• среда, 12 март 2025

Притвор од 30 дена за Капушевски, за Јахоски определен куќен притвор

Притвор од 30 дена за Капушевски,  за Јахоски определен куќен притвор

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва им определи мерка притвор во траење од 30 дена на бизнисменот Ратко Капушевски и на уште две лица опфатени со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а на сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски му одреди куќен притвор.

- По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, соопшти вечерва Кривичниот суд

За останатите седум осомничени кои беа спроведени во Судот, судијата го прифати предлогот на Јавниот обвинител и донесе решени за определување на мерки за претпазливост.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

-По повеќемесечна предистражна постапка во предмет што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформено по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата, во текот на вчерашниот ден и денес беше спроведена акција на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево во која се приведени 11 лица, едно лице е во бегство, а едно во притвор, соопшти Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека јавниот обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР денеска донел наредба за спроведување на истражна постапка против 13 физички и едно правно лице.

- Во периодот од 2021 до 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра, велат од Обвинителството.

Во намерата со умисла им помогнале вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ со што им помогнале да се склучат договори за јавна набавка и испорака на мазут до 24.02.2023 година.

- Паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД Електрани Северна Македонија – Скопје, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила„Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице, појаснуваат од Обвинителството.  дма/бак/

Фото:МИА архива

Остани поврзан