• сабота, 21 декември 2024

Меџити: Законот за употреба на јазиците е тема поради половични и нецелосни решенија на политиките на ДУИ

Меџити: Законот за употреба на јазиците е тема поради половични и нецелосни решенија на политиките на ДУИ

Тетово, 6 декември 2024 (МИА) - Јавноста дискутира за законот за употреба на јазиците поради нецелосните решенија и досегашните политики кои ги водела Демократската унија за интеграција (ДУИ), оцени денес владиниот потпретседател и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Ова е негов став даден по барање на новинарите на настан во Тетово, а по денешното соопштение на ДУИ кои посочија дека секој обид за укинување на која било одредба тој закон не е само правен чин, туку претставува директен удар врз стабилноста и мирот.

-Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право значи за ова прашање, тоа е ДУИ. Заради нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Ова прашање да беше апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови денес немаше да биде тема на дискусија. Тема на дискусија е заради половичните и нецелосните решенија токму на ДУИ, истакна Меџити.

Според него, ова е чувствително прашање и треба разумно да се пристапи, по одлуката на Уставен суд да расправа по законот за употреба на јазиците.

- Ја повикувам јавноста, сите значи, ова е чувствително прашање. Рамковниот договор е дел од уставниот поредок на Република Македонија. Врз основа на Рамковниот договор и сите тие кои посакуваат добро на државата, добро на меѓуетничките односи, на стабилноста треба разумно да пристапиме кон овој договор. Нема да навлезам во таа работа на Уставниот суд. Јас само повикувам дека ова не е правно прашање, туку и политичко прашање што ја тангира и стабилноста на државата, рече Меџити.

Уставниот суд на 11 декември треба да ја разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците. ас/ев/

ФОТО:МИА 

 

Остани поврзан