• понеделник, 23 декември 2024
МИА Општински пул

27 ноември 2024

Прилеп - Со заеднички час со младите генерации, матурантките од првата генерација на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“, денеска свечено прославија 60-години матура. Од 18-те први дипломирани медицински сестри-акушерки во Прилеп, на заедничкото одбележување беа две за да се присетат и да го одбележат овој голем јубилеј. Инаку, медицинското училиште со првата генерација медицински сестри-акушерки е второ отворено во земјава, по она во Скопје.

Магда Матракоска, родена Тинтоска, е една од првата генерација акушерки во Прилеп. Вели дека спомените за почетоците во совладувањето на благородната професија-акушерка се полни со носталгија и сознание дека работела на терен по селата, ги породувала жените и никогаш немало несакани последици.

Кочани - Во Археолошкиот музеј Стари град во Будва, Црна Гора, е отворена изложбата „Теракотните икони од Виничко Кале“, што заедничи ја организираат Јавната установа Музеи и галерии - Будва и Музејот „Теракота“ од Виница.

Изложбата е дел од програмата за одбележување на Денот на Општина Будва, а репрезентативната збирка на познатите теракотни икони посетителите ќе можат да ја видат до 15 јануари. Авторки на изложбата се Јулијана Иванова, Благица Стојанова и Магдалена Манаскова, а на отворањето беше нагласено дека приказите на теракотните икони зборуваат за универзалноста на христијанскиот свет и цивилизацијата меѓу 5 и 6 век, што асоцира на оригиналност и сакрална естетика.

Струмица - За да се излезе во пресрет на барањата за згрижување на деца се потребни 500 згрижувачки семејства, а во моментот во државата има 360. Потребата е огромна, ситуацијата е сериозна и затоа сакаме во Општина Струмица, но и во сите градови и подрачја граѓаните да се заинтересираат, да се пријават за згрижувачи, но и да им дадеме поддршка на оние кои одлучиле да згрижат деца, рече Јулијана Гапо, директор СОС „Детско Село Македонија“ на денешното отворање на Подрачното одделение на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства Струмица.

 

Според Гапо, планираат да развиваат и други социјални услуги како што превенција и работа со биолошки семејства коишто се во ризик.

Кавадарци - Се реновира интернатот во Кавадарци што постои повеќе од шест децении. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска го посети Ученичкиот дом ,,Крсте Петков - Мисирков". 

- Со општински пари се реновираат осум соби од интернатот со 40 легла. Објектот добива нова библиотека,  како и реновирани тоалети и целокупно нова електрична инсталација на спратот што се реконструира, нови врати и прозорци. После толку години, ученичкиот дом конечно ќе добие и нов и посоодветен влез и нови прозорци во кујната, појасни директорот Александар Ангелов.

Кавадарци - Реконструирана е спортската сала во Електро - машинското училиште „Киро Спанџов - Брко“ во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска рече дека спортот е многу важен сегмент, а подобрувањето на севкупните услови за учениците и вработените, придонесува за зголемен интерес за учење во оваа воспитно - образовна установа. 

- Останува уште да се изработи комплетен проект за доградба на уште шест училници и реновирање, за што подобри услови и најсовремена опрема. Стручните училишта се подлога за стопанството, но и за идните академски кадри, истакна градоначалникот.

Штип - Минимално било присуството на жените политичарки за време на парламентарните избори во новинарските текстови на веб порталите, покажа истражувањето кое се спроведе од страна на Меѓународната фондација за изборни системи( ИФЕС). Ова денеска беше преезнтирано пред жените политичарки и претставници на невладините организации во Штип на тракалезната маса „Промовирање на инклузивно покривање на жените за време на изборите на онлајн медиумите“.

Билјана Бејкова од НВО „Инфо центарот“ вели дека во мониторингот биле опфатени 32 интернет портали.

Битола - „Повторното обединување на двете Кореи“ од Жоел Поерат, во режија на Јуш Зидар е нов проект НУ Народен театар-Битола чија промоција е закажана за утревечер во овој град.

Младиот словенечки режисер прв пат гостува во Битола, а најчесто работи со театрите во Љубљана, Марибор и Цеље. На сцената Зидар постави провокативна драма што ја истражува комплексноста на љубовта, врските и човечките емоции низ впечатливи и вознемирувачки сцени.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје подигнале и транспортирале приближно 60 кубни метри непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини во скопските општини Кисела Вода, Центар, Ѓорче Петров и Чаир.

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, на улицата „Димо Хаџи Димов“ во општина Кисела Вода се подигнати 10 кубни метри непрописно одложен отпад од картонска амбалажа.

Остани поврзан