите извори на енергија како најголем дел од енергетската загатка“. 

Конференцијата ќе ја отвори претседателот на МАРЕС, Слободан Поповски, а најавено е и обраќање на првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Скопје - Црвениот крст денеска организира конференција на тема „Зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент“. Целта е подбро позиционирање на организацијата за поефикасно и поефективно спроведување хуманитарните операции.

Конференцијата е под покровителство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а, како што е најавено, претставува значаен механизам во споделување искуства на полето на кризниот менаџмент, како и споделување иницијативи за подобрување на ефикасноста на институциите за одговор при итни состојби.

Скопје - Во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје денеска во Скопје ќе се одржи регионален состанок на регионалната платформа за реформа на јавна администрација Вебер.

-Експерти, владини претставници и претставници од граѓанските организации од Западен Балкан ќе дискутираат за последните трендови во реформата на јавната администрација во ЕУ и на Западниот Балкан, велат организаторите.

Скопје - Централиот одбор на СДСМ донесе одлука дека на 24 ноември 2024 година ќе се одржи 30-тиот Конгрес на партијата на кој ќе се избре новиот Централен одбор  и ќе се разговара за идните политики на партијата.

Како што информира СДСМ, согласно одлуката на Централниот одбор, на 30-тиот Конгрес ќе бидат предложени измени на Статутот на СДСМ со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик-претседател на СДСМ.

-Воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата, се наведува во соопштението.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска соопшти дека кандидатот на Републиканската партија на претседателските избори во САД, Доналд Трамп е „на пат кон убава победа“, пренесоа британските медиуми.

Орбан во пресрет на изборите го поддржа Трамп, наведувајќи дека уште на почетокот на годината тој рече дека до крајот на годината условите во светот ќе бидат поинакви и дека овие промени ќе следат по победата на Доналд Трамп.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека првите престрелки на украинската армија со севернокорејските војници го отвориле патот за дополнителна нестабилност во светот.

-Првите битки со севернокорејските војници отворија ново поглавје на нестабилност во светот, рече украинскиот лидер во вечерното обраќање.

Мадрид - Најмалку 89 лица се уште се водат како исчезнати по смртоносните поплави што го погодија југоисточниот дел на Шпанија.

Како што соопштија од регионалната судска власт во Валенсија, во бројката се вклучени само оние чие исчезнување го пријавиле членовите на семејството. Семејствата дадоа лични податоци и биолошки примероци за да се овозможи идентификација на исчезнатите.

Њујорк - Севернокорејските војници се судрија со украинските сили кои се борат во руската област Курск, објави Њујорк Тајмс, цитирајќи неименувани високи американски и украински претставници.

„Досегот беше ограничен“, изјави украински функционер за весникот. Официјалниот претставник додаде дека севернокорејските сили се бореле заедно со руската 810-та одделна морска пешадиска бригада.

Мексико Сити - Врховниот суд на Мексико ја отфрли жалбата за поништување на контроверзната реформа на судскиот систем на земјата, за која се залага таборот на левичарската претседателка Клаудија Шејнбаум, според која сите судии во земјата би биле избрани од населението.

„Се отфрлаат сегашните жалби за неуставност“, одлучи вчера судот по повеќе од пет часа јавна расправа. Реформата, најавена во средината на септември од поранешниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, ја има поддршката од Шајнбаум, кој положи заклетва на 1 октомври. Левицата, која има големо мнозинство во парламентот, ја оправда оваа реформа како средство за борба против наводната „корупција“ и „привилегии“ на неизбраните судии.

Палм Бич - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп наскоро ќе им се обрати на своите поддржувачи во Палм Бич.

Според досегашните проекции, Трамп има 246 електорски гласови, а кандидатката на Демократите Камала Харис има 187.

Вашингтон - Републиканската партија според досегашните проекции освои 190 места во Претставничкиот дом на САД, додека Демократската партија освои 154, јави Си-Ен-Ен.

