• четврток, 03 октомври 2024
МИА Радио флеш

  3 октомври 2024

 

Скопје - Министерот за јавна администрација на Република Северна Македонија, Горан Минчев и министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, во рамки на конференцијата во Љубљана, остварија билатерална средба со цел на зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на реформите во јавната администрација.

Како што информираат од Министерството за јавна администрација, на состанокот фокусот бил ставен на споделување искуства и најдобри практики во реформата на јавната администрација, доброто владеење и иновативните модели на управување.

Скопје - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1 656 повици на 112 во последното деноноќие и 16 пожари на отворено. Се уште е активен пожарот во зградата во скопската општина Чаир. 

Како што информира ЦУК, од 1 656 повици „реални“ биле 58,76 отсто, а 41,24 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

- Кон Полиција биле упатени 60,65 отсто, кон Итната медицинска помош 27,21 отсто, а кон пожарникарите 9,18 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК,  се вели во соопштението.

Скопје - Се уште е активен пожарот во зградата во скопската населба Чаир, кој избувна вчера. Во моментов на терен се три противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК потсетуваат дека вчера, од 1:50 часот, пожарот во Чаир го гаснеле 20 пожарникари со седум противпожарни возила поради запален магацин на улица „Прохор Пчињски“ бр.136 во подрумски дел на зградата.

Скопје - Директорката на УЈП Елена Петрова, со нејзиниот тим задолжен за наплатата на даночните приходи, се сретнаа со претставниците на мисијата на ММФ во земјата, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе, информираат од Управата.

Во фокусот на разговорите била наплатата на приходите во првите три квартали од годинава, очекувањата до крајот на 2024 година и проекција на приходите за идната година.  Освен тоа, се разговарало и за реформите кои се спроведуваат во рамки на УЈП, за активностите за справување со неформалната економија, како и процесот на дигитализација, со цел зголемување на приходите преку поголема наплата на даноците.

Скопје - По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на признание на вина против 30-годишен скопјанец за кривично дело насилство во квалификаторен облик сторено од омраза, казниво според член 386 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.Основниот кривичен суд Скопје го огласил Ф.Г. за виновен и му изрекол условна осуда, казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело три години по правосилноста на пресудата.

Подгорица - Зајакнувањето на безбедносниот сектор е еден од темелите на 44-та Влада заедно со забрзаната интеграција во ЕУ и зајакнувањето на економијата, рече премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ на церемонијата организирана од Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.

-Вака поставениот курс на Владата бараше извонредни напори од секој поединец. Можам да кажам дека сум горд на сработеното, но има многу работа пред нас, изјави Спајиќ.

Наведе дека за 10 месеци биле уапсени стотина лица од интерес на обезбедувањето, кои ја оштетиле државата за над 700 милиони евра.

Брисел - Барањето на Бугарија, Грција и Романија за интервенција на Европската комисија во врска со стандардно повисоките цени на струјата на енергетскиот пазар во Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа, ќе се најде на дневен ред на заседанието на министерскиот Совет за транспорт, телекомуникации и енергија на ЕУ, предвидено за 15 октомври во Луксембург. 

Њујорк - Обединетите нации во врска со одлуката на Израел да го прогласи генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш за „персона нон грата“, соопштија дека тоа е „уште еден напад на Тел Авив врз персоналот на ОН“.

Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик ја поздрави поддршката на членовите на Советот за безбедност на ОН за Гутереш на седницата за Блискиот Исток и ја коментираше одлуката на Израел.

Лондон - Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, се сретна со воените сили кои се подготвуваат за евентуална евакуација на Британци од Либан, додека Блискиот Исток е на раб на целосна војна, јави ДПА.

Тој им се заблагодари на војниците кои учествувале во операцијата за заштита на Израел за време на иранскиот ракетен напад пред два дена.

Два авиони „Тајфун“, поддржани од авион-цистерна, учествувале во операцијата, иако Министерството за одбрана соопшти дека поради природата на нападот со балистички ракети, „тие не погодиле никакви цели“. Според Министерството, авионите „имале значајна улога во поширокото одвраќање и напорите за спречување на дополнителна ескалација“.

Берлин - Германскиот пратеник за Западен Балкан, Мануел Зарацин, изјави дека нацртот на Статутот на Заедницата на општини со мнозинско српско население (ЗСО), кој е изработен од Европската Унија, е добар и дека Германија очекува Косово да го испрати нацртот до Уставниот суд.

„Имате нацрт што е изработен од ЕУ и вашите партнери и пријатели, и тоа е добар нацрт. Сакаме да го прифатите“, рече Зарацин на панел-дискусијата по повод 25-годишнината од германскиот ангажман во Косово.

Берлин - Денот на германското обединување денеска ќе биде одбележан со церемонија во северниот германски град Шверин, а истовремено и со демонстрации на повеќе места во земјата, организирани од движењето „Никогаш повеќе војна“, јави ДПА.

Секоја година различен германски град е домаќин на официјалната церемонија, која го одбележува датумот на обединувањето на Германија во 1990 година, по падот на Берлинскиот ѕид годината претходно. Денот е неработен за целата земја.

Се очекува канцеларот Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер да присуствуваат на прославата во Шверин, која ќе се одржи во државниот театар на Мекленбург, во присуство на 450 гости.

Никозија – Лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци, Никос Христодулидис и Ерсин Татар, заедно со генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш на 15 октомври ќе одржат трилатерална, но неформална средба во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Неформалниот состанок, што се споменуваше во изминатиот период, го потврдија и од двете страни.

Алтернативниот портпарол на Владата на Република Кипар Јанис Антониу за кипарската новинска агенција ЦНА рече дека претседателот Христодулидис „на 15 октомври во Њујорк ќе има средба со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и со лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар“.

Анкара - Годишната стапка на инфлацијата во Турција во септември се намали од 51,97 отсто на 49,38 отсто, соопшти денеска Турскиот институт за статистика (Туркстат).

Ова е четврти последователен пад на годишната инфлација во Турција, која сега е најниска од јули 2023 година.

Во септември цените на храната и безалкохолните пијалоци во Турција се зголемени за 43,72 отсто на годишно ниво, како и цените на превозот за 26,6 отсто, услугите во хотелите, кафулињата и рестораните за 65,41 отсто, алкохолните пијалоци и тутунот за 52,35 отсто, услугите во здравството за 50,7 проценти и образованието за 93,59 проценти, но во сите споменати категории растот на цените на годишно ниво е побавен отколку во август.

Вашингтон – Сопругата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Меланија во својата книга го поддржува правото на жената да го контролира своето тело, вклучително и правото на абортус.

- Императив е да се гарантира дека жените, врз основа на нивните убедувања, имаат автономија да одлучуваат за раѓање на дете, ослободени од каква било интервенција или притисок од Владата, пишува Меланија Трамп во мемоарите, што следната недела ќе бидат во книжарниците.

Тајпеј - Моќниот тајфун „Кратон“ го погоди Тајван, при што загинаа две лица, а повеќе од 100 се повредени, објавија денеска локалните медиуми.

Тајфунот донесе силен ветер и дожд, принудувајќи ги властите да ги затворат училиштата и канцелариите во сите градови и окрузи втор ден по ред, објави веб-страницата „Фокус Тајван“.

Шефилд - Многу педијатри и психолози велат оти раната употреба на паметни телефони може да предизвика долготрајна штета. Така, детето не треба да има свој телефон пред да наполни шест години, смета психологот и професорка на Факултетот за спорт и физичка активност при британскиот Универзитет Шефилд Халам, Лијана Азеведо.

Според неа, шестата година е критичен период во развојот на детето, пред којшто можеби не е соодветно да се изложува детето на какви било интерактивни медиуми.

Две лица загинаа, а 102 се повредени, додека две се водат за исчезнати, изјави тајвански официјален претставник.

Лос Анџелес - Многу авиокомпании ширум светот бараат пилотите воопшто да немаат брада, во ниеден облик. Зошто е тоа така?

Доколку има влакна на лицето, пилотот би можел да го загрози, пред сè - својот живот, а така и животот на другите. Видеоблогерот Зек Д. Филмс сподели симулација за тоа што сѐ може да тргне наопаку кога пилот со брада управува со авион...

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан