МИА Општински пул
- 30 јануари 2026
30 јануари 2026
Охрид – „Аутизам од дијагноза до достоинство“ е насловот на стручниот настан за доктори на медицина што утре ќе се одржува во Охрид.
Настанот што е наменет за доктори на медицина ќе ги продлабочи знаењата за патот на лицата со аутизам, од дијагноза до достоинствен живот, со системска поддршка, велат организаторите.
На собирот организиран од страна на Здружението на лекари Охрид, со поддршка од фармацевтската компанија „Фитофарм“, ќе се обратат неврологот проф. д-р Филип Дума, психологот и клинички психотерапевт Амела Мемиш Апостоловска, психијатарот Магдалена Чакар Маркулеска и како јавен застапник на аутистите Леон Мемиш Апостоловски. Модератор на настанот ќе биде Александра Сабрас Апостолова – дефектолог.
Настанот ќе се одржува во просториите на библиотеката „Григор Прличев“ со почеток од 13 часот.
Струмица - Струмичката полиција поднесе кривична пријава против претседател на локално ловечко друштво, осомничен за проневера во службата. Според податоците од истрагата, пријавениот во подолг временски период присвоил значителни финансиски средства од сметката на друштвото, со што била причинета материјална штета на организацијата.
- СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Д. Р. (41) од Струмица поради постоење на основи на сомневање дека сторил кривично дело проневера во службата по член 354 од КЗ - стои во соопштението од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека пријавениот во својство на претседател на ловечко друштво од Струмица, со намера дастекне противправна имотна корист, во текот на 2024 и 2025 година од трансакциска сметка на ловечкото друштво, на која воедно бил и овластен потписник, во повеќе наврати подигнувал поголеми износи парични средства, кои ги присвоил за себе, без за тоа да има соодветна оправданост или сметководствено покритие.
- Со таквите дејства Д. Р. прибавил за себе противправна имотна корист во вкупен износ од 1.326.787 денари и за овој износ е оштетено ловечкото друштво - дополнуваат од ОЈО.
Битола - Јавната општинска установа Зоолошка градина Битола информира дека пцовиса нилскиот коњ Берта, роден пред 40 години во Зоолошката градина во Виена.
Од ЈОУ Зоолошка градина посочија дека нилскиот коњ Берта во своето современо живеалиште во Битола на увид на јавноста беше десет години, а претходно бил згрижен во зоолошките градини во Скопје и Белград.
- Нилскиот коњ Берта има свои потомци во зоолошките градини во Виена, Белград и Скопје. И покрај длабоката старост, Берта беше со солидно здравје, а во последниот период добиваше континуирана нега и терапија од нашиот ветеринар, но природниот крај за овој животински вид на оваа возраст беше неизбежен - информираа од ЈОУ Зоолошка градина Битола.
Во Зоолошката градина Битола има современо живеалиште за нилски коњ и токму затоа менаџментот на таа општинска установа почнува со обезбедување нов жител, а во текот на годината ќе реализира и други планови, односно изградба на ново живеалиште за копитари, изградба на живеалиште за фламинго, изградба на терариум и други инвестиции.
Битола - Општина Битола ќе додели милион денари за боксерот Ален Рустемовски за реализација на неговите подготовки за учество на Олимписки игри.
Предлогот на градоначалникот Тони Коњановски доаѓа по синоќешната промоција и избор на Рустемовски за „Спортист на годината“ за 2025 година што ја организираше Министерството за спорт и млади.
- Синоќа имавме чест заедно со секретарот на општината Борче Димитровски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски да присуствуваме на манфестацијата „Спортисти на годината 2025“ на која двајца битолчани се закитија со престижно признание. Боксерите од Битола Адријан Рустемовски е прогласен за млад спортист на Македонија, а Ален Рустемовски избран за спортист на годината на Македонија. Со ова уште еднаш Битола покажа и докажа дека е спортски град, а изградбата на боксерската сала е вистинска инвестиција на Општина Битола, истакна Коњановски.
Општина Битола ќе продолжи и во наредниот период финансиски да го поддржува боксерот Рустемовски.
-Со еден милион денари од буџетот, Општината ќе ги поддржи неговите подготовки за обезбедување пласман на Олимписките игри, посочија од тамошната локална самоуправа
Скопје - Поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, утре во централното подрачје на Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, маршрутата на движење започнува пред Владата на булевар „Илинден“, продолжува десно по булевар „ВМРО“, по што учесниците ќе се движат по улица „Васил Главинов“, потоа „Димитрие Чуповски“ и „11 Октомври“, сѐ до Собранието. Маршот ќе заврши на улица „Филип II Македонски“, пред Министерството за животна средина.
Од СВР Скопје најавуваат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за пренасочување и регулирање на сообраќајот на засегнатите локации.
Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници со цел непречено и безбедно одвивање на протестот и сообраќајот.
Скопје - Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), денеска објави Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3). Повикот ќе биде отворен до 27 февруари 2026 година.
Од Општина Аеродром информираат дека Програмата има цел да го зајакне партнерството меѓу Општината и граѓанските организации преку транспарентна поддршка и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.
Приоритетни области за проекти се заштита на животната средина и климатски промени, социјална инклузија и поддршка на ранливи групи, млади и младинско учество во заедницата, како и креативни уметности и културен развој.
Како што нагласуваат од Општина Аеродром, ќе се одржат инфосесија, обука и менторска поддршка за сите заинтересирани организации.
Сите детали, услови и потребната документација може да ги најдете на следниов линкот http://aerodrom.gov.mk/vest/9551.
Општина Аеродром ги охрабрува сите заинтересирани да аплицираат за заеднички придонес за развојот на заедницата.