• вторник, 08 октомври 2024
МИА Општински пул

 8 октомври 2024 

Струмица - Комуналното претпријатие „Турија“- Василево доцна синоќа ги информираше жителите од населените места во општина Василево-Василево, Градашорци, Ангелци, Едрениково, Добрашинци, Нова Маала и Чанаклија, кои со вода за пиење се снабдуваат од браната „Турија“, односно преку филтер станиците „Ташли Баир“ и „Добрашинци“, но и жителите на селата Дукатино, Сушево и Владевци дека по направените најнови физички, хемиски и микробиолшки анализи водата не е за употреба и пиење.

Во соопштението објавено на општинската страница стои дека Општина Василево веќе подолг период презема мерки за обезбедување на питка вода за населението.

-Обезбедени се диспанзери, шишиња вода во училиштата и градинката. Обезбедени се канистри со вода за пиење на населението, а од денеска ќе функционира и цистерна за вода обезбедена со помош на општина Радовиш. Општина Василево побара дополнителни анализи на водата за пиење во наредните денови и од Центарот за јавно здравје и паралелна анализа од акредитирани лабаратории. Екипите се на терен и работат на надминување на состојбата и решавање на проблемот за што граѓаните ќе бидат дополнително информирани, стои во соопштението од комуналното претпријатие на Василево.

Се додава дека Општината во изминатиот период направила сериозен зафат на филтер станицата „Ташли Баир“, каде е промената кварцната песок, која претходно никогаш не била променета од 2006 година,односно од изградбата на самата филтер станица, а исто така била променета и целата електроника.

Инаку, Струмица веќе 11 денови е без вода за пиење заради големото присуство на манган во водата која доаѓа од браната „Турија“ и неможноста таа да се преработува во Филтер станицата во Струмица до фаза на вода за пиење. Градот Струмица и шест населени места водата од градскиот водовод можат ја користат само како техничка, односно таа не може се користи за пиење и готвење.

Прилеп - Со богата програма Прилеп ќе ги одбележи празникот 11 Октомври и 83 - годишнината од Народното востание. Во програмата се опфатени повеќе настани.

Вечер од 19:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ концерт ќе одржи Ансамбл Македонија.

В среда, на 9 октомври, од 18 часот на стадионот кај Могилата на непобедените ќе се одржи хуманитарен настан „Сплотени за Никодим“. Истовремено, во градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде Вечер на родољубива поезија, а од 20 часот во прилепскиот музеј ќе се отвори изложба на фотографии „Златниот антички наод“ од село Тремник, Неготино.

На 10 октомври, во пресрет на Празникот, напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ учениците од прилепските училишта ќе го формираат македонското знаме. Од 18,30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ е изложбата на дела од Владимир Лукаш.

Централната манифестација за одбележувањето на 11 Октомври е од 19 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“. Ќе настапи КУД „Пере Тошев“. Со традиционалниот импровизиран напад и огномет градот се потсетува на виорните времиња од 11 октомври 1941 година кога со нападот на тогашната полициска станица, Участакот, е означен почетокот на Народното востание и ослободителната борба против фашистичкиот окупатор.

На Празникот, почит ќе им биде оддадена на загинатите борци и дејци со положување цвеќе и поклон пред криптата на Могилата на непобедените, во Алејата на народните херои, пред спомениците на Методија Андонов Ченто и на Кузман Јосифоски-Питу во центарот на градот.

На Празникот, во просториите на Црвениот крст ќе се одржи крводарителска акција, а на булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде изложбата на автомобили.

Тетово– Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“-секција Тетово од вчера почна со реконструкција на дел од регионалниот пат Р1206 од Тетово преку Мала и Голема Речица до Калник. Поради изведувањето на градежните работите од претпријатието апелираат граѓаните да бидат трпеливи и внимателни поради воспоставување на времен режим со наизменично пропуштање на возила.

- Рехабилитацијата на патот Р1206 Тетово-Пирок-Гостивар е по годишна програма на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, а финансирано од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Од вчера е почнато со стругање на асфалтот. Реконструкцијата ќе се изврши во должина од 2200 метри или описно од Сточен пазар па се до фудбалското игралиште во Калник, информира Дејан Јовановски, раководител на Секција Тетово при Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“.

