• вторник, 14 мај 2024
МИА Општински пул

2 април 2024 

Скопје - Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија –ЗЕЛС го осудува вооружениот напад кон градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, што се случи вчера на подрачјето на оваа општина.

Од ЗЕЛС преку соопштение наведуваат дека сите градоначалници упатуваат жалење и до семејствата на вработените во општината кои во моментот на грозниот чин биле во придружба на градоначалникот и им посакуваат брзо закрепнување.

-Ова не е прв пат во нашата земја да се посегне по животот на градоначалник, токму при извршувањето на неговите работни обврски. Затоа бараме надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори. Уште еднаш, остро ја осудуваме оваа насилна практика на изразување на незадоволство од работата на градоначалникот и бараме да ни се дозволи своите надлежности да ги спроведуваме низ институционални постапки и процеси, велат од ЗЕЛС.

Скопје - Амбасадата на Јапонија во Скопје, Денот на Децата во Јапонија 5 -ти мај ќе го прослави со натпревар за цртање и сликање. Отворен е за сите деца до 12-годишна возраст кои уживаат да творат во техниките цртеж со јаглен, креда, молив, туш или сликарските техники фломастер, акварел, гваш, темпера, акрил, пастел, колаж, асемблаж и се добредојдени на конкурсот,  димензиите на творбите не се ограничени, а трае до 18 април. Конкурсот е по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашата земја и Јапонија.

-Поттикнте ги децата да творат за нашето пријателство, за важноста на „кизуна“(сиона и длабока врска) со своите „томодачи“(пријатели), повикуваат од Амбасадата на Јапонија.

Скопје - Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против државјанин на Република Србија осомничен за кривично дело насилство кое го  извршил пред два дена врз лице во угостителски објект во Јосифово.

Како што информира државното Јавно обвинителство, во раните утрински часови на 31 март,  осомничениот извршил грубо насилство врз едно лице во угостителски објект на бензинска пумпа во Јосифово додека оштетениот со друштво од 15 до 20 лица, негови другари, прославувал раѓање на новородено дете.

Скопје - Во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, вчера биле санкционирани 168 возачи, соопштија денеска од МВР.

Од нив, осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 75 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 93 надвор од населено место.

Скопје - Во последното деноноќие имало 16 пожари на отворено од кои шест се уште се евидентирани како активни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Регионалните центри за управување со кризи Охрид и Тетово бележат по два, а регионалните центри за управување со кризи Штип и Куманово по еден пожар.

-Заради настапувањето на ноќта, а и заради локализирање при гаснењето, непристапен терен и немање опасност по луѓе, на крајот од денот вчера силите што биле ангажирани за гаснење на таквите пожари се повлечени од терен и од утрово ќе догасат, таму каде што треба и се може, информира ЦУК.

Скопје - Поради уличен дефект на водоводната мрежа, без вода од 09:00 часот се корисниците на улица „Благоја Гојан' во скопската населба Пржино.

Прекинот во водоснабдувањето ќе трае до санирање на дефектот, соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Скопје - Без вода денеска од 9 часот ќе бидат дел од жителите од селата Сопиште, Ракотинци и Добри Дол во Општина Сопиште. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради монтажа на регулатор на потисна цевка од Ф-125 милиметри во Сопиште без број или под пумпената станица.

Без вода денеска од 10 часот ќе останат дел од жителите лоцирани на улиците „Њуделхиска“, „Бахар Моис“, „Римска“, „Панче Пешев“ и „Наум Евро“ во Општина Карпош.

Скопје - Без струја денеска од 8:30 до 10:30 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Александар Урдаревски“ на потегот од напојната Трафостаница - Бутел 6 до Тутунска банка, Општина Бутел.

Во временскиот период од 9:00 до 11:00 часот без струја ќе бидат корисниците од улицата „Орце Николов“ згради бр. 155 и бр. 156 во Општина Карпош.

Од 11:30 до 13:00 часот без снабдување со електрична енергија ќе останат дел од корисниците од улиците „Бутелски венец“, „Индира Ганди“ и „Пелагонија“, Општина Шуто Оризари.

Скопје - ЈП „Комуна“ - Крушево информира дека денеска прекин на вода ќе имаат домаќинствата од улиците „Тодор Проески“, „Мише Ефтим“, „Коча Миленку“ и дел од „Питу Гули“ во Крушево.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато поради дефект.

Струмица - Од утрово од 6 часот трите гранични премини кон Грција, Богородица-Евзони, Дојран-Дојрани и Меџитлија-Ники, се затворени за сите видови сообраќај. Причина за затворањето на премините е штрајкот на грчките цариници што почна денеска во 6 часот и ќе трае до истото време задутре.

Според началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ при МВР, Славчо Богев, на трите гранични премини нема влез и излез од Грција, а товарниот и патаничкиот сообраќај е во целосен прекин.

Струмица - Сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, вечер ќе биде промовирана пред книжарницата „Литература.мк“ во Струмица. Промотор на книгата, што е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а специјален гостин ќе е фолклористот Иван Котев.

Како што соопштија организаторите, со овој настан го одбележуваат Светскиот ден на книгите за деца.

Скопје - Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), промовираше нова генерација дипломирани инженери по информатички науки и компјутерско инженерство и нова генерација магистри. Рекордни 345 дипломирани инженери и 22 магистри, ги добија своите дипломи за завршен прв и втор циклус студии. 

Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Боро Јакимовски ја отвори свеченоста и се обрати на присутните: 

- Денес, додека го славиме овој јубилеј, имаме предвид дека успехот и растот на ФИНКИ не се случајни. Тие се резултат на заедничките напори на секој член од нашата академска заедница. Од студентите кои се стремат кон знаење и усовршување, до професорите кои ги инспирираат и ги поддржуваат. Сите сме дел од оваа успешна приказна.

 

Остани поврзан