• петок, 14 март 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  14  март 2025

 

Охрид – Општина Охрид ќе добие 3.418.650 денари, средства наменети за изработка на техничка документација за депонијата „Буково“.

Станува збор за средства обезбедени преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, што се реализира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со финансиска поддршка на Амбасадата на Шведска, Бирото за регионален развој и во партнерство со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Како што појаснуваат од Општина Охрид, средствата ќе бидат наменети за изработка на урбанистички и основен проект за затворање, рехабилитација и понатамошна грижа за некласифицираната и нестандардна депонија „Буково“.

Со оваа поддршка се подобруваат општинските капацитети за имплементација на инфраструктурни проекти во насока на интегрирано планирање на локалниот развој и заштита на животната средина.

Скопје – Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје соопшти дека од 17 март ќе биде отворено новото депо на пајак-службата на претпријатието, на новата локација до улица и мост „Беласица“ под Железничката станица.

Новото депо ќе биде поддршка на процесот на управување со паркирање, одржување и чистење на јавните површини, како и за да обезбеди поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг услугите. Се очекува оваа нова локација да донесе значителни придобивки во контекст на зголемување на безбедноста и редот во урбаната средина. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и ЈП ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и услугите во градот.

- Во новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2250 м2 и на истата се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видео надзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење, вели Душко Коцевски, директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Веќе од 17 март (понеделник), сите возила кои ќе бидат подигнати од службата може да се преземат од новата локација.

Скопје - Општина Центар во соработка со Црвениот крст на општинска организација Центар по повод денот на крводарителството, организира крводарителска акција која ќе се одржи во понеделник (17 март), во периодот од 09:00 до 13:00 часот, во Сала на Совет на Општина Центар, барака 6.

Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува сите жители на Центар да се приклучат на оваа важна акција. Чинот на дарување крв е едноставен начин да се спасат животи и да се покаже солидарност. Со секое дарување стануваме дел од процесот на спасување и помагање на оние во најголема животна опасност.

„Дарувањето крв не е само можност да помогнеме, туку и начин да ја изразиме нашата човечност. Со дарувањето, директно придонесуваме во спасување животи и ја поттикнуваме културата на хуманост во нашата заедница. Ги повикувам сите центарци да се приклучат на акцијата, секој може да биде нечиј херој. Во понеделник да даруваме крв и да им помогнеме на оние кои им е најпотребно“, истакнува Герасимовски.

Долгогодишната соработка на Општина Центар со Црвениот Крст, како и континуираната организација на крводарителски акции се од суштинска важност за позитивни промени и поттик на солидарноста во општеството. 

Велес - Општинската организација на Црвен крст Велес синоќа во големата сала на Општина Велес под мотото „80 години nие гледаме луѓе“  свечено одбележа 80 години од постоењето на Црвениот крст на РС Македонија. На свеченоста присуствуваа голем број поранешни и сегашни волонтери и активисти на Црвениот крст, како  и Ромел Велев претседател на Црвениот крст на Македонија. Тој  го честита јубулејот и врачи признанија на Црвенот крст за општините Велес, Градско и Чашка, кои ги примија градоначалниците на трите општини, Марко Колев,Киро Нацков и Горан Стојановски.

Велев потсети дека хуманоста и хуманитарните активности на нашите простори  егзистираат и повеќе од сто години, уште од времето на бившото Кралство Југославија. Низ годините Црвениот крст обезбедувал поддршка за време на Балканските и двете Светски војни, а како Црвен крст на Македонија започнува во 1944 година по првото заседание на АСНОМ кога Президиумот преку своето поверенство за социјална политика донело иницијатива за негово формирање на 17 март 1945 година, кога било одржано основачкото собрание и биле поставени темелите на Црвениот крст на Македонија.

-Во изминатите 80 години многу луѓе и фактори придонесоа за денешниот Црвен крст. Затоа најпрво голема благодарност до сите претходни генерации на хумани и добри луѓе кои се вградија во оваа организација за таа да биде толку успешна и убава. Со свеченоста под мотото „80 гогини ние гледаме луѓе“ во овој период Црвениот крст ги одбележува 8 –те децении на хумана мисија во државата со посебен акцент на соработката со локалната самоуправа.Без неа Црвениот крст тешко би може да ја исполни својата мисија кон граѓаните,затоа и овој голем јубилеј го одбележуваме преку нивна посета и на овој свечен настан им доделуваме признанија за успешната соработка, информира Велев.

Тој потенцира дека нема успешна приказна без поддршка на хуманите луѓе во општините и поддршката од нивните лидери градоначалниците.Додаде дека  нивната поддршка на Црвениот крст му овозможува да ги реализираат проектите и да ги обезбедат неопходните услуги за граѓаните.

Д-р Кевица Клифова претседателка на Општинската организација на Црвен крст Велес, потсети дека тие делуваат на териториите на трите општини Велес, Градско и Чашка. Воедно се  едни од најдобрите во земјава и се горди посебно на резултатите што ги постигнуваат на планот на крводарувањето со кое се препознатливи и надвор од земјава.

-Ние со години наназад исполнуваме над 200 проценти од планираните крвни единици. Во последно време имаме и одлични резултати на полето на првата помош со значителни победи на регионалните и државни натпревари. На завидно ниво е подготвеноста на тимот за одговор при катастрофи, како и работата на младите волонтери кои се носечка сила на организацијата, потенцира Клифова.

Таа додаде дека трансформацијата во општеството донесе и трансформација во работењето на Црвениот крст, но добрата соработка со работните организации,институциите и поединците задолжени за работењето  на Организацијата во нивната средина успешно продолжува. Искажа благодарност за стотиците и илјадници волонтери кои во изминатите 80 години беспоштедно се вложоле себеси и илјадници часови труд за хуманост и помагање на оние на кои им биле потребна помош од Црвениот крст.

Свеченоста беше збогатена со настапот на малите балеринки од Балетското студио „АНАБЕЛА“, а во холот на општината беше претставена и изложба на фотографии на некои од бројните активности и акции на Општинската организација на Црвен крст, која по завршување на свеченоста ја проследија присутните гости.

Инаку централната  прослава 80 години на Црвениот крст на Македонија е закажана за 18 март во Македонскиот народен театар во Скопје.

Остани поврзан