• вторник, 11 февруари 2025
МИА Општински пул

10 февруари 2025

Скопје - Општина Ѓорче Петров продолжува со успешно реализирање на проектот за изградба на првата училишна спортска сала во населба Хром. Денес, на терен, се поставуваат челичните решетки од кровната конструкција, што претставува еден од клучните чекори во завршувањето на овој долгочекуван објект.

„Ветувањето дадено пред жителите на Хром, денес е во процес на реализација,“ изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. За првпат во историјата на оваа населба, учениците ќе добијат услови за спортски активности во модерна и опремена сала, која досега им беше недостапна.

Штип - Во Основниот суд во Штип денеска почнува судењето против Фадил Зејнелов, кој на 1 ноември 2024 изврши убиство na 29-годишната Емилија Пешева.

Според истрагата на Основното јавно обвинителство, за убиството на штипјанката Пешева се обезбедени докази според кои обвинетиот на 1 ноември 2024 година, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка.

Скопје - Непознати сторители минатата недела опожариле два сада наменети за одлагање на комуналниот отпад во скопската населба Серава во општина Чаир. Контејнерите биле со зафатнина од 1,1 кубен метар и лоцирани на улицата „Серава“, информира  ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје.

Микролокацијата веднаш била целосно исчистена од екипите на ова јавно претпријатие, а потоа биле поставени и нови садови за одлагање на отпадот.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка, без вода од 10:15 часот се корисниците на дел од улиците „Томе Пуре“ и „Душко Поповиќ“ во општина Бутел, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот

Скопје - „Ден на побезбеден интернет“ (Safer Internet Day) ќе се одржи денеска во основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче.

Како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, на настанот ќе присуствуваат и министерот Стефан Андоновски и в.д. градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.

Скопје - Утрово е најстудено во Берово, -11 степени, а најмногу снег има на Попова Шапка, 31 сантиметар, информира УХМР. 

До 08:30 часот се измерени и -8 степени во Крива Паланка и Маврови Анови, -7 е на Попова Шапка и во Битола, -6 во Крушево, Скопје-Петровец, Штип, Велес и Прилеп, -4 во Кавадарци, Виница и Скопје-Зајчев Рид, -3 во Охрид и Претор, како и -2 во Гевгелија и Струмица. Снег има и во Маврови Анови, 13 сантиметри.

Скопје - Во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска во Клубот на новинарите ќе се одржи настан посветен на „Дигитална трансформација и вештачка интелигенција - предизвици и можности“. 

На настанот ќе се дискутира за најновите трендови, можностите за развој, како и предизвиците што ги носи оваа технолошка ера, поаѓајќи од правните и етичките аспекти поврзани со употребата на ВИ, како и можностите што ги нуди вештачката интелигенција во образованието и медиумите.

 

Остани поврзан