• четврток, 11 јули 2024

Повеќе од 40 лица приведени во Италија поради измама со мигрантски визи по реакција на Мелони

Повеќе од 40 лица приведени во Италија поради измама со мигрантски визи по реакција на Мелони

Рим, 10 јули 2024 (МИА) - Повеќе од 40 лица се приведени во Италија поради измама со мигрантски визи, соопштија денеска полицијата и обвинителството. Нивните апсења доаѓаат неколку недели откако премиерката Џорџа Мелони рече дека мафијашките групи го користат системот за да заработат пари.

Уапсени се 44 лица, од кои 13 се во затвор, 24 во домашен притвор и 7 во притвор. Тие се обвинети за различни кривични дела, како што се членство во организирана криминална група насочена кон олеснување на илегалната имиграција, перење пари и издавање лажни фактури.

Уште 10 осомничени добија забрана за тргување во траење од 12 месеци. Според обвинителите во јужниот град Салерно, во близина на Неапол, осомничените поднеле лажни барања за виза во име на мигрантите на кои им било потребно спонзорство од работодавачите за да го започнат процесот. Тие поднеле околу 2.500 апликации од 2020 година „врз основа на непостоечки или лажни податоци“, соопштија обвинителите.

Оттаму додаваат дека мигрантите платиле по 7.000 евра за да го забрзаат процесот кој се состоел од бројни бирократски процедури.

Запленет е имот во вредност од шест милиони евра, соопштија обвинителите, истакнувајќи дека некои од осомничените обвинети за перење пари се поврзани со Камора, мафијата во и околу Неапол.

Главниот обвинител на Салерно, Џузепе Брели, изјави дека истрагите биле забрзани откако Мелони во јуни изјави дека има опасност од можна визна измама. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан