• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

9 септември 2025 

Куманово - Активен е пожарот во атарот на село Никуштак, кумановско информираа денеска од ЦУК и од „Македонски шуми“.

- Во моментов, пожарот сè уште е активен. Таму се наши екипи кои работата на терен. Се работи за многу лош непристапен терен, екипите и покрај тоа што успеваат да стигнат до одредена линија, не можат во целост да ја покријат линијата. Онаму каде е недостапно за пешадијата, делуваат екипите од воздух, но и покрај нивното делување, доколу од земја не се стигне до линиите тешко се санира пожарот. Продолжуваме со интервенција и денеска, со сите човекови ресурси, изјави заменик директорот на ЈП „Национални шуми, Кире Михаилов.

Во Никуштак неколку дена годи нискостеблеста деградирана, но и дабова шума. Од вчера пожарот е проширен на поголема територија. Покрај дејствувањето на екипи на „Национални шуми“, пожарот го гаселе и два авиона и еден хеликоптера од воздух, но поради поголема површина што е зафатена пожарот сè уште е активен.

Куманово - Општина Куманово ќе го спроведе петтиот третман на терестичка дезинсекција на возрасна форма на комарци, информираа денеска од општината.

Третманот ќе се спроведе на неколку подрачја на територија на Општина Куманово по течението на реката Кумановка од „Кумановска бања“ преку село Проевце, месноста „Бејтови ниви“, по должината на кејот на река Кумановка, површини под бавчи од другата страна на реката, по должината на булеварот „Октомвриска револуција“, на површините околу градскиот парк и улицата „Никола Тесла“. Третиот третман ќе се изврши покрај реката во реонот училиштето „Толи Зордумис“, во „Диво Насеље“, по текот на реката во село Романовце, градските гробишта (едно од најголемите легла на комарци), „Зелен рид“, по должина на булеварот „Трета МУБ“ и улицата „11 Октомври“ со посебен акцент на ЈЗУ општа болница – Куманово, низ централното градско подрачје, по текот на Серава, населбата „Перо Чичо“ и други локации низ градот.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 01.09. до 07.09.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 132 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

ЈП ПОЦ и Општина Центар апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.

Скопје - Од утре до сабота ќе се одржува 12. Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ во паркот „Авионче“ во Општина Аеродром.

Како што информира Општина Аеродром, на првиот фестивалски ден со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на Градско позориште Јазавац – Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.

На 11 септември 2025 година ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.

Скопје - Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15 септември годинава да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Детали се очекуваат на денешната прес-конференција што ја најави Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Најавено е присуство на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, како и директори на останати државни институции.

Одлуката за оваа новина беше донесена на владината седница на 29 јули. - Целта на оваа мерка е јасна: зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила. Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели, појаснија тогаш од СОЗР.

Скопје - Во текот на изминатото деноноќие на територија на цела држава биле регистрирани 33 пожари на отворен простор, од кои два се активни, два се под контрола, а 29 се изгаснати. Активни пожари има во село Никуштак, општина Липково и на територија на општина Студеничани, кај селата Варвара и Драчевица, каде е зафатена мешана шума и ниска вегетација.  

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), под контрола се ставени пожарите во општина Берово – Дрџински рид, месност викана Стојковото, село Русиново (дабова и букова шума и папрат) и во општина Гази Баба – Вардариште (ѓубриште).  

Од скопскиот регион изгаснати пожари има на територија на општина Ѓорче Петров – улица „Шар Планина“ (ѓубриште), општина Гази Баба – село Раштак (ниска вегетација) и Камник (ниска вегетација), општина Сопиште – село Јаболци – Говрлевска Краста (ниска вегетација) и општина Сарај – село Рашче (ниска вегетација).

Скопје - Без струја денеска од 7:00 до 15:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „9“ во населба Илинден. 

Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекинот е поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа. 

Скопје - Во Скопје денеска се одржуваат 29. републички пензионерски спортски натпревари. Организатор на манифестацијата е Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Како што појаснуваат организаторите, ќе има натпревари во 11 дисциплини, ќе учествуваат 328 натпреварувачи од 40 здруженија на пензионери. По прогласување на најдобрите, предвидено е да се додели преоден пехар на здружението со најдобри резултати.

Спортските натпревари, како што се потенцира во соопштението, се одржуваат во чест на 79 години од пензионерското организирање во државава, како и по повод 20 Септември - Денот на пензионерите. 

Скопје - Драмски театар Скопје вечер во 20 часот со изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена ја отвора сезоната. Со оваа претстава Драмски театар веќе на 11 септември ќе учествува на 33. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што годинава се одржува од 8 до 13 септември во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претстава работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.

Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.

Битола - Попладне во Битола, по пауза од 31 година, повторно ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар на кој ќе настапат младинските репрезентации на Македонија и Италија.

Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија професионално и во зададените рокови го реновираа стадионот „Петар Милошевски“ за играње меѓународен натпревар од високо ниво, а потврда добија и од специјална инспекција на УЕФА која додели лиценца за фудбалски натпревари на клупско и репрезентативно ниво.

Средбата меѓу репрезентациите на Македонија и Италија, фудбалери на возраст до 21 година е закажана за 18:15 часот, а најголем дел од влезниците се продадени. На публиката ќе и биде овозможено следење на натпреварот од целосно обновени трибини, а за новинарите подготвени е посебен медиумски центар. Вложувањата и интервенциите во стадионот претставуваат значаен чекор за развојот на фудбалската игра во градот и регионот, посочија од Општина Битола во пресрет на попладневниот натпревар за кој обезбедено е и осветлување.

Велес - Општина Чашка согласно програмата за градежно уредување за 2025 година, изврши реконструкција преку бетонирање на улици во селата Долно Јаболчиште и Нежилово.

Како што најави градоначалникот Горан Стојановски, следни населени места за реконструкција на улици се во селата : Горно Јаболчиште, и Мелница 

-Обезбедуваме инфраструктура за сите.Целтта на општината и мене како градоначалник е да им овозможиме подобар живот на сите жители во Општина Чашка,потенцира Стојановски. 

 

Остани поврзан