За победа потребно е да се освојат 218 од вкупно 435 места. Која политичка партија ќе го контролира Домот или Сенатот, ќе биде од клучно значење за новиот претседател да ја спроведе својата законодавна агенда.

Тел Авив - Во Ерусалим и Хаифа се уапсени пет лица кои учествувале на протестите поради одлуката на израелскиот премир Бенјамин Нетанјаху да го смени министерот за одбрана Јоав Галант, соопшти израелската полиција.

-Тројца демонстранти се приведени во Ерусалим поради напад на полицијата и пробивање на бариерите во близина на улицата Аза каде демонстрантите се собраа пред резиденцијата на Нетанјаху, се вели во соопштението на полицијата, пишува „Тајмс оф Израел“.

Лондон - Ураганот Рафаел минува над Кајманските Острови, британска прекуморска територија во западното Карипско Море, а синоптичарите прогнозираат дека брзо ќе добие на јачина пред да се премести над копното на западна Куба, соопшти американскиот Национален центар за урагани(НХЦ).

Ураганот Рафаел достигна максимална брзина од 130 километри на час откако во вчера мина покрај западна Јамајка, а моментално се наоѓа на околу 95 километри источно од островот Гранд Кајман, јавија британските медиуми.

Вашингтон - Американците избираа претседател по 60-ти пат во историјата, нов состав на Конгресот и третина од Сенатот.

Резултатите главно се во согласност со очекувањата. Врз основа на тековните проекции на Си Ен-Ен, поранешниот претседател Доналд Трамп има 246 електорски гласови, додека потпретседателката Камала Харис има 187 електорски гласови.

Вашингтон - Потпретседателката Камала Харис денеска нема да им се обрати на приврзаниците, но се очекува да зборува утре, рече копретседавачот на нејзината кампања, додека продолжуваат да пристигнуваат изборните резултати од целата земја.

- Имаме уште гласови за броење. Сè уште имаме држави во кои сè уште се гласа, изјави Седрик Ричмонд.

Вашингтон - Американците избираат претседател по 60-ти пат во историјата, а целиот свет го чека исходот кој ќе влијае на голем број глобални конфликти и кризи.

Во исто време се избира и нов состав на Конгресот и третина од Сенатот. Резултатите главно се во согласност со очекувањата. Трамп ја задржа контролата врз традиционално републиканските држави, додека Харис ги освои демократските упоришта.

Палм Бич - Ќе и помогнеме на нашата земја да заздрави, изјави денеска републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Тој во моментов им се обраќа на своите поддржувачи во Палм Бич на кои им вети дека „ќе ги поправи границите“, додавајќи дека тој и неговата партија испишале историја со причина.

Лондон - Владата на Обединетото Кралство соопшти дека е потврден сој од вирусот на птичји грип Х5Н5 во живинарска фарма во Јоркшир, Англија.

Во владиното соопштение се наведува дека целата живина ќе биде уништена, пренесоа британските медиуми.

Вашингтон - „Гејм, сет, меч“ напиша американскиот милијардер Илон Маск на социјалната мрежа „Х“, означувајќи ја прогнозираната победа на републиканецот Доналд Трамп на изборите во САД.

-Гејм, сет, меч, напиша денеска тој, употребувајќи ја фразата за победа во тениски меч. Како реакција на водтсвото на Трамп, тој исто така напиша: „Америка е нација на градители. Наскоро ќе бидете слободни да градите... Иднината ќе биде фантастична“.

Бејрут - Најмалку 15 лица загинаа во израелски воздушен напад врз Барја, јужно од Бејрут, соопшти вчера либанското Министерство за здравство по нападот на крајбрежната област Барја, 20 километри јужно од Бејрут.

Меѓу нив бил и функционер на Хезболах кој бил во стан. Зградата се урна. Либански безбедносни извори рекоа дека функционерот на Хезболах, кој беше убиен, бил задолжен да дели пари на следбениците на движењето кои се раселени поради борбите.

 

Остани поврзан