• петок, 14 март 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

   14  март 2025

 

 

Скопје - Инженерската институција на Македонија, на 14-то Генерално собрание, го прогласи 21 март за Ден на македонските инженери.

Оваа одлука Инженерската институција на Македонија ја донесе како наследник на традицијата за струково и еснафско организирање на инженерите од 1920 година. Годинава таа одбележува и 105 години од основање на првото македонско здружение на инженери.

Според професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, прогласувањето Ден на македонските инженери значи градење мост меѓу дамнешното минато и иднината во македонското инженерство. Токму затоа чествувањето на јубилејот го посветуваме на младите, кои со својата енергија ги следат новите технологии на глобално ниво и се движечка сила на целокупниот општествен развој.

Белград - Амбасадата на САД во Белград издаде безбедносно предупредување за американските граѓани во врска со утрешниот протест на кој може да се соберат стотици илјади луѓе во Белград и ги повика да избегнуваат толпи и места за масовни собири, пренесе Н1.

„Во Белград се очекуваат големи протестни акции со вкупен број учесници кој може да достигне стотици илјади. Протестите би можеле да се прошират во поголем дел од центарот на Белград, особено во областите во близина на државните институции и седиштето на јавниот сервис на РТС“, се наведува во известувањето за американските граѓани објавено на веб-страницата на амбасадата.

Атина – Промени во неколку Министерства меѓу кои и оние за национална економија и финансии, за инфраструктура и транспорт, за енергетика, за миграција итн, направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека пак Јоргос Герапетритис и Никос Дендиас се меѓу министрите кои останаа на нивните позиции, односно во Министерствата за надворешни работи и за национална одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Брисел - Централната тема на агендата на мартовскиот Европски совет ќе биде конкурентноста, но ќе продолжиме и со адресирање на неодамнешните случувања во врска со Украина и следните чекори за одбраната по презентацијата на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, наведува претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во поканата упатена денеска до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот на ЕУ закажан за 20 и 21 март во Брисел. 

Брисел - Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас и комесарот за одбрана, Андриус ​​Кубилиус предложија европските земји да ја намалат нивната зависност од САД за стратешки важна воена опрема, се вели во нацрт-документот до кој дојде ДПА.

Нацртот предупредува дека САД потенцијално би можеле да одлучат да ја ограничат употребата или дури и да ја запрат достапноста на клучните компоненти за воената оперативна способност, наведува ДПА.

Брисел – Постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ во Брисел до доцна синоќа не успеаја да постигнат компромис за ново шестмесечно продолжување на пакетот санкции воведени поради руската агресија врз Украина. 

Доколку договорот за продолжување на санкциите кон Русија не биде постигнат во следново деноноќие, тие ќе престанат да важат утре вечер на полноќ. 

Според најавите од Советот на ЕУ, амбасадорите на земјите членки ќе се сретна одново и денеска во обид да ја убедат Унгарија да се откаже од блокирање на договорот за продолжување на санкциите. 

Анкара - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ја гледа Турција како партнер во безбедносните гаранции за Украина и додаде дека Киев е подготвен да го ратификува договорот за слободна трговија меѓу двете земји.

Тој вчера во Киев се сретна со турскиот министер за одбрана Омер Болат и министерот за земјоделство Ибрахим Јумакли и со нив разговараше за билатералните односи, соработката во производството на беспилотни летала, како и за учеството на турски компании во обновата на Украина.

Вашингтон - Повеќе од половина од Американците, вклучително и секој четврти републиканец, веруваат дека претседателот Доналд Трамп е „премногу блиску“ до Русија бидејќи радикално ја менува надворешната политика на САД, покажува новата анкета на Ројтерс/Ипсос, пренесе БТА.

Истражувањето, завршено во средата, исто така покажа дека експанзионистичката агенда на Трамп, која говореше за стекнување на Гренланд, Канада и Панамскиот канал, не добива силна поддршка.

Денвер - Дванаесет лица беа полесно повредени кога авион на Американ ерлајнс слета на меѓународниот аеродром во Денвер, Колорадо, и се запали, предизвикувајќи активирање на гумени тобогани за патниците да можат брзо да се евакуираат.

Летот од аеродромот Колорадо Спрингс до Далас Форт Ворт беше пренасочен кон Денвер и авионот безбедно слета синоќа околу 17:15 часот, откако екипажот пријавил вибрации на моторот, соопшти американската Федерална авијација (ФАА).

-Додека авионот се движел кон гејтот, моторот на Боингот 737-800 се запалил, соопшти ФАА.

Москва - Руските власти им кажале на своите американски колеги дека не сакаат пратеникот Кит Келог да биде вклучен во разговорите за ставање крај на војната во Украина, изјавија американски функционер и друг извор запознаен со ова прашање.

Келог беше отсутен од некои разговори на високо ниво во последните недели, вклучително и состанокот во вторникот во Саудиска Арабија со украинската делегација во која беа американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и државниот секретар Марко Рубио. Тој исто така не учествуваше во разговорите со Русите во февруари во Саудиска Арабија.

Москва - Рускиот воен суд денеска соопшти дека осудил жител на областа Иркутск во источен Сибир на 14 години затвор за предавство во корист на Украина.

По нејзината инвазија на соседната земја во февруари 2022 година, Русија започна масовна акција против критичарите на војната, а судењата за „предавство“, „тероризам“, „екстремизам“, „саботажа“ и „шпионажа“ се зголемуваат.

Киев - Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 16 од вкупно 27 беспилотни летала испратени од Русија во текот на ноќта.

-Девет дронови не стигнале до своите цели, веројатно како резултат на акциите на силите за електронско војување, соопшти украинската војска.

Доцна синоќа во напад со дрон беа повредени седум лица во североисточниот град Харков, соопшти гувернерот на регионот Харков Олег Синегубов. 

Пекинг - Претставниците на Кина, Русија и Иран денеска по разговорите во Пекинг, повикаа на укинување на санкциите на САД против Иран воведени поради неговата нуклеарна програма што брзо се развива и за продолжување на мултилатералните разговори за ова прашање.

Разговорите се последниот обид да се покрене ова прашање и доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп испрати писмо до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во обид да ги започне преговорите.

Остани поврзан