• сабота, 21 декември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   1 октомври 2024

Неготино - Локална самоуправа Неготино денеска објави јавен повик за поднесување предлози за добитници на општински награда и признанија по повод 8 Ноември, ден на ослободување на градот и празник во општината. 

- Предлозите со задолжително писмено образложение можат да се доставуваат до архивата на Општина Неготино во периодот до 21 октомври. Наградата и признанијата се доделуваат на поединци, претпријатија, установи, здруженија на граѓани и други организации чии дела и резултати во работењето и дејствувањето придонеле за нивна лична и афирмација на општина Неготино, се вели во јавниот повик. 

Право на поднесување предлози за добитници на наградата и признанијата имаат заинтересирани граѓани, претпријатија, установи, здруженија на граѓани, месни заедници, група граѓани и други.

Охрид – Општинската организација на Црвениот крст од Охрид се приклучува кон кампањата на Обединетите нации во одбележувањето на 1 октомври - Меѓународниот ден на стари лица.

Во таа насока, во просториите на Организацијата денеска е организирана тематска средба на која ќе учествуваат претставници на Програмата за грижа за стари лица „Најди време“, што ја реализираат Црвениот крст од Охрид, претставници на Локалните самоуправи на Охрид и Дебрца, претставници на Здружението на пензионери двете општини и претставници на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. На средбата ќе се дискутира за иницијативите покренати од страна на Црвен крст Охрид-Програма за грижа за стари лица, за изградба и функционирање на Дом за стари лица и Дневен центар за стари лица на територијата на општините Охрид и Дебрца, како и за други горливи проблеми со кои се соочуваат старите лица во нашата заедница.

Предвидувањата укажуваат дека бројот луѓе на возраст од 65 години или постари во светски рамки ќе се зголеми повеќе од двојно, од 761 милион во 2021 година на 1,6 милијарди во 2050 година. Бројот лица на возраст од 80 години или постари расте уште побрзо. Жените имаат тенденција да живеат подолго од мажите и на тој начин го сочинуваат мнозинството постари лица.

Според податоците на Обединетите нации, Република Северна Македонија ќе доживее брз процес на стареење на населението во следните децении. Најновите податоци од пописот во 2021 година, на Заводот за статистика покажуваат дека 24 отсто од населението во РСМ е над 60 години. Постарата популација претставува речиси една четвртина од населението и овој тренд, дефиниран како стареење на популацијата, наметнува низа здравствени, социјални и економски предизвици, што пак имплицира зголемена потреба, пред се, од здравствени и социјални сервиси.

Црвениот крст од Охрид спроведува најразлични услуги за стари лица со цел подостоинствен и квалитетен живот на старите луѓе и дава придонес и активно се вклучува во креирање на политики за старите луѓе во локалната заедница. 

Кавадарци - Бесплатен оброк за ученици до петто одделение, втора учебна година по ред се реализира во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска информираше дека со бесплатниот оброк се опфатени вкупно 1.780 ученици од прво до петтто одделение. Тој појасни дека оброкот се доставува секое утро во секое училиште, каде што од страна на лица задолжени за тоа, им се дели на сите ученици.

- Втора година по ред Општината го спроведува проектот во сите основни општински и подрачни училишта. Овој проект што е исклучително важен за нас како локална самоуправа и за нашите дечиња, успешно се имплементираше претходната година, а еве и сега на почетокот на новата учебна година, кон што ќе се стремиме и во иднина. Проектот се реализира согласно претходно регулираните законски постапки за заштита на безбедноста и здравјето на учениците, соопшти градоначалникот. 

Тој подвлече дека менито е нутриционистички изготвено и вклучува разновидна храна, пијалок и овошје.

- Овој проект е инвестиција на Општина Кавадарци  во вредност од 20.000.000 денари, проект кој беше дел од мојата предизборна програма и еве веќе втора година се покажа како доста успешен, дечињата се задоволни, а тоа  ни е најважно, истакна Јанчев. 

Тој нагласи дека целта е финансиски да им се олесни на родителите, кои за првпат ги запишуваат своите деца во училиште, но и правилна и навремена исхрана за развој на децата.

- Општина Кавадарци продолжува со овој бесплатен оброк, здравје и следната учебна година, најави градоначалникот на Кавадарци, во изјава за медиумите.

Дебар – Со претставата „Графити“ во изведба на театарот од Прешево и доделувањето на наградите за најдобрите, доцна синоќа, заврши 23. Издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“, кој традиционално се одржува во Дебар.

Стручното жири наградата за најдобар актер му ја додели на актерот Јордан Симонов, за улогата на Павле, во претставата „Лагата“ во режија на Бесфорт Идризи, а во изведба на актери од Македонскиот народен театар.

Ова е второ фестивалско учество на претставата, по она на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, каде што актерот Симонов, за истата улога, го доби највисокото актерско остварување, лауреат.За најдобра актерка беше прогласена Суела Бајко од театарот „Алексадар Моисиу“ од Драч, која настапи во претставата „Отворен пар“ што заедно ја изведоа со актерите на гостиварскиот тетар. Наградата за најдобра режија му беше доделена на Куштрим Бектеши за претставата „Измамите на Патук“ во изведба на тетовскиот тетар. За најдобра претстава, стручното жири одлучи да ја прогласи „Графити“ на театарот од Прешево, во режија на Насер Шатроли.

- Задоволството е големо што успешно го релизиравме и ова издание на фестивалот. Голема благодарост до сите кои го помогнаа неговото одржување, до учесниците и секако до дебарската публика, која, сите шест фестивалски вечери ја имаше во преполната сала во Центарот за култура. Останува да го опствариме нашиот долгогодишен сон, оваа значајна манифестација да биде иституцонализирана. Не знам, но, да бидам искрен, верувам дека тоа конечно ќе се оствари, рече за МИА, Илбер Нуредини, директор на фестивалот.

Одржувањето на фестивалот финансиски беше поддржан од македонското Министертво за култура со 750 илјади денари, општина Дебар со 370 илјади, како и други донатори. 

Штип - Со три модни ревии синоќа почнаа Деновите на модата во Штип. Во една од празните фабрички хали на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ се реинкарнираше модната индустрија во градот, во кој се сконцентрирани најголем дел од конфекциите во земјава, кои имаат, пред се, лон производство. Но, во изминатите години неколку штипски компании почнаа да создаваат свои брендови, а со своите модни креации веќе се препознатливи и на домашниот и странскиот пазар.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека градот Штип три дена ќе живее во знакот на модата, а настаните се организираат во соработка со домашните компании кои произведуваат свои брендови, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Здружението „Гласен Текстилец“.

-Целата организација е во насока на мотивирање и стимулирање на модната индустрија, нејзина реинкарнација, ребрендирањето и реорганизацијата на оваа индустрија по којашто нашиот град е познат, како локална самоуправа се одлучивме на овој чекор. Затоа што глобалните трендови го налагаат сето ова, вели Јорданов.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека на Денови на модата во Штип синоќа се презентираа и модели на реномирани македонски модни дизајнери, на моделите имаат работено ментори и млади дизајнери, а студентите биле од Академијата „Скала Џорлев“.

-Инспирирани беа од пет елементи на природата, вечерва ќе видите 12 модели, кои беа направени преку проект и планирани за лицитација. Меѓутоа сакаме вечерва да бидеме присутни тука и да дадеме свој придонес преку овие модели, вели Ампева.

Модната дизајнерка, Катерина Тошев истакна дека со моделите ќе се презентираат и на Модниот викенд во Скопје, каде што за моделите ќе има аукција, а средствата ќе одат за лица кои се од социјално ранливи категории и за проекти од областа на образованието.

Мики Црнокрак истакна дека ова е несекојдневен настан за Штип, кој, како што вели треба да биде секојдневен или барем еднаш месечно, бидејќи Штип е најголемиот македонски град на модата од поранешните познати југословенски фабрики, од кои се произлезени помали фабрики, а има и голем број на модни дизајнери.

Денови на модата во Штип продолжуваат вечер во 19 часот со модни ревии на штипски конфекции кои произведуваат свои брендови.

Скопје - Без вода денеска ќе останат корисниците на дел од ул. „Орце Николов“ и дел од корисниците од населба Трнодол.

ЈП Водовод и канализација - Скопје информира дека поради дефект на огрлица од ф 80мм на ул. „Кнез Хадсон“ бр 2 . без вода ќе останат корисниците од населба Трнодол, а водоснабдувањето ке биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.

Поради водоводен приклучок од ф 80мм на ул. „Орце Николов“ бр. 64, без вода ќе останат корисниците на дел од оваа улица (кулите бр.1 и бр.3), а водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата. 

Скопје - Поради планирани зафати во електро - дистрибутивната мрежа, утре без напојување со електрична енергија ќе останат делови од општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сопиште и Шуто Оризари, информираат утрово од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

Од 8:30 до 12 часот, без струја ќе бидат корисниците од улицата „1520“ во населбата Пинтија, општина Кисела Вода. Во истиот период, без струја ќе бидат поголем дел од корисниците во Волково, од пругата во Ново Село до кружен тек во Волково, општина Ѓорче Петров.

Од девет до 15:30 часот, корисниците од дел од улиците „Брсјачка Буна“, „Овчеполска“, „Виетнамска“, „Пелагонија“ во општина Шуто Оризари. Додека, од 10 до 16 часот, корисниците на дел од село Горно Соње кај црквата во општина Сопиште. 

Скопје - Поради уличен дефект на водоводната мрежа, без вода од 08:00 часот се корисниците во дел од Студеничани, соопшто ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до отстранување на дефектот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан