МИА Општински пул
- МИА Општински пул

17 февруари 2025
Струмица - Утрово во 05:05 часот изгореа две хаварисани возила во кругот на струмичката болница, информираа од ТППЕ Струмица.
Според информацијата, во гаснењето на запалените возила интервенирале со едно против пожарно возило и тројца пожарникари.
Во информацијата се додава дека пожарот бил локализиран и ликвидиран за кратко време по пристигнувањето и било спречено негово проширување на околните објекти.
Извршен е увид на местото на пожарот, а причините ќе се испитуваат.
Тетово - Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово во 2024 година го зголеми книжниот фонд со купување на 470 нови наслови, односно 1420 нови книги и 269 нови книги подарени од тетовските роднокрајни автори.
Бројот ќе се зголемува и во текот на оваа календарска година со оглед дека има одобрен буџет од Министерството за култура, но од друга страна се повеќе е проблематично каде да се стават книгите со оглед на недоволниот простор со кој располага библиотеката со помалку од 150 квадратни метри.
В.д директорот Махи Муртезани објаснува дека просторниот проблем е особено изразен по преместувањето од еден во друг дел од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ каде веќе 22 години функционира библиотеката.
-Во 2023 година со одлука на претходната Влада бевме преместени од еден во друг дел од центарот со помалку метри квадратни, затоа што просториите беа отстапени за отворање на канцеларии на Европската Унија. Се сместивме за жал во помал простор, од 200 квадрати сега имаме 146. Да бидеме и реални и коректни просториите се пофункционални, ама тесно е затоа што не ги собира сите книги што ги имавме во старите простори. Во магацините на Центар за култура има од 45 до 50 илјади книги, а во сегашните простории имаме од 70 до 80 илјади книги. Во 2024 година имавме 5.200 активни читатели коишто позајмиле над 50 000 книги. Функционираме и овде без разлика што е тесно, но ќе биде се потешко поради потребата од набавка на нови книги, изјави Муртезани на средба со новинарите.
Битола - Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, викендов присуствуваше на отворањето на 56 издание на Празникот на мимозите во збратимениот град на Битола, Херцег Нови.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека за време на посетата, градоначалникот Коњановски, остварил повеќе протоколарни средби на кои се разговарало за долгогодишната соработка помеѓу Битола и Херцег Нови, како и за можностите за понатамошно зајакнување и унапредување, пред се на културната соработка.
-Градоначалникот Коњановски во Херцег Нови се сретна и разговараше и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, потпретседателот на Владата задолжен за безбедност, одбрана, борба против криминалот и внатрешната политика Алекс Бечиќ, министерката за култура и медиуми, Тамара Вујовиќ, амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ и претседателот на Општина Херцег Нови, Стеван Катиќ. Во интервју за Радио телевизија Црна Гора, градоначалникот Коњановски нагласи дека Битола и Херцег Нови имаат официјална соработка од 1976 година, а последните години се повеќе се интензивира со реализација на повеќе настани и активности на кои освен официјални делегации, присуствуваат и граѓани од двата градови, информираа од Општина Битола.
Организатори на Фестивалот на мимозите се Општина Херцег Нови, Туристичкиот одбор Херцег Нови - Туристичка организација Херцег Нови и ЈУК Херцег Фест.
Тетово - Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово преку соопштение реагира на повикот на Општина Тетово за давање предлози за именување на улици. Општина Тетово објави повик за прибирање предлози за преименување на улици кои веќе имаат определено име и именување на новите улици во периодот од 10 февруари до 10 март.
- Општина Тетово продолжува да го води процесот за преименување на улици во градот и именување на нови улици и во таа насока објави 30 дневен јавен повик за доставување на предлози. Општина Тетово ги игнорира јавните апели на Сојузот на борци, политичките партии и граѓаните, како и ставот на Владата дека е неприфатливо преименување на постоечки имиња на улици во градот Тетово и упорно води постапка и за преименување на улици, се вели во соопштението на Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи.
Тие сметаат дека повикот е само обид на Касами за да покаже демократија.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и на Центар Горан Герасимовски спроведоа заедничка превентивна акција низ централното градско подрачје на Скопје и во Кисела Вода.
Оваа заедничка иницијатива, како што соопшти МВР, е со цел да се утврди состојбата на лице место со присуство на малолетници во ноќните часови и низ разговор со нив да се испрати порака колку е важна превенцијата во спречување на малолетничката деликвенција во сите нејзини појавни облици.
-Од страна на МВР ќе ја разгледаме и можноста во рамки на системот ,,Безбеден град”, кој што опфаќа камери на сообраќајници да се надогради со видео надзор на парковите и други места каде се забележува нарушување на јавниот ред и мир, потенцираше министерот Тошковски.
Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 51 мерни места во градот.
– Секторот за санитарна контрола во периодот од 10 до 14 февруари 2025 година зема 203 примероци за физичко-хемиска и 203 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 51 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Скопје – ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 10 до 16-ти овој месец, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 150 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар во денешното соопштение потсетуваат на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците.