• петок, 14 март 2025
МИА Флеш

  14  март 2025

 

 

Скопје - Добра вест. Македонија „скокна“ 10 места на Индексот за демократија на „Економист“. Бележиме скок од 10 места на Индексот за демократија за 2024 година на листата на „Економист“, наоѓајќи се на 62 место на листата, напиша премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил.

Зад Македонија, напиша Мицкоски, се најдоа Србија, Албанија и БиХ. Србија е на 64-тото место, Албанија на 66-место, а БиХ на 88-мо место. Во 2023-та и 2022-та Македонија се наоѓаше на 72-то место на листата на еминентниот „Економист“ во однос на Индексот на листата за демократија.

Скопје - Во Собранието денеска имаше уште еден обид за одблокирање на работата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, на чиј дневен ред има само една точка - Предлог измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. И денеска како и завчера работата на оваа Комисија остана блокирана, иако претседателот на Собранието Африм Гаши за претседавач ја назначи пратеничката од владејачката коалиција „Влен“ Имрлије Салиу-Фетаи откако во понеделникот пратеникот Бејџан Иљас одби да ја извршува оваа функција. 

Скопје - Во врска со најавите на ДУИ дека ќе поднесе интерпелации за целиот состав на Уставен, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, излезе со став дека никој во државата нема повеќе права од оние што му ги дава Уставот и дека секој е должен да го почитува Уставот, вклучувајќи го и Собранието. Во однос на интерпелациите на членовите на Судски совет, тој нагласи дека уставните гаранции за независноста на Судскиот совет се многу важни гаранции.

-Кристално е јасно, на секој правник од прва година студент му е јасно дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подлежи на начелото поделба на власт. Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за Уставниот суд и уставните судии. Ние сме контролори на таа власт, на сите три власти – законодавната, извршната и судската. Тоа би бил распад на уставниот поредок,изјави Костадиновски

Скопје - На 20 март во Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе се одржи подготвителната седница за Законот за јазиците, на која ќе учествуваат повеќе експерти, вклучувајќи претставници од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Венецијанската комисија и професори од правните факултети во државава.

Како што информираше претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, на денешниот брифинг со новинари, на подготвителната седница, која ќе се емитува во живо, се поканети Мартин Кујер, потпретседател на Венецијанската комисија и холандски врховен судија, кој ќе го образложи пријателскиот совет што нашиот суд го побара од Венецијанската комисија и Артурс Кучс, судија на Европскиот суд за човекови права со експертиза за малцинските права и употребата на малцинските јазици, кој ќе ја образложи праксата на ЕСЧП во слични случаи и ќе ги презентира европските стандарди за употребата на јазиците.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека денеска е последен ден од ИПАРД инфокараванот кој се реализираше во изминатите три недели при што биле одржани инфо средби со потенцијални корисници за Mерка 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски средства“ од ИПАРД 3 Програмата (2021-2027), низ сите региони во Македонија.

Скопје - Полициски службеници од СВР Велес вчера во 15.20 часот ги лишиле од слобода Р.П.(30), Б.В.(25) и И.З.(67), сите од Кавадарци.

Како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, тие се сомничат дека на нива, во близина на крстосница Градско, сопственост на правно лице од Скопје, предизвикале пожар и одзеле повеќе предмети.

Скопје - Лидерот на Алтернативата, Зеќирија Ибрахими, во видео изјава го
коментираше повикот за бојкот на локалните избори од страна на ДУИ, посочувајќи дека во корист на демократијата е во оваа партија што побрз да се случи реформски процес.

Доколку ДУИ сака да опстане, нагласува Ибрахими, Ахмети мора да си замине од ДУИ.

Скопје - Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, информираше дека на денешната седница на совет се донела одлука за финансиска помош за жртвите од семејно и родово базирано насилство. Како што истакна, наскоро ќе биде распишан Јавен повик на кој жртвите ќе можат да се пријават, а се гарантира и целосна дискреција на истите.

Скопје - Во сообраќајни контроли што вчера ги спровеле полициски службеници на подрачјата на сите сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност на МВР, од вкупно 807 издадените прекршочни платни налози, 172 се однесуваат на прекршоците поврзани со безбедносните норми односно неносење сигурносен појас и зборување на мобилен телефон.

МВР денеска соопшти дека од вкупниот број прекршоци, 102 биле изречени за некористење сигурносни појаси, а пак 70 платни налози се издадени за говорење на мобилен телефон при возење.

