• четврток, 09 јануари 2025
МИА Општински пул

8 јануари 2025 

Кавадарци - Кавадаречката библиотека „Феткин“ воведе нови услуги за нејзините членови. Како што беше соопштено денеска, може да се резервираат книги преку интернет, како и продолжување на зајмена граѓа.

-Нема повеќе чекање за да се добие омилена најнова книга. Од 1 јануари библиотеката започна со отворање профили за своите читатели на онлајн платформата „cobiss plus mk“. Преку профилот може да се резервира книга што се сака да се проичита, без да мора да се чека да биде вратена на нашите полици, појаснуваат од библиотеката.

Скопје -  Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150  mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Струмица.

-Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, велат од Министерството.

Скопје - Скопје и утрово е меѓу 10-те градови со најголемо аерозагадување во светот.  Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју аир“, во 9 :45 часот главниот град се наоѓа на седмо место во светот и е најзагаден град во Европа. 

Со вредност на нивото на штетни ПМ честички од 164 единици воздухот во Скопје е во категоријата означена со црвено како „нездрав“ воздух.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат најновиот неделен извшетај на ЈП „Водовод и канализација“. 

Секторот за санитарна контрола на претрпијатието од 30.12.2024 до 05.01.2025 земало 155 примероци за физичко-хемиска и 155 примероци за микробиолошка анализа од 41 мерни места во Градот Скопје. Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека новата градинка Пролет која е прва по пет децении е изградена по највисоки светски стандарди за поквалитетен престој на дечињата и подостоинствени услови за работа на вработените.

-Градинката Пролет е прва во населбата Пролет и прва по 50 години во општината. Истата е енергетски ефикасна и модерна која треба да обезбеди опфат на 173 деца, сместени во 9 занимални. Горд сум што инклузивноста и пристапноста на децата со попреченост е воспоставена во проектот на градба. Градинката ќе располага со лифт и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попречености. Изградбата се одвиваше според предвидената динамика, брзо и непречено. Во месец март се надевам дека дечињата од населбите Пролет и Маџир Маало ќе бидат згрижени во оваа предучилишна установа, рече Герасимовски.

Скопје - Приближно 55 кубни метри отпад од диви депонии, лоцирани во скопските општини Чаир и Центар, вчера беа подигнати и транспортирани, соопштија денеска од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје.

- Најголемиот дел од активностите се одвиваа во скопската општина Чаир, каде отстранета е обемна дива депонија, лоцирана на улицата „Џон Кенеди“, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“. Оваа локација претставува таканаречена „црна точка“, каде веќе подолг период континуирано се одлага отпад на јавни или сообраќајни површини, се појаснува во соопштението на претпријатието.

Скопје  - Без електрична енергија денеска ќе останат дел од корисниците од село Пакошево, кон Ново Село (општина Зелениково).

Како што информираат од РЦУК, прекинот во снабдувањето со електрична енергија ќе биде во периодот од 10.00 до 15.00 часот. 

Прилеп - Во 2025 година, преку придобивките од патиштата треба да му се случи „експанзија“ не само на стопанскиот сектор на пелагонискиот регион, туку и на социјалниот и на секојдневниот живот проследен со безбедно патување. Во пелагонискиот регион со нетрпение се очекува ветената изградба на експресниот пат Градско-Прилеп, во 2025 година, а потоа и на автопатот Прилеп-Битола, што треба да биде готов во 2027 година. Регионот ќе го добие поврзување со другите региони во земјава и преку граничниот премин Меџитлија (кај Битола), излез во Грција и на Егејското море. Широчина на современото живеење што само инфраструктурата може да ја понуди.

Ветено е завршувањето на експресниот пат Градско-Прилеп. Се работеше во етапи, се стигнува до конкретни показатели: во 2025 година експресниот пат ќе биде готов.

Остани поврзан