• четврток, 03 октомври 2024
МИА Општински пул

3 октомври 2024 

Скопје - Од денеска до 6 октомври во Музејот на современата уметност - Скопје ќе се одржува четиридневен Фестивал на перформансот. Влезот е слободен, а фестивалот е составен од две програми, информираат од Музејот на современата уметност - Скопје.

- Главната програма е тридневен настан насловен „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија“ куриран од Биљана Тануровска - Ќулавковски и Славчо Димитров и се состои од проекции, предавања и перформанси. Додатна програма е програмата на партнерите, што произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма Вила 31 во Тирана, како и соработка со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI). Општата идеја на фестивалот е да се измислат различни начини на делување, што ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми, што се во потрага по еманципација, пишува во соопштението.

Како што се додава, фестивалот е второто поглавје од европската програма Култура.ЕУБалкан (2022-2024), чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители, меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и нивните истражувања.

Битола - Претставници на Управниот одбор на АД ЕСМ и на раководството на АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола, денеска на средба со новинарите ќе информираат околу актуелните состојби и подготовки на Комбинатот во пресрет на грејната сезона.

Претставниците на раководството на АД ЕСМ и на АД ЕСМ Подружница РЕК Битола ќе извршат увид на рудниците Суводол и Брод-Гнеотино. 

Прилеп – Три лица од Прилеп загинаа, а едно е повредено во тешката сообраќајна несреќа што се случила утрово пред 8 часот на патот Прилеп – Битола на излезот од градот, во близина на селото Лагово.

Сообраќајката настанала во директен судир меѓу патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски таблички кое се движело кон Битола и камион кој се движел во обратен правец, кон Прилеп.

Екипите на Противпожарната единица се уште се обидуваат да го изгаснат огнот зашто во директниот судир возилата се запалиле.

Според првичните информации од началникот на Итната медицинска помош од Прилеп, Боше Милошески, повикот до екипата го примила околу 7:45 часот и на лице место е констатирана смрт на тројца прилепчани, а додека со повреди се здобил возачот на камионот.

Скопје - Се уште е активен пожарот во зградата во скопската населба Чаир, кој избувна вчера. Во моментов на терен се три противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК потсетуваат дека вчера, од 1:50 часот, пожарот во Чаир го гаснеле 20 пожарникари со седум противпожарни возила поради запален магацин на улица „Прохор Пчињски“ бр.136 во подрумски дел на зградата.

Пожарот е проширен и на станбена зграда, на приземните дуќани, а имаше многу густ црн чад, поради што евакуирани се повеќе од жителите на зградата. Од Итната медицинска помош во 14:25 часот известиле дека имаат дадено прва медицинска помош на 10 деца, 21 возрасен, еден пожарникар и една бремена жена. Дополнително како помош на БППЗ на Град Скопје пристигнало специјално противпожарно возило на АРСМ, се вели во соопштението од ЦУК.

Охрид – На денешен ден пред 80 години во дебрчкото село Црвен Вода беше објавен Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ, документ што според своето историско значење значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него.

Жителите на Општината Дебрца се особено горди на минатото, на вечните слободарски идеали и оттаму денешниот ден 3 Октомври се слави како Патронен празник на општината.

Градоначалникот Зоран Ногачески по повод денешниот празник посочи дека во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја, како што рече „и во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ“.

„Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ. Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки. Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство“, рече Ногачески.

Велес - Со претставата „Мир“, на 21-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ 2024 синоќа настапи Театар „Идиоти“ од Јужна Кореја. Во режија на Ли Сангмунг на сцената настапија 11 актерки и актери низ игра со многу убави музички хитови од 8- тите и 90-тите и силни пораки да престане војната во Газа и сите војни во светот. На крајот од претставата со многу разнобојни балони на сцена упатија силна порака да завладее мир во светот.

Тие порачаа дека претставата ќе ја играат на сите светски сцени се додека во светот не престанат сите војни и не завладее мир. Со својот настап со широки насмевки и лесна игра ја воодушевија и дигнаа на нозе  публиката во велешкиот театар и на крајот заслужено добија долг и силен аплауз.

Инаку, оваа претстава е една од претставите која е во конкуренција за наградата Гран При за најдобра претстава како и останатите награди на фестивалот, за режија и за најдобра женска и машка улога.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица целосно е завршена изградбата на главниот колектор на фекалната канализација. Инвестицијата, како што објави денеска градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, е вредна 499.682,00 денари, финансирана е од општинскиот буџет и овозможува поефикасно одводнување на отпадните води. 

-Со оваа инвестиција очекувам подигање на квалитетот на живот во чиста животна средина, со подобрени хигиенски услови за сите жители на нашата општина, особено на спортистите и рекреативците кои во непосредна близина секојдневно го користат новоизградениот повеќенаменски спортски комплекс, истакна Атанасовски.

Куманово - Мед, матичен млеч, прополис, мелеми и други пчелни производи се нудат на кумановци на манифестацијата „Денови на мед“ која денеска беше отворена на градскиот плоштад. Манифестацијата која се организира по 24-ти пат ја организира здружението „Пчела“. Оваа година има бројни излагачи. Пчеларите ќе добијат средства наскоро, а од идната година, средства ќе бидат одвоени за оваа и за манифестациите кои промовираат квалитетни македонски производи, најави министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Цветан Трипуновски.

-Денеска ми е чест што на покана на здружението „Пчела“ од Куманово сум на оваа манифестација којашто секогаш го привлекувала моето внимание, затоа што е добро организирана имаме квалиетени производи, може да се промовира квалиеттниот македонски мед од овој регион. Ваквите манифестации веќе од идната година ќе бидат сериозно поддржани од страна на Министерството и од Владата, сѐ со цел и во другите делови од државата да имаме промоција на овој квалитетен бренд. Ние како министерство постојано работиме на подобрување на условите на пчеларите и финансиски да ги поддржиме. Паралелно наша обврска и сме се обврзале да работиме во делот на контролта на она што значи неквалитетен мед што можеби се продава ширум Република Македонија, сѐ со цел да го заштитиме ова домашно квалитетно производство. Исто така еве можам да најавам дека веќе се подготвени налозите коишто се пуштени до Министерството за финансии за доплата на оние 200 денари кон сите пчелари во Република Македонија и веќе од наредните денови можат да ги очекуваат средствата на своите сметки, изјави министерот.

Скопје - Општина Центар и „Нула Отпад” со низа активности под мотото „Пренеси ја пораката, одиме во лов на електронски отпад“ ќе ја подига свеста кај најмладите за правилно селектирање на е-отпадот и заштита на животната средина.

Како што информираат од Општина Центар, во рамките на овој заеднички проект, во сите основни училишта во општината е поставена за инфраструктура од контејнери ситен електронски отпад и отпадни батерии, а од 1-ви до 14 октомври се предвидени работилници наменети за едукација на децата за собирање и селектирање на овој вид отпад. 

На работилниците во ООУ „Киро Глигоров“ наменети за второоделенците денеска се приклучил и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

-Децата од мали нозе стекнуваат навики за правилно постапување со електронскиот и други видови отпад. Тие брзо учат како да собираат и селектираат и во тој поглед се посовесни и поодговорни од возрасните. Јас, како градоначалник, давам целосна поддршка на вакви акции што придонесуваат кон заштита на нашето здравје и околината, рекол Герасимовски. 

Скопје - Општина Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Ова возило, кое е донација од „Шпаркасе Лизинг“, ќе и биде понудено на Противпожарната бригада - Скопје со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода се заблагодари на компанијата за покажаната општествена одговорност, а директорот Марјан Манчев му ги предаде клучевите од возилото и најави дека ова е почеток на соработката од која треба да произлезат бројни проекти во интерес на граѓаните.

- Во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Општина Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило. Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата „Шпаркасе Лизинг“, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. 

Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби, како што рече, се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани.

 

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан