• понеделник, 23 декември 2024

Меѓународна конференција во Битола - „Полска и Балканот во Европа – успеси и предизвици“

Меѓународна конференција во Битола - „Полска и Балканот во Европа – успеси и предизвици“

Битола, 1 јули 2022 (МИА) - Меѓународната конференција „Полска и Балканот во Европа – успеси и предизвици“ организирана од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола е со цел да се пренесе искуството на Република Полска во нејзиниот евроинтегративен процес, истакна Горан Илиќ, декан на Правниот факултет во Битола.

Република Полска дава силна поддршка на Република Северна Македонија и токму затоа конференцијата ја организираме заедно со Центар за Европа кој работи на Универзитетот во Варшава, посочи деканот Илиќ.

-Со универзитетските професори од Полска, односно од Универзитетот во Варшава ќе презентираме трудови и видувања за подобрување на стандардите и состојбите во Република Северна Македонија и државите од Западен Балкан, а со цел динамизирање на евроинтегративниот пат. Импонира тоа што Министерството за надворешни работи на Република Полска дава поддршка која на Правниот факултет во Битола ќе биде презентирана низ неколку работилници во кои ќе бидат вклучени и наши студенти, истакна Илиќ.

Според професорот Камил Зајачковски, директор на Центар за Европа при Универзитетот во Варшава во Полска, искуството на неговата држава и патот до членство во Европската унија е значајно и за македонската Влада, но и за македонските граѓани.

-По повеќегодишна, десетгодишна стагнација сега повторно се зборува и е момент за проширување на ЕУ и ЕУ размислува за проширување и не само на Балканот. Ова е момент кој треба да се искористи иако станува збор за долг процес кој можеби ќе трае и 15 години. Верувам дека по завршувањето на тој процес Македонија ќе стане членка на Европска Унија, истакна гостинот од Полска, Зајачковски.

Јавна поддршка на конференцијата организирана од Правен факултет при УКЛО-Битола дадоа амбасадорот на Полска Војциех Тицињски, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, ректорот Сашо Коруновски и градоначалникот Тони Коњановски. мт/хс/

Остани поврзан