• петок, 11 октомври 2024
МИА Општински пул

10 септември 2024

Скопје - Општина Гостивар поради врнежите од дожд го откажа денешниот настан што требаше да се одржи на отворено.

Настанот беше организиран во соработка со полицијата и училиштата, а посветен на безбедноста на учениците. Во рамки на настанот учениците требаше да маршираат од Центарот за култура до градскиот плоштад. 

Босилово - Во селото Штука, Општина Босилово, вчера е отворена школа за изучување на традиционални музучки инструменти. Сите заинтересирани ќе учат свирење на зурла, тапан, гајда, кавал, тамбура, а набавена е и народна носија и адаптиран е простор со мебел за непречено работење на школата.

Проектот е плод на соработката помеѓу Општина Босилово, УСАИД, ЛАГ„ Беласица - Огражден“ и општествено одговорни поединци и компании.

- Благодарение на поддршката на Општината, јавното комунално претпријатие и приватниот и граѓанскиот сектор, младите сега имаат нов простор за негување здрави навики и унапредување на квалитетот на животот, објави Сашко Поповски од ЛАГ „Беласица-Огражден“.

Отворањето на школата беше проследено со кратка музичка програма, а проектот е дел од Програмата на УСАИД за развој на заедницата која ја имлементира Rural Development Network of North Macedonia во соработка со ЛАГ „Беласица Огражден “/ LAG Belasica Ograzden и останати четири Локални акциски групи. 

Битола - НУ Камерен Оркестар на Битола, синоќа во Виена, во црквата Св. Ана, одржа  концерт „Македонски евергрини и повеќе“.

Во Виена, во величествената црква Св. Ана, еден од најубавите барокни храмови во австриската престолнина и со извонредна акустика, македонските уметници приредија празничен концерт, поводно за Денот на независноста.

Концертот го отвори амбасадорот Освит Росоклија, а присуствуваа амбасадори од повеќе земји, Македонци кои живеат во Виена и други вљубеници на македонските евергрини. Познатите вокали Ирена Крстеска, Агни Авшар и Ристо Самарџиев ја воодушевија публиката со изведби на безвременски македонски хитови како „Налеј, Налеј“, „Болен ми лежи“, „Елено ќерко“, „Бор садила мома Евгенија“, „Кажи зошто ме остави“, „Љубов неверна“ и многу други. Аранжманите на сите песни се дело на Владимир Димовски, диригент на концертот, соопштија од НУ Камерен оркестар на Битола,

-За нас, гостувањето во Виена, градот со најбогата музичка историја и дом на големите светски композитори, е огромна чест и привилегија. Виенската публика, со својата љубов кон музиката и уметноста, ни овозможи да го пренесеме духот на македонската музичка традиција на начин на кој најдобро знаеме – преку срце и душа. Ова гостување е огромен чекор за Камерниот Оркестар на Битола, и горди сме што можевме да бидеме дел од оваа грандиозна музичка сцена, истакна Владимир Димовски, диригент на оркестарот.

Крива Паланка - Актерот Никола Ристановски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“ што се доделува за придонес во македонскиот театар и култура на истоимениот театарски фестивал што традиционално се одржува во Крива Паланка.

Наградата ќе му биде врачена на 16-от фестивал што ќе се одржи од 28 септември до 6 октомври во „Градот на културата за 2024", на кој ќе учествуваат театрите од Велес, Винковци Хрватска, МНТ, Скопје, Вршац и Белград од Србија, Ќустендил , Бугарија и Драмски театар- Скопје, информираат од организацискиот одбор на Меѓународниот театарски фестивал "Свети Јоаким Осоговски".

Досегашни добитници на ова веќе престижно признане се: Милица Стојанова, Зафир Хаџиманов, Шенка Колозова, Петар Темелковски, Страшко Милошевски, Јордан Плевнеш, Мето Јовановски, Јелена Жугиќ, Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Гоце Тодоровски, Ѓокица Лукаревски, Драган Спасов – Дац, Билјана Пројковска и други.

Никола Ристановски е актер во Македонскиот народен театар во Скопје и освен на матичната сцена настапувал и на театарските сцени во Битола, Велес и Куманово, на сцените на театрите во Белград и Подгорица.

Скопје - Во рамки на Денови на Општина Ѓорче Петров, а по повод државниот празник 8 Септември, во населбата Даме Груев во Ѓорче Петров викендов стартуваше големото спортско натпреварување во фудбал „Геге Куп 2024“. 

До 20 септември, кога со централна манифестација ќе биде одбележан Денот на Општина Ѓорче Петров, 17 екипи од Скопје ќе се борат за првото место на реконструираното мултифункционало игралиште во Даме Груев.

Турнирот го отвори градоначалникот Александар Стојкоски кој во обраќањето пред присутните рече дека следуваат вкупно 32 натпревари.

Ќе сведочиме за вистинска фудбалска магија, исполнета со страст, тимски дух и несебична поддршка. Наградниот фонд од 125.000 денари ги мотивира играчите, а сите ние сме тука да ги поддржиме и да прославиме заедно, како заедница која верува во спортот и заедништвото – нагласи Стојкоски.

Кавадарци - Кавадарчанка со тврд предмет ја нападнала мајка си рано изутринава, оваа информација ја потврди за МИА, доктор Мирослав Нерков од Брзата помош. 

- Ние како екипа на Итната медицинска помош заминавме на лице место веднаш по дојавата. Жената имаше повреда на главата, голема исеченица и оток на местото на ударот, дома крв имаше секаде во собата. Ја однесовме во кавадаречката болница, појасни Нерков. 

Од СВР Велес го потврдија случајот. 

-На 10.09.2024 во 03.30 часот во Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци ја лишиле од слобода В.Ѓ.М.(32) од Квадарци, постапувајќи по претходна пријава дека со тврд предмет ја нападнала нејзината 60 – годишна мајка. В.Ѓ.М. била задржана во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава, рекоа од СВР Велес.

Крива Паланка - Во Јавната здравствена установа Здравствен дом „Проф. д-р Димитар Арсов“ Крива Паланка во тек е реализација на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), со кој се врши реконструкција на објектите на матичната служба и амбуланта во село Герман.

Проектот се имплементира преку Министерство за финансии, во соработка со Министерство за здравство, а е финансиран со средства од Светска Банка. 

-Реконструкцијата се одвива преку имплементација на два засебни проекти, проект во ЈЗУ ЗД Крива Паланка – матична служба и амбуланта Герман. Имплементацијата на овој проект опфаќа: реконструкција на покривот, изолирање на фасадата, замена на прозорци и надворешни врати со нови, промена на системот за греење преку инсталирање нов систем со топлинска пумпа, како и замена на светилките со нови енергетско ефикасни светилки. Досега овој проект е над 50 отсто успешно реализиран, а со неговата целосна имплементација позитивен бенефит ќе имаат сите жители на Општина Крива Паланка, населено место Герман, како и останатие околни населени места, а исто така и вработените, преку подобри услови за работа. Најголем бенефит од проектот ќе имаат корисниците на услугите, кој што ги пружа ЈЗУ Здравствен дом Крива Паланка во објектот на матичната служба и амбулантата во населено место Герман, се наведува во соопштението од Здравствен дом Крива Паланка.

Скопје - Отворањето на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ поради временските услови се одложува за утре, 11 септември 2024 година, соопшти денеска Општина Аеродром. 

Стендап-настапот на Антонио Ташковски и Никола Тодоровски се одложува за утре со почеток од 19:00 часот, по што ќе настапи Импров група, како што првично беше предвидено.

Следните настапи ќе се одржат според објавениот репертоар во паркот „Авионче“, а сите претстави почнуваат во 20:00 часот. 

Остани поврзан