• понеделник, 23 декември 2024

Меѓународна конференција во Скопје за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Молдавија

Меѓународна конференција во Скопје за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Молдавија

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Во организација на Мрежата за родово одговорно буџетирање (РОБ) на 19 и 20 октомври во Скопје ќе се одржи меѓународна конференција насловена „Going Glocal: Родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Молдавија“.

На средбата со новинарите Марија Ристеска извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики, кој е дел од Мрежата, информира дека форумот има два дела, од кои првиот е посветен на глобални прашања коишто се битни за концептот на РОБ, неговата примена во мултилатерални организации како ЕУ, Светска банка, ОН. Во овој контекст, ќе бидат евалуирани маркерите за родова еднаквост коишто следат како се лоцираат развојните пари на овие мултилатерални организации за родова еднаквост, како се трошат и дали тие вродуваат со резултати, односно дали помагаат во унапредување на родовата еднаквост.

Во фокус на вториот дел ќе бидат повеќе локални и регионални теми и како се користат алатките за РОБ при планирање на регионален развој, во инвестициски политики, во поддршка на приватниот сектор и на програми за управување со кризи, потоа во услови кога се работи за ситуација на конфликт и како се распределуваат средствата за жртвите од конфликтот, дали истите имаат одговор на специфичните потреби на жени жртви на конфликти.

-Ќе учиме од искуствата на Барселона, Виена, Бјелина коишто ќе ни презентираат како преку родова одговорно буџетирање го трансформирале својот локален живот. Секако ќе имаме и многу убави примери од Македонија. Одбравме да ги презентираме примерите од Делчево, Брвеница и од Струга, но најавм дека добри пракси имаме и во Липково, Кавадарци, Кривогаштани, Чаир, Шуто Оризари, вели Рисетска во пресрет на конференцијата. 

За тоа колку кај општините постои свест за одговорноста за родово одговорно буџетирање во насока на унапредување на положбата на жената, Ристеска потсетува дека во февруари оваа година се усвои новиот органски закон за буџети којшто предвидува во 2025 година задолжително да се спроведува РОБ. Според неа, засега се изградени капацитети кај околу половина од општините во земјава за спроведување родова анализа на потребите на мажите и жените и другите подгрупи, како жени со хендикеп, мажи коишто живеат во далечни села кои се доста маргинализирани, живеат сами итн.,.  

-Во секој случај потребно е да се градат се уште капацитети за да може да се препознаат разликите од потребите помеѓу мажите и жените коишто произлегуваат од родовите улоги од стереотипите, и од традициите коишто се уште преовладуваат и коишто ни овозможуваат да ние ги реализираме еднаквите права коишто ни се предвидени во нашите закони. Но освен што ни треба капацитет, потребна е и политичка волја Засега имаме градоначалници коишто имаат политичка волја да ги вклучат родовите прашања во буџетот и да одговорат на различните приоритети потребни на жените преку подеднакво распределување на буџетските средства заради тоа што знаат дека на тој начин обезбедуваат подобар развој на општината и се зголемува довербата во нив како власт, а од страна на сите оние коишто имаат право на глас па повторно можат да ги реизберат, истакнува Ристеска.

Потребно е, вели таа, уште да се работи и на подеднаква распределба на средствата, како и на капацитетот на администрацијата да ги потрошат парите што ги планирале, бидејќи во моментов, вели, постои голем јаз помеѓу планираните средства и она што е реализирано. Заради тоа, е многу битно да се градат и капацитетите на невладините организации, да ги следат трошењата на парите за да се зголеми реализацијата и на планираните средства за тие да бидат од корист на сите граѓани.  Во однос на Буџетот на државата, таа посочува дека земјава има пракса на родово одговорно буџетирање.

-Македонија е земја која има пракса на РОБ, што значи дека некои 14 министерства и агенции на централно ниво, барем една програма од својата работа ја прават да биде родова сензитивна, а со тоа алоцираат средствата да бидат во баланс распределени, но буџетскиот документ, се уште не ни покажува колкав е родовиот буџет, односно колкав процент од средствата кои се планирани ќе имаат влијание на родовата еднаквост, односно ќе ја унапредат состојбата и статусот на жената, или пак односите помеѓу мажите и жените во нашето општество. Оттука потребно е да се зголеми и нивото на транспарентност, одговорност и отчетност на Министерството за финансии, што верувам ќе се случи во 2025 кога ќе почне да се применува новиот закон за буџетите и тоа е предвидено како задолжително, вели Ристеска.  

На Регионалниот форум за родово одговорно буџетирање, во Скопје ќе присуствуваат државни службеници, претставници од интернационални организации и граѓански здруженија од повеќе од 20 држави од Европа и регионот. Форумот е завршен настан во рамки на проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијтиви, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за
родова еднаквост". вг/ev/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан