• четврток, 04 декември 2025
МИА Општински пул

6 октомври 2025 

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажува најновиот неделен Извештај на ЈП „Водовод и канализација“.

Анализите за квалитетот и безбедноста на водата ги спроведе Секторот за санитарна контрола од 29.09.2025 до 03.10.2025. Земени биле 210 примероци за физичко-хемиска и 210 примероци за микробиолошка анализа од 45 мерни места во Градот Скопје.

-Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, наведува ЈП „Водовод и канализација“.

Скопје - Поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем. Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се два дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје. 

- Поради овие дефекти, во неколку населени места од градот дојде до прекин на водоснабдувањето, но по брзата реакција на нашите екипи водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот, се вели во соопштението. 

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека нивните екипи веднаш излегле на терен и работат интензивно на санација на дефектите со цел во најкраток можен рок да се обезбеди целосна нормализација на водоснабдувањето.

Скопје - Префрлени се парични средства за исплата на августовската плата за вработените на „Флораком“ и „Луна“, фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје, изјави за МИА претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски.

Тој кажа дека исплатата следи по седумдневните протести од вработените на „Флораком“ и „Луна“, а денеска вработените одржале краток протест од 8:30 до 9:30 часот без блокирање на улиците, само пред влезот на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје.  

Кашиковски апелираше раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ веднаш да почне со правење напори за обезбедување средства за исплата на септемвриската плата за да не бидат принудени повторно вработените од ЈП „Паркови и зеленило“,  „Флораком“ и „Луна“ нивното основното човеково право и основно работничко право на плата да го бараат преку протести и блокади на булеварите и крстониците во Град Скопје.

Вевчани - Поради приклучок на вториот дел од кабелот на трасата Суво поле - Вевчани утре без напојување со електрична енергија ќе бидат селата Вевчани, Октиси и Горна Белица.

Прекинот, како што соопшти градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, ќе биде во периодот од 9 часот до 14 часот и 30 минути. 

Тетово - Јавното комунално претријатие за водовод и канализација „Шар“ од Тетово информира дека е прекинато водоснабдувањето во градот поради повеќе од десет дефекти во водоводната мрежа. Екипите на ЈКП „Шар“ се на терен и интензивно работат со максимален капацитет за што побрзо нормализирање на водоснабдувањето.

-Ги замолуваме граѓаните за разбирање и Ве уверуваме дека водоснабдувањето ќе биде нормализирано веднаш по санацијата на дефектот, велат од ЈКП „Шар“.

Крива Паланка - Со вечерашната претстава "Артисти кои чекаат" на Општински театар Ќустендил, Бугарија ќе биде затворено 17. изание на Меѓународниот театарски фестивал "Свети Јоаким Осоговски“.

Синоќа, на седмата фестивалска вечер публиката се насмеа до солзи со настапот на Белградскиот театар со претставата "Љубов на селски начин".
Преполната сала во Националната установа Центар за култура имаше одлична можност да се забавува со репликите од претставата на извонредната актерска екипа од Белград, Србија, предводена од ѕвездата од познатите "Курсаџии", Саша Пантиќ.

Во рамки на 17 Меѓународен театарски фестивал настапија: НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, Велес со современа адаптација на класичната комедија на Бранислав Нушиќ, „Госпоѓа Министерка“, групата Милош Ѓоковиќ ПР од Крушевац, Србија, со комедијата "Холивудски сон", театарската група „Златен заб“, Скопје со драмата „Вечерва сме сами“, струмичкиот театар од НУЦК НТ "Антон Панов" со „Петок 13-ти“, Народниот театар „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија со претставата "Меѓа", а фестивалот го отворија врвните театарски уметници од Театар Комедија, Скопје со "Вистина".

Скопје - Без електрична енергија денеска од 9:00 до 13:00 часот ќе останат корисниците од улицата „Пелистерска“ 4-1/8 во општина Карпош. 

Во периодот од 9:00 до 14:00 часот без струја ќе бидат корисниците од улиците „3“ и „5“, како и околните објекти во нивна близина во Сарај. 

Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекините се поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа во Град Скопје. 

Скопје - Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје вечер ќе се одржи разговор со писателката Румена Бужаровска, чиј роман  „Тони“ е книга на месецот и дел  од четвртиот циклус на кампањата на Библиотеката - „Читаме современи македонски автори“.

-Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Книгата е во издание на Издавачки центар ТРИ, соопшти Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ .

Румена Бужаровска (1981, Скопје) е писателка, преведувачка и професорка. Авторка е на романот „Тони“ (2024) и на четири збирки раскази преведени на повеќе од петнаесет јазици. Расказите од збирките „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ добиле голем број меѓународни признанија и рецензии и се поставени како шест театарски претстави во земјата и во странство. Бужаровска е авторка и на збирката есеи „Господ, па Америка“ (2024) и на студија за хуморот во расказот „За смешното“ (2012).

Скопје - Во рамки на 48-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, вечер од 20 часот во Музејот на македонската борба концерт ќе одржи Гудачкиот квартет „Атака“.

Како што соопшти Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), на програмата се дела од Лука Јанкулоски, Бојана Петровиќ Алексова, Ана Пандевска и Стефан Гајдов.  Гудачки квартет „Атака“ е формиран во 2022 година. Составот го сочинуваат Ева Богоевска и Марија Трајковска (виолини), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска (виолончело).

-Музичарки со веќе значајно искуство како солистки и како членки на различни оркестри и камерни состави, со образование стекнато под менторство на реномирани професори во земјата и странство. Формиран пред три години, „Атака“ за краток период се наметна како еден од најактивните млади камерни ансамбли на домашната сцена, соопшти организаторот.

Скопје - Во Салон 19,19 во Културно-информативниот центар-Скопје вечер солистички концерт ќе има пијанистот Арда Мустафоглу.

Како што соопшти КИЦ, тој ќе настапи со концертна програма што спојува различни музички епохи.

-Публиката ќе има можност да слушне неколку сонати од композиторот Доменико Скарлати, како и една од најимпозантните творби на Лудвиг ван Бетовен – Сонатата „Апасионата“, информира КИЦ. 

На концертот ќе му се придружи и виолинистот Јаков Ангелов, со кого Мустафоглу ќе ја изведе композицијата „Чакона“ од Томазо Витали.

Остани поврзан