• петок, 26 јули 2024
МИА Општински пул

4 декември 2023 

Гостивар – Преку донација и активности под мотото „Еден сон, многу можности“ на хуманитарното здружение „Д-р Трајче Нешковски“ опремена е една училница за ученици со попреченост во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар. Во просторијата, која денес беше предадена во употреба, монтирана е опрема, помагала, играчки и реквизити приспособени за престој и учење.

Идејата за ваквата активност на здружението е да се овозможи инклузивна училница за дваесетина деца кои учат во ова училиште да имаат свое катче.

- Тоа е важно не само во образовниот процес, туку и во општественото живеење воопшто за да создаваме можности, а не ограничувања. Се надевам дека нашите можности како здружение во иднина ќе дозволат овој пример да го пресликуваме и во други образовни институции, рече Ема Нешковска и упати повик до општествено одговорни компании, институции, здруженија и граѓани да придонесат во процесот на градење на инклузивно општество и еднакви можности за сите. Следните планови на здружението е да се набави опрема за сензорна интеграција.

Битола - Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола, вечер на сцената на битолскиот театар ќе изведе адаптирана театарска претстава на драмата „Бегалка“ од Васил Иљовски во која меѓудругите ќе настапат и актери-аматери, лица со  попреченост.

Театарската претстава е подготвена поводно, за Меѓународниот ден на лицата со попреченост и освен лица со интелектуална попреченост, во претставата ќе настапат актери од битолскиот театар, ученици од основните училишта „Тодор Ангелески“ и „Др Трифун Пановски“, како и средношколци од Државното музичко училиште во Битола.

Битола - Во битолскиот Офицерски дом отворена е изложба мозаици, дел од уметничкото творештво на академик Газанфер Бајрам.

Љубителите на уметноста и посебно на мозаикот, може да ги видат монументалните мозаици, како „Мостот“ (1997) што се наоѓа во зградата на МОБ во Скопје, шесте мозаици во салата на Собранието на Република Северна Македонија (1999), „Икаров лет“ (2000) мозаик во ВИП-салонот на Аеродромот во Скопје, трите мозаици Танчерка, Портокалов цвет 1, Портокалов цвет 2, во највисоката резиденцијална кула Портокал чичеџи во Анкара, како и монументално дело „Четири елементи - универзум“ во влезот на МАНУ.

Тетово - Општина Желино ја обвини централната власт дека придонесува за долгорочно уништување на природата затоа што дозволиле сеча на борови дрва на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, а што се наоѓа на општинско подрачје. Градоначалникот Блерим Сејдиу денес на прес-конференција рече дека поради тоа се одлучиле да го блокираат пристапот до локацијата.

- Се наоѓаме на местото каде веќе неколку дена и се случува еколошка „касапница“ на природата, дури и со дозвола на владините институции. Станува збор за сечење на борови дрвја, како резултат на тендер што го распиша „Државните шуми на Македонија“, а како резултат на овој тендер е склучен договор со приватна фирма, на која фирма и е дозволено да ги исече овие скапоцени борови кои се засадени уште од нашите предци и се чуваат од колено на колено со децении. Одлуката со која Управата за македонско шумарство дозволува сечење на овие скапоцени дрвја за нас претставува одлука против зачувувањето на животната средина и бруталното оштетување на природата, а оваа одлука е и ќе биде неприфатлива за нас, изјави Блерим Сејдиу.

Крива Паланка - Високата фискална транспарентност ја позиционира Крива Паланка на врвот на табелата со 83 отсто, највисок процент на даночна транспарентност во државата, заедно со Берово, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека Крива Паланка заедно со Липково се лидер-општини по фискална транспарентност и на ниво на Североисточен регион, со 15 од максимални можни 16 индексни поени.

-И на ниво на Североисточен регион, заедно со Липково, Крива Паланка е со најголем просечен индекс на буџетска транспарентност, додека на националната мапа, Североисточниот регион бележи и најголемо подобрување во фискалната транспарентност споредено со истиот период лани. Општините од овој регион годинава во просек се најтранспарентни на регионално ниво споредено со општините од другите плански региони. Тоа е потврда дека сите процеси што ги реализираме се високо оценети: документи, податоци и информации поврзани со локалниот даночен систем, но и она што е особено значајно за нас и редовно го практикуваме, низ форумски процес - учеството на граѓаните во носење одлуки, додаваат од општината.

Кавадарци - Во кавадаречката градска библиотека „Феткин“ денеска беа донирани книги на Брајово писмо за лицата со оштетен вид од страна на Зружението на слепи и лица со оштетен вид.

Во библиотеката беше реализиран настан за одбележување на почетокот на месец ноември, кој во интернационални рамки е во знакот на лицата со попреченост.

Активностите „Феткин“ ги организираше во соработка со Здружението на слепи лица и лица со оштетен вид и Основното општинско училиште „Тоде Хаџи - Тефов“.

Струмица - За неколку месеци населените места Василево, Градашорци, Ангелци и Едрениково конечно ќе имаат чиста и здрава вода за пиење преку обезбедување средства за реконструкција на филтер станицата „Ташли баир“, објавија денеска од Општина Василево.

Средствата во износ од 1.395.940 денари се обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој по потпишувањето на договорот со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамки на реализацијата на проектот „Преземи чекор-заштити ја животната средина“.

- Во рамките на овој проект Општина Василево обезбедува средства за набавка на опрема за реконструкција и сервисирање на опрема за филтер станицата „Ташли Баир“, односно за регионалниот водовод од кој со вода за пиење се снабдуваат населените места Василево, Ангелци, Градашорци и Едрениково, стои во соопштението од Општината.

Тирана - Македонското друштво „Илинден“ Тирана, кое беше иницијатор за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, регираше во врска, како што стои во реакцијата „пермолчувањето на фактите за  Лекторатот од страна на УКИМ“.

-Избирањето лектор со кој ќе почне да работи Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана е важно и за нас, Македонците во Албанија. Затоа и ние, македонското друштво „Илинден“ од Тирана, во е-изданието на нашиот весник ја споделивме веста што УКИМ ја објави преку „Фејсбук“, но мораме да реагираме затоа што УКИМ преку таа објава, заедно со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и неговата нова директорка ги премолчуваат фактите за Лекторатот по македонски јазик во Тирана, вклучително и нашата посветеност и придонес, стои во реакцијата.

 

Остани поврзан