Тетово – Во рамки на денешната 48-та седница на Советот на општина Тетово се прифати предлог одлука за донација од приватна фирма со чии средства ќе се реконструираат две згради стари над 100 години, каде учат гимназијалците од македонски наставен јазик, а каде порано функционираше медицинското училиште. 

За предложената точка гласаа сите советници, иако на тоа му претходеше прашање од советниците дали компанијата ќе добие нешто за возврат. Градоначалникот Биљал Касами образложи дека оваа фирма и порано донирала и нема да добие нешто од општината.

Бања Лука - Одлуката на властите на Република Српска да продолжат да го кршат Дејтонскиот договор и да донесуваат закони спротивни на уставот на БиХ е опасен обид за загрозување на мирот, а одговорните за овие дејствија може да очекуваат кривично гонење, предупреди денеска Канцеларијата на високиот претставник за БиХ (ОХР), реагирајќи на одлуките донесени од парламентот на РС.

Копенхаген – Шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, денеска изјави дека Гренланд не може никој да го припои, реагирајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можна анексија на Гренланд.

-Не можете да анектирате земја сојузник или која било друга земја, бидејќи тоа го прекршува меѓународното право, рече тој во интервју за ТВ 2.

Варшава - И покрај острото отфрлање од САД, полскиот претседател Анджеј Дуда во изјава за британскиот Би-Би-Си го повтори апелот Вашингтон да ги распореди своите нуклеарни ракети на територијата на неговата земја како дел од програмата за нуклеарно споделување, а според последната анкета, тој има поддршка од дури 63 отсто од Полјаците.

Според истражувањето на Институтот Полстер, 37 отсто од испитаниците се против распоредување нуклеарно оружје на полска територија, додека 63 отсто го поддржале апелот на претседателот до американскиот сојузник.

Брисел - За зајакнување на европската одбрана потребни се огромни инвестиции во подолг временски период, се наведува во предлог текстот на Белата книга за иднината на одбраната во Европа, што Европската комисија треба да ја претстави следната недела. 

Во документот, во кој увид имал бриселскиот портал „Политико“, се наведува дека ЕУ мора да работи на „огромниот проект“ за зајакнување на нејзината одбранбена индустрија, со цел да ја одврати Русија и да ја поддржи Украина во услови кога „САД се повлекуваат од Европа“. 

Брисел - Европската унија треба да биде подготвена да оди толку далеку што доколку се покаже за потребно и двојно да ја зголеми воената помош за Украина, на 40 милијарди евра, се наведува во документот на Европската служба  за надворешна акција во кој увид денеска имале британските медиуми.

Во документот, ажурирана верзија на претходниот предлог што не вклучува целна сума, исто така, се наведува дека „секоја земја на ЕУ што учествува во напорите треба да придонесе според својата економска тежина“.

Брисел – Членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) во вторник ќе расправаат за Предлог-извештајот за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, подготвен од специјалниот известувач за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц. 

Како што соопшти ЕП, анализирајќи го напредокот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, Предлог-извештајот „ги препознава чекорите што земјата ги презеде за решавање на различните прашања што го попречуваат процесот на нејзино пристапување“ кон Унијата.  

Брисел - Високи дипломати на Европската унија утринава се согласија да ги продолжат санкциите против околу 2.000 руски граѓани, вклучително и претседателот Владимир Путин, многу високи политичари и бизнисмени.

Санкциите, кои мора да се обновуваат едногласно на секои шест месеци, остануваат на сила до 15 септември 2025 година.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини шефот на израелската безбедносна служба „Шин Бет“, Ронен Бар, за организирање „уцена“, откако поранешниот шеф на службата Надав Аргаман се закани дека ќе открие „се што знае за Нетанјаху ако го прекрши законот“.

Како што пишува сајтот „Тајмс оф Израел“, Нетанјаху со месеци се обидува да го замени Бар, за да ја префрли одговорноста за неуспесите врз безбедносниот сектор за нападот на Хамас на 7 октомври, а не на политичкото раководство.

Киев - Украина соопшти дека во текот на ноќта гаѓала складиште за ракети и две станици за компресија на гас во Русија, неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин изрази резерви за американскиот предлог за прекин на огнот во Украина, кој Киев го прифатил.

Украинската специјална служба (СБУ) објави дека нивните беспилотни летала погодиле „складиште на ракети за системите С-300/С.400“ во руската област Белгород, која граничи со Украина, кога била предизвикана експлозија.

Тагови

Остани поврзан