На две места ќе се изврши и промена на рабници, а ќе бидат опфатени 650 метри. По стругањето ќе се постави и завршен асфалтен слој од пет сантиметри. Патот е широк од шест до 7,5 метри.

Крива Паланка - Со концертот „Најубавите песни од Тоше Проески" на Националната установа Камерен оркестар на Битола во салата на Центарот за култура Крива Паланка, синоќа продолжи празнувањето во чест на „80 години слободна Крива Паланка".

Општината го прославува осумдеценискиот јубилеј со низа свечености, меѓу кои и концерт посветен на Тоше Проески. Концертот беше несекојдневна можност кривопаланчани и гостите на градот да уживаат во безвремените песни на Тоше во интерпретација на Наде Талевска и Јасна Димитровска, придружувани од битолските музичари под диригентската палка на Владимир Димовски.

-Тоше е вечен, а неговите песни се бесмртни, тоа го потврди уште еднаш извонредниот концерт на Камерниот оркестар од Битола.  

Најпознатите хитови на Тоше Проески длабоко ја трогнаа публиката и предизвикаа силни емоции на почит, гордост и љубов кон нашиот ангел. Патриотскиот дух и големата љубов на Тоше кон татковината се најубавиот подарок посветен на свеченостите во чест на 80- годишниот јубилеј, слободна и демократска Крива Паланка, напишаа од општината.

Концертот се одржа како дел од програмата на „Есенски музички вибрации” што општината ја реализира во рамки на манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата за 2024".

Општина Крива Паланка денес го прославува Денот на ослободувањето. По тој повод, денес на пладне цвеќе на спомен бистата на паднатите борци од НОБ пред зградата на локалната самоуправа ќе положат повеќе од 40 делегации, а во 13:00 часот е предвидено одржување на свечена академија и доделување на општинските награди и признанија.

Попладне се одржува традиционалната гастрономска манифестација „Шопска софра".

Тетово -  Планинарскиот клуб „Јелак“ на 13 октомври (недела), по седми пат ја организира веќе традиционалната планинарско-рекреативна акција „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора, која тргнува од селото Блаце и завршува во селото Волковија. Групата од Тетово ќе тргне со организиран превоз од пред Центарот на културата во 8 часот, а поаѓањето на колоната во Блаце е предвидено за во 9 часот. Во 14:30 часот е предвидено пристигнување на целта – црква „Св. Мина“, во Волковија со што се завршува акцијата.

- Акцијата спаѓа во лесни планинарско-рекреативни тури. Погодна е и за почетници, рекреативци и вљубеници во природата со минимум кондиција за движење, а поради туристичкиот и едукативен карактер интересна е и поискусни планинари. Поканети се сите поединци, планинарски клубови и друштва, информира Борис Стојановски-Цули, претседател на ПК „Јелак“.

Патеката има повеќе карактеристични точки. Се тргнува од Блаце, ширината во центарот на селото на 600 метри надморска височина и се оди кон црква „Св. Троица“ – Блаце (720 м н.в.) – изграден врз археолошки локалитет „Самовилска вода“ од старохристијанско време, кој опфаќа и извор кој според преданијата има лековито дејство.

- Следува црква „Св. Петка“, атар на с. Стенче – сместена на рид (880 м н.в.), како и археолошки локалитет – месност „Граиште“, с. Стенче (неолитска населба со наоди кои датираат од IX век п.н.е). Колоната потоа оди до црква „Св. Илија“, с. Стенче, црква „Св. Екатерина“, Стенчевска чука – видиковец кон Полог и Шар Планина, црква „Св. Георги Победоносец“, Волковска чука – сместена во некогашниот Волковски манастир кој датира од XIV век каде има движење низ пределот каде е сниман култниот македонски филм „Македонска крвава свадба“. Целта на крајот е црква „Св. Мина“, село Волковија, каде ја завршуваме акцијата, информира Стојановски.

Секој учесник во акцијата треба да има лесни планинарски чевли, како и сопствена храна и вода доволни за 4-5 часа. Патеката е маркирана со стандардна планинарска маркација и патокази, но задолжително е движење во колона според насоките на организаторот и водичите од клубот. Пријавувањето е во клубот „Јелак“ до сабота на пладне.

Остани поврзан