• вторник, 14 мај 2024
МИА Општински пул

2 април 2024 

Кочани - На почетокот на идната недела ќе бидат зафатени проточните води од реките во кочанскиот регион, по што ќе започне полнењето на нивите пред почетокот на овогодишната сеидба на оризот.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани истакнуваат дека состојбата со акумулациите од хидросистемот е исклучително поволна, дотокот на вода од речните притоки е стабилен што ќе овозможи навремен старт на сезоната за наводнување во целиот источен регион.

Куманово - Детската претстава „Малата сирена“ на кумановскиот театар, утре повторно ќе биде изведена пред најмладата публика во Куманово со почеток во 16 часот. Билетите се достапни за подигање од билетарницата на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, информираа денеска од установата.

„Малата сирена“ премиерно беше изведена пред пет години и ова е нејзино 28 играње пред децата од Куманово и од државата.

Режисерката на претставата, Бојана Краљевска изјави дека сè уште има интерес за оваа претстава.

Штип - Разбирање и прифаќање е се што сакаме, порачаа од Центарот за поддршка на децата со аутизам, по повод одбележувањето 2 април- Меѓународниот ден на лицата со аутизам. Во штипското Општинско основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ денеска се организираше активност во која учествуваа ученици од паралелките за посебни потреби и ученици од редовната настава од (ООУ) „Ванчо Прќе“.

Борче Петревски дефектолог во ООУ „Ванчо Прќе“ посочува дека целта на ова дружење е да се помогне во надминување на стереотипите и социјализацијата кај децата со потешкотии при развојот.

- Денес преку активност на тема „Да засадиме во сино“, центарот за подршка на учењето, го одбележа 2 април- Меѓународен ден на лицата со аутизам. Учество на оваа активност зедоа ученици од посебните оделениа, ученици од редовна настава од второ и четврто одделение од нашето училиште. Целта на ова дружење е да се помогне на децата со аутизам да се дружат со своите врсници, да се помогне на нивна социјализација и надминување на стереотипите кои постојат кај лицата со потешкотии со развојот, изјави Петровски.

Битола - На иницијатива на организацијата „Про Локал“ во Битола денеска е формирана регионална платформа за млади во која ќе членуваат девет општини и девет организации од пелагонискиот регион.

Платформата е формирана во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, финансиски поддржан од Амбасадата на Кралство Холандија.

Скопје - Во рамки на големиот проект кој произлегува од програмата За Модерно Скопје и се реализира во сите 23 градски средни училишта, во соработка со скопските јавните претпријатија, во средното училиште “Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров, партерно и хортикултурно се уредува дворната површина со акција за засадување на дрвја и садници, нова тревна паркова површина, поставување нова урбана опрема. Овој проект им овозможува на средношколците пријатен престој на отворено во катчиња во кои можат да се дружат, имаат можност за организирање на предавања и едукативни работилници. 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и над педесет ученици од скопските средни училишта „Кочо Рацин“ и „Георги Димитров“ заедно со наставниот кадар, организираа голема еколошка акција за уредување на дворот во средното училиште „Кочо Рацин“ во која засадија дрвја и садници како продолжение на серијата на активности кои Градот Скопје ги реализира заедно со скопските средношколци за подигање на свесноста и зголемување на зелените површини, зелените коридори и паркови во Скопје. 

Струга - Вработен во јавното претпријатие „Национални шуми - шумско стопанство Јабланица-Струга“ незаконски дал службен чекан за жигирање дрва и овозможил нелегален транспорт на дрва.

СВР Охрид денеска соопшти дека ОВР Струга поднело кривична пријава против С.П.(57) од Вевчани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ Несовесно работење во службата“.

- Тој, во својство на службено лице вработен во јавното претпријатие „Национални шуми-ШС Јабланица-Струга“, ја искористил својата службена положба и незаконски, на управител на едно трговско друштво, му го дал на располагање службениот чекан за жигирање со кој бил лично задолжен, изјави портпаролот Стефан Димоски.

Куманово - Центарот за јавно здравје Куманово прогласи епидемија на пертусис на ниво на Куманово, соопштија денеска надлежните од јавната здравствена установа. Епидемиологот доктор Едита Размизи кажа дека од 26 пријавени на ниво на Центарот, 23 заболени се во Куманово.

- Земајќи го предвид зголемениот број на заболени од „голема кашлица“ епидемиолошка поврзаност сметаме дека треба да се пријави епидемија на пертусис за територија на град Куманово со вкупно 23 заболени од кои пет се регистрирани, хоспитализирани лица. Возраста на заболените се движи од 4 месеци до 60 години. Најголем број се од 1 до 4 годишна возраст, потоа е под една година, таа од пет до 9 години, останатите се застапени по еден случај. Секако дека останува препораката и апелот да се вакцинираат децата за да се заштитат од оваа болест. Сите случаи се лабораториски потврдени од кои најголем број се потврдени во микробиолошка лабораторија во центар за јавно здравје Куманово. Во однос на вакциналниот статус на заболените од Куманово осум лица се целосно вакцинирани, три се вакцинирани согласно возраста, пет лица се нецелосно вакцинирани, шест се невакцинирани, за лицето од 60 години вакциналниот статус е непознат, изјави д-р Рамизи.

Скопје - Општина Ѓорче Петров во реонскиот парк со пригоден настан денеска го одбележа 2 април - Денот на раѓање на македонскиот херој, и нивен  патрон и великан Ѓорче Петров, а во негова чест делегaција од oпштината предводена од градоначалникот Александар Стојкоски се поклони и положи букети цвеќе пред неговиот споменик.

Стојкоски истакна дека голема е честа да го славиме животот на историски личности кои оставија значаен печат во македонската историја.

-Посакувам неговата љубов кон Македонија на сите да ни биде инспирација во годините што доаѓаат. Тоа, ќе не однесе на добар пат да работиме во континуитет за подобрување на нашето секојдневие и условите за живот на локално, централно и регионално ниво, порача Стојкоски.

Тетово - Општина Тетово во соработка со сите општински училишта денеска на градскиот плоштад организираше активност по повод Меѓународниот ден на аутизмот, под мотото „Светот не би имал живот без боите“. Учениците изработуваа цртежи и други ликовни творби со цел да се подигне свеста за аутизмот.

- Сакаме да потенцираме дека овој ден е важен за да покажеме дека сите сме различни на некој начин и тие различности не прават еднакви. Сите деца без разлика дали се аутистични или не работат заедно, креираат заедно за да покажеме дека секој на свој начин може да придонесе во друштвото, ако им се даде можност. Од овој настан ги повикувам сите институции за да правиме заедно повеќе за оваа категорија на овие наши граѓани за да им дадеме можност утре кога ќе пораснат да бидат важен дел на нашето општество, изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

Куманово - Во Основниот суд во Куманово на денешното прво судско рочиште против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановските градежни фирми „Делукс ауто“ и „Хромак“  за случај со недобивање дозволи за градење на висококатници во Куманово, е одложено за 30 април.

Градоначалникот Димитриевски изјави дека верува во институциите на системот и покрај тоа што во големите „осила“ има и пчели кои ги почитуваат законите. Тој нагласи дека обвинението е монтирано, има за цел да го наруши неговиот дигнитет и истакна дека и на преходните избори се соочувал со притисоци.

- Ниту сум спречил, ниту ќе спречам некој да гради згради висококатници, но кога се работи за училишта, медицински објекти, тоа е јавен интерес и јас сум должен да го штитам. Ова е фарса во контекст на избори и сметам дека ќе доживее фијаско, ќе оставиме на времето. Ќе се заложам максимално од позицијата за која претендирам да го демонтираме овој судски систем кој постои во соработка со обвинителскиот и МВР во целост, рече Димитриевски.

Скопје - Во ЈП Лајка во март годинава хуман третман поминале 125 кучиња, од кои 107 биле беа заловени од нивните заловувачки тимови, а 18 биле донесени од граѓани.

Вдомени се 37 кучиња, а 86 се вратени на матичната локација, инфирмираат од ЈП Лајка.

Штип - Пуштена е во употреба првата катна гаража на улицата „Ванчо Прќе“, која се наоаѓа зад Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека во првата катна гаража се инвестирани околу десет милиони денари.

-Рационално го уредивме овој простор, за паркирање на две нивоа. Станува збор за едно сообраќајно решение, со кое се дуплираа паркинг позициите и на оваа површина имаме корисни 55 паркинг места, кои веќе се во функција. Повеќе од десет милиони денари се инвестирани од буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните, вели Јорданов.

 

Остани поврзан