• среда, 03 јули 2024
МИА Општински пул 

10 јуни 2024

Струга - Македонската поетеса Ива Дамјановски беше претставена на 54. издание на поетскиот фестивал Poetry International, што се одржа од 6 до 9 јуни во Ротердам, Холандија, соопшти денеска Националната установа Струшки вечери на поезијата.

Дамјановски, според соопштението, настапила во главната програма, на поетското читање што се одржало во мултимедијалниот центар Зудплејн, каде секој автор пред неговиот настап бил преставен со специјално создадено мултимедијално видео.

Ива Дамјановски беше дел од интерактивната и мошне интересно осмислена „просторна“ поетска дебата, каде што поетите учесници ги изразуваа своите ставови и преку просторно позиционирање на сцената, соопшти СВП.

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска изврши увид во градежните активности во селото Драчево. Таму, во напредна фаза е реконструкцијата на повеќе улици кои се видно оштетени и на ваков реконструктивен зафат чекале повеќе од 30 години. Се работи на улиците “Солунска Глава”, “Тошевска”, “Шиндаровска” и крак од “Илија Ристевски”, потег со површина од околу 5000 квадратни метри, информираат од Општина Кисела Вода. 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакнал дека Општината продолжува со обнова на патната инфраструктура, со која, како што ветил, ќе бидат опфатени сите населби и населни места.

Скопје - Во просториите на Општина Илинден градоначалникот Александар Георгиевски и оваа година ги додели Решенијата на граѓаните кои имаа поднесено барање за добивање еднократна парична помош за купување на велосипеди, информираат од Општина Илинден. 

Градоначалникот Георгиевски истакнал дека Општината и оваа година ја спроведува оваа мерка за субвенционирање на купување на велосипеди, со цел, како што рекол, да се стимулираат граѓаните почесто да ги користат велосипедите и велосипедските патеки, заеднички да придонесеме за поздрава и почиста животна средина и здрави навики за живеење.

Тетово - Во канцеларијата „Европска куќа“ на Делегацијата на Европската Унија денеска во Тетово, беа доделени осум договори за грант со кои земјоделци и сточари од целата државата ќе можат да набават опрема и технологија со кои ќе може да го развиваат нивното земјоделство или сточарство. За модернизацијата Европската унија обезбеди 208.029 евра, што претставува 75 проценти од вкупната инвестиција, додека останатите средства се финансирани од грантистите.

Финансиската поддршка е обезбедена од инвестирање Европската Унија преку проектот Агро Смарт развој на модерно одржливо земјоделство“, а го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија – МРФП.

Кавадарци - Рачни изработки од минатото ќе бидат дел од современи модни парчиња и модни додатоци, во рамките на проект од национален интерес поддржан од Министерството за култура. Координаторот на проектот, модната дизајнерка Сара Милевска,  за МИА појаснува дека проектните активности ги спојуваат уметноста, екологијата и хуманоста. 

Со користење на текстилниот отпад како уметничко средство за изразување, вели таа, се привлекува вниманието на прашањето за отпадот од текстил, како тешко распадлив материјал, што е еден од главните придонесувачи за загадувањето на животната средина. Милевска истакнува дека фокусот на оваа иницијатива е соочување со овој еколошки проблем на локално ниво, тиквешки регион, што преку креативно и уметничко изразување ќе придонесе за решение на овој проблем. Проектот, додава таа, претставува мост помеѓу богатото наследство од минатото и современата мода.

Струмица - За новиот градски пазар во Струмица, што ќе биде најголем во државата, веќе втор пат е распишана јавна набавка и очекувам дека ќе се јават компании кои ќе дадат понуда што ќе одговара на условите пропишани од страна на Општина Струмица и граѓаните ќе добијат нов и современ градски пазар, изјави денеска градоначалникот Костадин Костадинов.

Според него, со тоа ќе дојде до растоварување на пазарот „Чешел“ и, како што рече, со тоа се тргнува дилемата дали ќе ги иселат пазарџиите кои функционираат во пазарот „Чешел“, бидејќи тие таму ќе продаваат се додека не заврши целосната изградба на новиот пазар. Новиот пазар, појасни, треба да биде лоциран до Автобуската станица на парцела што е во сопственост на државата и нема потреба од експропријација, со што нема да се одолговлекува изградбата.

Штип - Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски денеска на прес-конференција информираше дека набавиле нова машина ровокопач која ќе им овозможи побрза изградба, како и чистење на теренот на тешко достапни места. Новата градежна машина чини 2,5 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на јавното претпријатие.

Стефановски истакна дека оваа машина ќе има примена за специфични операции при изградба на тротоари, улици, атмосферска канилизација,  чистење или уредување на коритото на река Отиња. Штип има карактеристична конфигурација на терен, но и улици во одредени делови на градот, чии коловози се потесни и не се стандардни.  

Пехчево - Во Пехчево и населените места кои се дел од оваа Општина утре во периодот од 19:00 до 04:00 часот ќе биде спроведено теристичко третирање против комарци. Со третирањето, како информираа од Општината, ќе бидат опфатени течението на реката Писа во Пехчево, барскиот систем Езерце и сите зелени површини и улици во градот и околината.

-Границата на третирање кое е закажано за вторник (11.06.2024) започнува од северо-запад од атарот на с.Чифлик и течението на река Писа во правец на Пехчево, притоа опфаќајќи ги сите зелени површини во градот, сообраќајници, места за одмор, протечни, стоечки води и сл. Од градскиот стадион и градските гробишта третирањето ќе продолжи во правец на север, северо-исток кон м.в. ,,Елата,, и с.Негрево. во правец на југ и југо-запад третирањето ќе се спроведе во правец на индустриската зона за мало стопанство, кон месноста ,,Бодовица,, и градската депонија, истакнаа од Општината.

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до надлежните институции да се координираат и веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид на улицата „Белградска“ над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кој е во лоша состојба и е накосен, а денеска на бројот 112 дури добиле и пријава дека дел од ѕидот е срушен.

-Од страна на ЦУК досега во повеќе наврати е интервенирано и се испратени дописи до Министерството за здравство, до градот Скопје и до општина Центар, но и до низа други јавни претпријатија во чија надлежност е решавањето на овој проблем. Затоа апелираме за итна координација помеѓу надлежните институции и итно надминување на оваа опасност, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Тој појасни дека во ноември 2022 година до ЦУК стигнале пријави од неколку граѓани дека постои опасност да падне потпорниот ѕид кој е на улицата што е веднаш над Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и дека е во лоша состојба и е накосен. 

Куманово - Ученици од кумановското средно стручно училиште „Перо Наков“ се обучуваат за ткаење, преку проектот „Промовирање на женската иновација и креативност на пазарот“. Учениците на денешната работилница насловена „Заживување на традицијата на ткаење на разбој“ со Дамјан Ристовски ги презентираа стекнатите знаења пред наставниците, обучувачите, амбасадорот на Словенија во земјава и претставници на здружението „Добредојде Македонија Центар“. 

Aмбасадорот на Словенија, Грегор Прескер рече дека проектот е продолжение на претходен со кој се обучиле жени од повеќе градови.

-Сметме дека е добар проектот, бидејќи има интерес меѓу учениците и пред сè за жените од ранливите групи за да научат и полесно да се вклучат на пазарот на труд во земјава. Имаповеќе работилници низ градовите. Во Словенија, исто така. се поддржуваат старите занаети преку различни проекти, бидејќи не смеат да се заборават и се потенцијална можност за отворање нови работни места, а тука е и поттикнувањето на креативноста, изјави Прескер.

Штип - „Сите прекрасни нешта“ е нова премиера на анасамблот на Народниот театар Штип во режија на Нела Витошевиќ. Премиерата на претставата е утревечер во 20 часот на сцената на Народниот театар Штип.

Режисерката Витошевиќ на денешната прес-конференција истакна дека депресијата, анксиозноста на младите, самоубиствените нагони се клучните мотиви, кои се  проткаени во претставата „Сите прекрасни нешта“. 

-Во самиот текст се преплетуваат наративни форми заедно со дијалошки форми, самата претстава нема линеарно време целата се раскажува преку сеќавања на еден 35-годишен човек, сеќавања за неговиот живот кои што се убави сеќавања и лоши сеќавања, се со цел да се потенцира проблемот на менталното здравје, рече  Витошевиќ.

Делчево - Општина Делчево распиша јавен повик за крајни корисници за учество во  Општинско- корисна работа. Повикот се однесува на активноста „Посета и нега на стари лица“. 

-Општина Делчево ги известува сите заинтересирани лица кои сакаат да ги користат услугите од програмата „Општинско- корисна работа“ за активноста „Посета и нега на стари лица“ да се пријават во просториите на Општина Делчево најдоцна до 26.06.2024 (среда), информираа од Општина Делчево

Активноста, појаснуват, опфаќа набавка на топол оброк, набавка на основни продукти за хигиена и исхрана, препишување и набавка на лекови, плаќање сметки, пружање на елементарна помош и грижа за старите изнемоштени лица, мерење крвен притисок и шеќер во крвта.

 

Остани поврзан