Мерсие за посетата на Кос на Белград: Ќе се разговара за европскиот пат на Србија и политичката ситуација во земјата
- Теми на разговор на еврокомесарката за проширување Марта Кос со нејзините домаќини во Белград ќе бидат европскиот пат на Србија и актуелната политичка ситуација во земјата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие во одговор на новинарско прашање дали Кос со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе разговара за неговото претстојно патување во Москва на 9 мај и за сите потенцијални последици од оваа посета по патот на неговата земја кон членство во ЕУ.

Брисел, 29 април 2025 (МИА) - Теми на разговор на еврокомесарката за проширување Марта Кос со нејзините домаќини во Белград ќе бидат европскиот пат на Србија и актуелната политичка ситуација во земјата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие во одговор на новинарско прашање дали Кос со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе разговара за неговото претстојно патување во Москва на 9 мај и за сите потенцијални последици од оваа посета по патот на неговата земја кон членство во ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, без да го спомене престојот на Вучиќ во Москва, Мерсие само истакна дека Кос вечерва ќе допатува во официјална посета на Белград, каде ќе престојува и утре.
- Посетата ќе биде фокусира на односите меѓу ЕУ и Србија и реформите поврзани со пристапувањето кон Европската Унија, рече Мерсие.
На прес-конференцијата по завршувањето на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург на 14 април, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас истакна дека министри од повеќе земји членки на ЕУ порачале дека секое евентуално учество на претставници на државите од Западниот Балкан на парадата по повод завршувањето на Втората светска војна на 9 мај во Москва, нема да биде прифатено благонаклоно од европска страна, имајќи предвид дека сега Русија води тотална војна во Европа.
- Многу јасно ставивме до знаење дека не сакаме ниту една земја кандидат да учествува на овие настани на 9 мај во Москва. Пораката беше многу јасна, потенцира Калас.
Изминативе две недели Европската комисија во неколку наврати посочи дека во сегашниот контекст Русија го користи одбележувањето на крајот на Втората светска војна за да ја оправда својата агресија врз Украина, така што е важно да не се дава легитимитет на тоа со учество на вакви настани.
На прашање кон средината на месецов дали евентуалното присуство на Вучиќ на парадата во Москва би имало влијание врз Србија и нејзиниот европски пат, Мерсие изјави дека не би сакал да шпекулира што би можело да следи по ваква посета.
- Она што можам да го кажам е дека Србија аплицираше и преговара за нејзино членство во ЕУ. Ваквата одлука на Србија имплицира дека земјата треба да се усогласи со ЕУ, вклучително и во однос на надворешната политика. Така, ЕУ сака Србија да биде сигурен европски партнер за заедничките принципи, вредности, безбедноста и просперитетот и потребно е Србија да не увери во ваквата стратешка позиција, рече тогаш Мерсие.
Инаку, во најавата на Европската комисија за дводневната посета на Кос на Србија се наведува дека таа ќе се сретне со претседателот Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут, со претседателката на Парламентот, Ана Брнабиќ, со пратеници од владејачката коалиција и опозициските партии, како со претставници на граѓанското општество и медиумски организации, ректори и декани на неколку универзитети и факултети во Белград и со жени лидерки од различни сектори. Предвидено е Кос да го посети и Нови Сад, каде ќе им оддаде почит на жртвите од трагедијата на железничката станица што се случи на 1 ноември минатата година.
- Посетата ја одразува континуираната поддршка на ЕУ на патот на Србија кон Европската Унија, истовремено нагласувајќи ја важноста на транспарентноста, инклузивноста и почитувањето на владеењето на правото и фундаменталните вредности, охрабрувајќи го конструктивниот дијалог и нудејќи ја својата помош, се додава во соопштението. сп/
Фото: МИА архива