МИА Општински пул
- 13 февруари 2025

13 февруари 2025
Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски ја посети детската градинка „Гоце Делчев“ во Илинден, каде во изминатиот период направени се повеќе инвестиции.
Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека во детската градинка во текот на минатата годината направени се инвестиции, со цел да се подобрат условите за дечињата и вработените со цел обезбедување соодветни услови за престој во оваа установа. За таа цел, обезбедена е опрема за потреба на јаслените групи (слики од шкафовите, занималните, малата кујна), извршено преградување на салата за свечености со ПВЦ врати и промена на врати од занимални. Исто така обезбедени се дидактички материјали и играчки за децата од двата објекта, набавена е нова опрема со која ќе се обезбеди уште подобра исхрана за децата од градинката и целодневниот престој. Дополнително градоначалникот истакна дека е изготвен Основен проект за доградба на централниот објект со нова кујна со бруто површина од 147м2 која ќе има капацитет за подготовка на 800 оброка, а делот во кој сега е сместена постоечката кујна ќе биде реконструиран и адаптиран во занимални за деца.
Скопје - Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда. Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите.
В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
Скопје - Општина Центар започнува нова акција за собирање кабаст отпад, со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живот во локалната самоуправа. Во периодот од 15ти до 20ти во наредните три месеци - февруари, март и април, граѓаните ќе можат бесплатно да го одложат кабастиот отпад на три локации: Во населба Пролет, кај Феријален дом; На Водно, кај КТК до контејнерите; Во Буњаковец, кај контејнерите кај Вучко.
„Апелирам до сите да ја искористат оваа можност и на еколошки начин да се ослободат од кабастиот отпад. Да ги чуваме нашите улици чисти и да придонесеме кон поздрава животна средина!“ – порача градоначалникот Герасимовски.
Скопје - Утре без снабдување со електрична енергија ќе останат делови од општините Карпош и Гази Баба, информираат од РЦУК. Во периодот од 9:00 до 15:00 часот, без струја ќе бидат корисниците од улиците „Будимпештанска“ и „Љубица Георгиева“ во општина Карпош.
Прекин во снабдувањето со електрична енергија во периодот од 9:00 до 11:00 часот ќе имаат дел од корисниците од село Стајковци, место викано Попово Маало во општина Гази Баба.